ИНТЕРВЈУ СО САША БОГДАНОВИЌ: Нема веќе бетонски џунгли и наполитанки згради, туку многу зеленило, градинка и училиште

1955

Советот на Општина Центар минатата недела на вонредна седница го усвои заклучокот преку јавен конкурс архитекти и урбанисти да понудат креативни решенија како да се уреди парцелата на поранешната фабрика „Треска“. Со градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ разговаравме што ќе значи тоа во пракса и што би можеле да очекуваат центарци да се изгради на таа локација, а да биде запазен јавниот интерес. Богдановиќ одговара и на обвинувањето од претседателката на Советот на општината дека „конкурсот е само легален параван зад кој стојат бизнис интереси“ и како новото решение за оваа локација ќе биде вклопено во новиот ДУП, кој е во подготовка и како ќе се усогласи со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

*На јавен конкурс ќе се уредува парцелата на поранешната фабрика „Треска“. Што тоа ќе значи во пракса?

Општина Центар ќе распише конкурс во кој ќе се определи урбанистичко решение за тоа што ќе биде на тој простор. Ќе се формира комисија по моја иницијатива како градоначалник и која ќе ги даде сите параметри и програмски задачи што таму треба да се прави. Комисијата ќе се формира оваа недела бидејќи одлуката беше потпишана минатата недела. Денеска со Секторот урбанизам ќе одржам состанок и да ја договориме целата работна група и како ќе функционира комисијата.

*Одлуката беше одобрена од Советот на општина Центар. Претседателката на Советот, Јана Белчева, обвини дека конкурсот е „само легален параван зад кој стојат бизнис-интереси“. Како ова го коментирате?

Не можам да коментирам нешто посебно. Ако некој сака да донесе каква било одлука треба да биде присутен во салата на Советот и тука да дебатираме. Заклучоците што ги предадов претрпеа одредени измени од предлози на советници затоа што беа прифатливи. Моментот што настана, според мене, во раздвојување на мислењата е што иницијативата беше поднесена од граѓански здруженија, асоцијација на архитекти и слично и беше поднесена незаконски. Беше ставена на дневен ред и секое нејзино гласање за таква иницијатива ќе нè ставеше во правен лавиринт, а немаше да се постигне целта. Јас идејата ја прифатив, само што ја предложив јас, како градоначалник, за да ги избегнеме оние правни процедури кои што би настанале доколку беше поднесена како граѓанска иницијатива по тој закон како што беше поднесена.

Суштината е запазена, желбата и идејата е запазена, сега останува да ја реализираме. Не станува збор за никаков параван, комисијата ќе биде јавна и ќе бидат вклучени сите тие луѓе кои се дел од таа иницијатива. Не гледам никаков параван, туку напротив. Ако сме биле некаков параван немаше воопшто да донесеме такви заклучоци. Уште поголем доказ дека ниту сме параван е второто носење на мораториум по одлуката на Уставен суд. Можев да кренам раце и да кажам: не ми успеа да ги ревидирам плановите. Сепак, ние донесовме нова изменета одлука.

*Како избраното урбанистичко решение ќе се вклопи во новиот ДУП што се подготвува, како и во Генералниот урбанистички план на Град Скопје?

Новото решение ќе ги земе дел од параметрите од деталниот и од Генералниот урбанистички план, бидејќи на крајот тоа е целта поради која се ревидираат плановите – се усогласуваме со параметрите на ГУП-от. Тоа нема да се вклопи во стариот план, туку се носи сосема нов план во кое ќе биде вклопено тоа решение за тој дел.

*Во јавноста имаше обвинувања дека со новиот план Буњаковец 2 кој е во подготовка, се предвидуваат нови згради во тој дел, односно подигнување на бетонска џунгла. Дали вие би дозволиле да се случи вакво нешто?

Напротив, во сегашниот план, кој е под мораториум, има бетонска џунгла или јас ги викам популарно наполитанки. Тоа се огромни блокови во кои е само бетон, нема зеленило, нема јавни површини, нема предвидено градинка, ниту училиште, ништо. Во нашите идеи што сакаме да ги споделиме во новиот план е нешто сосема различно, а конкурсот само ќе го домоделира да биде уште поубаво. Да ги оставиме луѓето да работат со параметрите и да ги распределат така како што мислат. Да не бидат само бетонски зданија кои што ќе ни се протегаат и нема да личат на ништо, туку треба да биде нешто со кое сите ќе се гордееме.

*Какви решенија очекувате да понудат архитектите и урбанистите: повеќе зеленило и паркинзи и повисоки згради или?

Очекувам креативни решенија. Хипотетички, ние да ставиме и плус еден процент на зеленило тоа ќе биде повеќе. Ние одиме над 20, 30 проценти во зависност од местото. Можам да кажам дека сме единствена општина која новиот Закон за урбано зеленило почна да го применува во новите планови. Тоа значи дека не чекаме да се реализира стариот план, па потоа кога би се носел нов план, евентуално да се внимава. Не, ние веднаш го стопираме планот и го вградуваме новото законско решение.

*Дали со зголемување на процентот за зеленило на парцелите за градење ќе се дозволи поголема катност на зградите?

Тоа е задача на урбанистите и архитектите и тука не сакам да се мешам. Како ќе ги распределат параметрите, дали ќе биде во должина, висина или ширина, дали ќе биде повеќе на лево или на десно, не можам да се мешам, ниту сакам.

*Дали е решена сопственоста на земјиштето и што ќе се случи со семејствата кои живеат покрај улицата „Рузвелтова“ повеќе од 40, 50 години. Дали ќе им биде решено станбеното прашање?

Тоа дали некој ќе им даде станови или ќе ги обесштети, или ќе останат, тоа е нивна волја и избор. Јас имам информации дека поголем број од луѓето сакаат да се донесе планот и да се реализира за да не живеат во тие куќи во кои сега живеат. Најголем дел од нив си ги имаат легализирано нивните куќи и си имаат сопственост, односно имотен лист. Тие имаат направено докуп на парцелите бидејќи тоа беше државно земјиште и законот тоа го дозволува. Дел од земјиштето потпадна со пресуда на Законот за денационализација и го земаа семејството Вичентиевиќ, тие со тоа земјиште располагаат бидејќи порано им било земено и сега им е вратено. Имаше одредени парцели кои беа државни, а на тоа место имало изградено објекти и потоа луѓето си ги легализираа според Законот за легализација.

*Јавноста со години реагира на тврдењата на општините дека урбанистичките планови во Скопје се носат за задоволување на јавниот интерес, ама во пракса потоа се покажува дека не е така, дека сè се правело во интерес на градежните фирми? 

Мене ми е најважно што дозволивме целиот процес да се води транспарентно. Претходниот план од 2012 година, беше донесен нетранспарентно без никој никого да го праша. И една работите на која сум горд е што овој состав на Совет дозволи да се вклучи јавноста, стручните лица, архитекти и асоцијации да расправаат, а пред се, имаме и сопственици кои сакаат да се направи некое креативно решение. На луѓето им е досадено да има само едно исцртување по желба на некого, а да нема задоволување на некој јавен интерес за кој сите збориме. На пример, на таков потег нема никогаш предвидено градинка. Ние во сите планови што ги носиме, таму каде што нема во близина детска градинка да испланираме детска градинка, бидејќи зголемени се потребите за деца од претшколска возраст и тоа ни е една од идеите таму. Тоа го применивме во планот за „Пролет“ каде на постоечка урбана заедница која беше пред распаѓање, таму вцртавме градинка, која ни е влезена во развојната програма и по завршување на проектот треба да почне да се реализира оваа година. Исто тоа го мислиме за плановите за Дебар Маало и за Парк. Капацитетите што ги имаме наследено се навистина мали и скромни, а ова ќе бидат сосема нови објекти. Имаме таков пример – градинка во Капиштец каква што децата ја заслужуваат.

*Споменавте пред малку дека во претходните детални урбанистички планови имало вцртувано маркици по желба на некого? Имате ли некакви сознанија за тоа?

Претпоставувам дека тогаш се исполнувале одредени желби. Во тие планови воопшто не се внимавало ниту за паркирање, ниту за зеленило. Ќе напомнам, планот што е донесен за „Пролет“, таму беше предвидено што е можно повеќе да му се даде на објектот /зградата. Ниту има раздалеченост од еден објект до друг, немаше предвидено зеленило, а камоли за паркинг место итн. Сега се е сменето. Сега ако сакаш да добиеш одобрение за градење на место каде што сакаш, прво треба да го решиш паркирањето. Не само да изградиш објект, а паркирањето да го решава општината. Раздалеченоста од зграда до зграда беше како што е сега во Дебар Маало. Мора да се задоволи минимум една третина од висината на објектот. На некој начин, ние ги стеснуваме, ги намалуваме габаритите се со цел да ги задоволиме параметрите кои се пропишани, а нив во минатото никој не ги почитувал, за жал.

(С.Бл.) – Фото: П.Стојановски