„Аrs longa, vita brevis“, животот е краток, a уметноста e вечна, е уметничкото мото на нашата соговорничка, Маја Чанаќевиќ. Зад неа се 25 години професионално музицирање, од кои 11 беше директорка на НУ Македонска филхармонија. Одликувана е со орденот „Витез од редот на уметностите и книжевностите“ на Франција, а добитник е и на признание од полската држава. Вели дека не е толку вешта со зборови за да ја опише емоцијата за и кон музиката, но додава, без музика не може да го замисли животот. За весникот ВЕЧЕР, со Маја разговараме за летните распусти кои ги поминувала во Гевгелија, за вујко ѝ, композиторот Томе Манчев, за љубовта кон обоата и англискиот рог, за тоа дека уметниците треба секогаш да се амбасадори на својата земја во светот…

 

Не сте родени во Гевгелија, но за овој сончев град ве врзуваат многу спомени. Колку често доаѓате во градот на Вашата мајка?

Иако сум родена во Скопје, кога ќе се спомене Гевгелија, секогаш кај мене се буди чувството на задоволство, топлина и голема насмевка. Секако, емоциите се тие кои ме врзуваат за градот, но коренот е веројатно во прекрасните спомени кои ме врзуваат пред сè за детството.  Од својата најмала возраст го поминував летниот распуст кај баба ми, а потоа ја посетував неа, но и другите роднини кои сеуште живеат во градот.  Тоа е посебен град, облеан со сонце, медитеранска клима, чист, спокоен, луѓето се љубезни… Многу е различен од Скопје, каде што животот само прелетува, бидејќи интензитетот на живеењето во голем град е различен. Ми се допаѓа Гевгелија со сиот свој шарм и спокој. Се надевам дека жителите на Гевгелија, а и надлежните власти, ќе го чуваат и негуваат овој мал бисер на југот на Македонија.

Пред извесно време ненадејно нè напушти извонредниот композитор и човек Томе Манчев, Вашиот вујко. Како Вие, се сеќавате на него?

Тивко, скромно, повлечено, но со многу дух, силна емоција и посветеност на музиката, така живееше вујко ми Томе Манчев. Тој беше човек кој знаеше да се пошегува со мене за мојот темперамент и моите детски палавштини. Разговараше со мене на различни теми и ме поддржуваше во мојата упорност и желба за постојано истражување, за мојата љубов кон музиката… Но, ако зборувам за него како композитор, професор, музичар, тогаш можам да кажам дека не сум сретнала друг толку вреден и посветен човек. Тој буквално живееше за музиката. Се сеќавам кога тој беше сè уште докторанд во Прага, дел од летото се враќаше во Гевгелија, и она што го паметам е седењето со часови и денови, покрај клавирот. Беше тоа една неодолива глад за да се пишува и компонира… Имаше толку многу знаење за музиката кое несебично го споделуваше. Тој беше голем патриот, со голема тежина и тага зборуваше за неправдите кои се случуваат во и на Македонија. Лично посакувам да се оствари неговата голема желба, а тоа е да се направи соба-музеј во Гевгелија со неговите лични работи, бидејќи е факт дека Томе Манчев е историска фигура од македонското музичко културно наследство.

Иако на шест години сте почнала да свирите клавир, сте се откажале,  за да се навратите на музиката на 14 години. Ви беше ли возраста хендикеп во однос на изборот на инструмент и со што ве освои обоата?

Да се свири виолина и пијано, навистина е потребно да се почне од многу мала возраст. Но, за други инструменти, особено дувачките поради нивната специфика, може да се започне со изучување и подоцна. Дали е тоа хендикеп или не, би рекла дека не е. Големата љубов и многу труд, комбинирано со талент за музика, даваат одлични резултати на која било возраст. Мојата кралица на инструментите е обоата, а денеска и англискиот рог. Обоа не може секој да свири и да ја сака. Инструментот е специфичен, а исто така и луѓето кои го свират. Ова е една општо прифатена шега за обоистите низ светот. Дали од инструментот и вибрациите, дали е до друго, кој знае…(ха, ха, ха). Обоата има навистина специфична боја на звукот и можам да кажам дека е тежок инструмент за свирење. Емоциите кои можат да се изразат тешко дека некој друг инструмент ќе ги долови. Последните 20-ина години свирам повеќе на сродниот инструмент на обоата, англискиот рог чиј звук е потопол, богат, кадифен, во исто време и нежен, нешто што повеќе го одразува мојот сензибилитет и карактер. Ако треба да го опишам звукот преку слика, би рекла: ако сакаме да знаеме како звучи вечноста, да мечтаеме за среќата, да ја слушнеме тагата која полека се претвора во радост… тоа е звукот на англискиот рог.

Што за Вас претставува музиката, стенограм на емоциите, што би рекол Толстој или тонот и ритамот се лек за душата, како што велеше Вашиот вујко Томе Манчев?

За мене, како и за вујко ми, музиката е живот, љубов, музиката е сето она земно и вонземно. Не сум толку вешта со зборови за да ја опишам емоцијата за и кон музиката, но еве, наједноставно ќе кажам дека јас без музика не можам да си го замислам животот. Единствениот хендикеп, ако тоа може така да се нарече, кој секој професионален музичар го има во смисла на слушање на музика е дека, ние никогаш не можеме да уживаме во музиката како и другите. Понекогаш посакувам да ја слушам само музиката, но не и изведбата, и сите солисти кои ја изведуваат… Посакувам да можам да ја слушам само и единствено едноставноста и убавината на нејзиното височество музиката.

Единаесет години бевте директорка на Македонската филхармонија. Колку сте сега, од оваа дистанца, задоволни со вашата работа?

Оставам делата да зборуваат самите за себе или пак другите да зборуваат за нив. Кусо ќе кажам дека најголема радост ми беше задоволната публика, концертите за кои сè уште и после толку години се зборува со големо задоволство и секако, прекрасната концертна сала. Никогаш не сакам да зборувам за тоа што сум направила, бидејќи огромен е бројот на луѓе со кои сме работеле и сме стигнале до таму каде што сме сакале. Ако не беа моите колеги во Филхармонијата, нивната поддршка, помош, работа и посветеност, јас немаше да можам да направам ниту дел од она што е направено. И на крајот, јас сум само благодарна што сум имала можност да направам нешто добро за сопствената земја.

Како ја поднесувате тишината по појавата на коронавирусот, кога многу работи замреа, па и музицирањето на Македонската филхармонија?

Тишината која настана на светско ниво, малку нè шокираше сите, бидејќи не очекувавме дека ќе се случи со таков интензитет и времетраење. Музиката никогаш не може да замре, таа ќе биде жива додека постои и последниот човек на земјата, единствено што ќе се менува е формата и начинот на кој таа ќе се консумира. Да бидам искрена, првиот период од изолацијата и не го доживеав лошо, бидејќи времето ми беше исполнето со завршување на нештата. Но, како состојбата останува критична, загрижена сум за луѓето кои се секојдневно изложени на вирусот на нивните работни места, за блиските, за пријателите, за општата состојба во земјата… Колку и да се работи дома индивидуално, музицирањето со колегите на сцена е секогаш поубаво. Ми недостасуваат концертите, публиката, разговорите за музиката, нормалниот живот, но верувам дека наскоро ќе се средат работите и дека барем на есен ќе се вратиме во нашата прекрасна концертна сала и ќе се вратиме на концертниот живот со сиот свој сјај.

Го добивте одликувањето „Витез од редот на уметностите и книжевностите“, кое Ви го врачи амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, за вашето работење на подобро запознавање и присуство на француската музика во Македонија

Да се биде на листата со најпознатите светски имиња, навистина е огромна чест, но и обврска. Уште од студентските денови, без некоја посебна причина, бев поврзана со француската култура и со нејзината промоција. Веројатно, тоа се препозна од страна на француското министерство за култура и ми беше доделено ова високо признание. Навистина е богата француската култура и изобилува со врвни имиња во секоја сфера и заслужува голема почит, но и понатамошна промоција. Исто такво признание ми беше доделено и од полската држава. Се обидувам да промовирам други култури во нашата земја, а македонската култура пак, на секаков начин да ја промовирам надвор од границите на нашата земја. Сметам дека ние уметниците сме и треба да бидеме амбасадори на сопствената земја. Треба да сме горди на богатата култура и историја на нашата земја и мораме да најдеме начини да ја претставиме на светот.

Ве прави ли среќна сознанието дека многу деца се запишаа во музичко училиште да изучуваат некои од инструментите со кои се сретнаа на концертите на Филхармонијата и ја засакаа класичната музика?

Многу. Тоа всушност беше и целта на концертите за најмладите. А има ли поголема среќа кога ќе се види дека целта не само што е постигната туку е и надмината… Не само децата туку и нивните родители се запознаваа со класичната музика на еден многу непосреден начин, се запознаваа и ја засакаа… Благодарение на концертите за деца денеска имаме образувана публика која навистина ја почитува и ја сака класичната музика. (Љ.А.)