Интервју со м-р Тања Крстева: Учењето на далечина не влијаеше врз квалитетот на наставата

За краток временски период Европски универзитет - Скопје, а и ние како наставен кадар, се приспособувавме на онлајн наставата. И пред пандемијата ние имавме електронска платформа за е-учење каде што се поставуваа од страна на наставниот кадар презентации за предавања и вежби, теми за семинарски и стручни трудови, материјали кои би им го олеснило учењето и подготовката на испитите и колоквиумите на студентите. Непосредниот контакт и физичкото присуство во училница ги заменивме со виртуелна училница во која студентите можат да ја следат наставата, да поставуваат прашања и да се вклучуваат во дискусија. Сакам да истакнам дека со учењето на далечина, во никој случај, не трпи на квалитетот на наставата, вели во интервјуто за ВЕЧЕР м-р Тања Крстева, асистент на Факултетот за економски науки при Европски универзитет - Скопје

336

Каков е предизвикот да се предава на студентите и каква програма за идните студенти нуди Факултетот за економски науки?

Сметам дека секој предизвик сам по себе има своја тежина, но не значи дека е и несовладлив. Основните елементи кои се предуслов за да се надминат овие предизвици се само добра мисла, креативност, позитивен начин на гледање на работите, упорност, истрајност, желба за постигнување конкретни резултати. Предизвик за мене како асистент е да им пренесам на студентите што е можно повеќе теоретски, практични знаења и искуства на што е можно поедноставен и разбирлив начин. При совладување на севкупните предизвици кои ги носи самата професија, воедно сега и оние кои произлегуваат од глобалната пандемија со вирусот ковид-19, несомнено ми помогнаа теоретските и практичните знаења кои ги имам стекнато и кои се неопходни за да можам нормално да функционирам во оваа дигитализирана ера во која живееме. Предизвиците, исто така, ги совладувам и преку желбата за континуирано усовршување преку читање на стручна литература и спроведување научноистражувачки активности, учество на меѓународни конференции, публикување на научни трудови во меѓународни списанија, подготвување на учебни помагала. На Факултетот за економски науки се реализираат студиски програми од прв и втор циклус. На првиот циклус студии се изучуваат студиските програми Бизнис менаџмент, Финансии и Маркетинг. По нивното завршување, студентот се стекнува со звање Дипломиран економист по бизнис менаџмент, по финансии и по маркетинг. Со дипломирањето студентот се стекнува со 240 ЕКТС. На вториот циклус студии се реализираат едногодишни студии во областите: Бизнис менаџмент, Финансии, Маркетинг и Здравствен и фармацевтски менаџмент. По нивно завршување, студентот се стекнува со звање магистер по економски науки во областа на бизнис менаџментот, по финансии, по маркетинг и по економски науки во областа на здравствен и фармацевтски менаџмент. Со завршување на вториот циклус студии, студентот се стекнува со 60 ЕКТС. Студиските програми се организирани според Европскиот кредит-трансфер систем, што значи дека секој студент се оценува со број на кредити. За секој наставен предмет студентот може да добие максимум 100 поени, од кои 10 за присуство на предавања организирани во текот на академската година, 10 поени за активно учество во текот на наставата, 20 поени за изработени и презентирани семинарски задачи/трудови и 60 за успешно положени колоквиуми. Кредитите му се доделуваат на студентот откако ќе ги исполни условите за полагање и успешно ќе го положи соодветниот испит.

Каде студентите од Факултетот за економски науки заминуваат на пракса и кои се искуствата од практичната настава?

Многу значаен елемент кој придонесува студентите да бидат подготвени успешно да се вклучат во работењето на компаниите е посетувањето практична настава. Врската меѓу теоретските познавања и практиката веќе повеќе години се воспоставува преку Центарот за кариера, кој им обезбедува практична работа на студентите во реномирани компании и институции. Како резултат на долгогодишното постоење на Центарот за кариера, создадена е широко разгранета мрежа на контакти со компании од различни сектори и дејности каде што студентите можат да се запознаат со работењето на овие компании и да се стекнат со практично искуство. Студентите на Факултетот за економски науки имаат можност да го остварат правото на практична настава во голем број банки, штедилници, осигурителни компании, брокерски друштва, ревизорски друштва, компании кои нудат консултантски услуги и финансиска анализа, производни и услужни компании, маркетинг агенции и сл. Исто така, студентите преку клиничката настава имаат можност директно да добијат информации од познати и признати експерти од областа.

Каква е комуникацијата со студентите, од што се состојат Вашите предавања и како им го пренесувате знаењето на студентите?

Од самото постоење на Европски универзитет, комуникацијата студент – професор и студент – асистент била непосредна, а професорите и асистентите секогаш биле тука за да им помогнат на студентите при совладувањето на материјалот. Генерално, студентите кои ги слушаат моите вежби најмногу пројавуваат интерес за дигиталниот маркетинг. Вежбите кои јас ги спроведувам се состојат од изработка и прикажување на презентации, во кои освен тоа што се опфатени конкретните наставни содржини, истите се илустрирани и со конкретни фотографии, видеа, шеми, цртежи и скици, како и теоретски и практични примери со цел студентите полесно да ја доловат суштината. Меѓу другото, мојот концепт при спроведувањето на вежбите се темели и на интеракција со самите студенти со цел да се поттикне нивната креативност, логичко размислување, способноста за воочување детали и недоследности. Исто така, при спроведување на вежбите им задавам поединечни задачи на студентите, како и домашни задачи кои треба да ги изработат и на следните вежби да го презентираат сработеното. Практично се вреднува нивниот труд, нивните заложби, нивната посветеност и упорност.

Колку се неопходни образованието и дополнителната едукација за унапредување и лична реализација на професионален план?

За да можете успешно да се претставите на пазарот на трудот мора да понудите конкретни знаења, вештини и искуства кои претходно сте ги стекнале во текот на образовниот процес. Со други зборови, тоа значи дека денес е практично незамисливо да се пробиете на пазарот на трудот, а да немате стекнато некакви претходни образовни квалификации. Секако, и практикантската настава и воопшто дополнителната едукација претставува плус повеќе за издвојување од другите учесници на пазарот на трудот и станување на потенцијален кандидат за вработување.

Дали лесно се приспособивте на онлајн наставата и дали учењето на далечина влијаеше врз квалитетот на наставата?

Промените се дел од животот и треба да ги прифатиме како составен дел од нашето секојдневие. Развојот на технологијата ја донесе дигиталната ера и наместо да поставуваме граници и лимити, треба да поставуваме цели и предизвици. Секако предизвик претставува глобалната здравствена закана која се манифестира преку вирусот ковид-19. За краток временски период нашата образовна установа, а и ние како наставен кадар, се приспособивме на онлајн наставата. И пред пандемијата ние имавме електронска платформа за е-учење каде што од страна на наставниот кадар се поставуваа презентации за предавања и вежби, теми за семинарски и стручни трудови, материјали со кои на студентите да им се олесни учењето и подготовката на испитите и колоквиумите. Непосредниот контакт и физичкото присуство во училница ги заменивме со виртуелна училница во која студентите можат да ја следат наставата, да поставуваат прашања и да се вклучуваат во дискусија. Сакам да истакнам дека со учењето на далечина во никој случај не трпи на квалитетот на  наставата на Факултетот за економски науки.

Која е Вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?

Сакам да им посакам добро здравје на сите студенти и идни бруцоши и нивните семејства, да се чуваат и секако да ги следат препораките за заштита од оваа здравствена закана која несомнено предизвика тектонски промени во нашите секојдневни животи. Да останат позитивни и со ведар дух и никогаш да не престанат да мечтаат за остварување на своите соништа. Што се однесува до личната образовна надградба, би сакала да им порачам никогаш да не престанат да вложуваат во своето образование, односно секогаш да целат кон достигнување на повисоки образовни нивоа.