„Условите и стандардите за функционирање на Архивот не се на она ниво што треба да ги има една ваква државна институција. Потребно е солидно депо, изложбен простор и солидна читална и библиотека. Во сегашната зграда има канцеларии каде што воопшто нема прозорци, нема дневна светлина, нема свеж воздух, а се работи со стари книги и документи што имаат прашина. Затоа, дополнително требаше да се набават прочистувачи на воздух, барем додека сме во овој простор, каде што се сместени и Уставниот суд и Археолошкиот музеј“, вели директорот на Архивот, Емил Крстески. Тој додава дека минатата година Владата донела одлука за барање нова локација за Државниот архив и дека има поддршка од неа за решавање на ова прашање

 

Неодамна на социјалните мрежи бевте наречен директор за пример кој пренаменил пари наменети за ново возило, а на работа оди со велосипед. Дали навистина сте спортски тип кој претпочита на работа да оди со велосипед или станува збор за маркетиншки трик?

Не станува збор за маркетиншки трик. Точно е дека доаѓам на работа со велосипед, а тие што подобро ме познаваат, знаат дека со велосипед се движам низ градот секогаш кога временските услови дозволуваат. Всушност пет-шест години наназад на работа и на состаноци одам со велосипед. Сакам да го избегнам сообраќајниот метеж, како и да придонесам за зачувување на здравата животна средина. Немам никакви комплекси и предрасуди. Едноставно, со велосипедот наутро се раздвижувам и се расонувам и добро се чувствувам. Го избегнувам сообраќајниот метеж, нервозите, а бидејќи живеам во Центар, за десет минути сум на работа. Наутро гледам многу млади луѓе што одат на работа со велосипед или со тротинет, што многу ме радува. Разбрав и дека многу други директори, градоначалници, советници одат со велосипед или тротинет на работа. Не сум само јас и тоа не е нешто невообичаено и тоа не треба да нè воодушевува и да нè чуди. Тоа е нормално во многу европски земји, па треба и кај нас да биде практика. Точно е и тоа дека сакам спорт, постојано возам велосипед, играм тенис и скијам.

Она што уште повеќе предизвика позитивни реакции е пренамената на 30 000 евра предвидени за ново возило и нивно користење за процесот на дигитализација и компјутеризација на Архивот. До каде е дигитализацијата?

Да. Не само парите за нов автомобил за директорот, туку и други средства од буџетот ги пренасочив за дигитализација и компјутеризација, зашто сметам дека тоа е побитно за функционирањето на Архивот.

Дигитализацијата е битна зашто со неа, практично, се зачувува архивскиот материјал, се превенира, а документите и книгите стануваат подостапни до јавноста, до студентите, истражувачите, историчарите… и до сите оние што сакаат да допрат до одредени историски теми, што сакаат да проникнат во нашата историја. Државниот архив е значаен столб на нашата историја и темел на нашата колективна меморија.

Неодамна бев во Хелсинки на конференција на директори на национални архиви на земјите членки на ЕУ, каде Македонија учествуваше како земја набљудувач, каде се уверив дека доцниме со процесот на дигитализација и дека што побрзо треба да фатиме чекор со другите земји. Кај нас е дигитализиран само Османлиско-турскиот период, и тоа благодарение на експерти од Турција. Но, според планот, од почетокот на наредната година ќе следи интензивен процес на дигитализација, со што во наредните две-три години сметам дека ќе се дигитализира поголемиот дел од архивскиот материјал. Но, тоа е процес кој никогаш не завршува.

Од јули годинава сте назначен за директор на Архивот. Со што се соочивте?

Се соочив со три крупни прашања: донесување на буџетот, усвојување на Акционен план и создавање нова систематизација во самата институција. Од самиот почеток вложувам многу енергија и за кусо време ги посетив сите девет одделенија распоредени низ цела Македонија. Сакав да се запознам со вработените и со нивните проблеми и да согледам што им е потребно за подобрување на условите за работа и во кој правец да ги насочам средствата од буџетот. Сепак, главен акцент ставив на дигитализацијата и на подобрувањето на условите за работа на вработените. Условите и стандардите за функционирање на Архивот не се на она ниво што треба да го има една ваква државна институција. Во сегашнава зграда има канцеларии каде што воопшто нема прозорци, нема дневна светлина, нема свеж воздух, а се работи со стари книги и документи што имаат прашина. Затоа дополнително требаше да се набават прочистувачи на воздух, барем додека сме во овој простор, каде што се сместени и Уставниот суд и Археолошкиот музеј. Ако сакаме да се осовременуваме, но и да ги зачуваме сите значајни документи со кои располага архивот, треба да водиме грижа за условите, поточно за депото каде што се чуваат тие. Бидејќи работиме и со филмски материјали, потребна е и посовремена опрема за лабораторијата. Наскоро треба Архивот да се опреми со педесетина нови компјутери, дваесетина скенери и друга техничка опрема што е неопходна за нормално и ефикасно функционирање на Државниот архив во однос на почитувањето на современите процеси за зачувување на историските документи.

 Минатата година вработените до премиерот Заев испратија петиција со подолг список на жалби и барање Архивот да се врати во старите простории. Накратко, како причина беа наведени нехумани услови за работа и несоодветни услови за чување на архивскиот материјал. Ваш коментар.

Порано Архивот беше во зградата каде што е Институтот за национална историја. Таа зграда е навистина изградена по сите стандарди за еден архив, но поради потребите на ОЈО за организиран криминал земени се неколку ката. Таму е останато само старото депо кое сè уште го користиме, но кое треба малку да се среди и да биде во нормална функција.

Имам разбирање од сегашната Влада во однос на решавањето на проблемот со просторот. Владата лани донесе одлука за да се најде земјиште и да се почне со изградба на нова зграда која ќе ги задоволува сите европски стандарди за еден национален архив.

Во таа насока работам интензивно, имам постојани контакти со Владата, а се консултирам и со неколку градоначалници. Во потрага сум по добра локација или зграда која е веќе завршена за да се реши прашањето околу соодветниот простор за Државниот архив.

Кои се најстари и најважни документи кои се чуваат во Архивот?

Во Архивот имаме околу 60 милиони документи. Имаме и околу 13.000 микрофилмови со над 7.5 милиони снимки. Најстар оригинален документ е Евангелието по Лука од 12 век, а имаме и многу значајни документи од 13 век кои се на хебрејски јазик и кои допрва треба да се преведат и целосно да се заштитат. Инаку, Државниот архив поседува и документи од највисоките државни органи: Кабинетот на претседателот, Владата, Собранието, од министерствата и од други  државни институции и агенции. Затоа се смета дека Националните архиви се еден од главните столбови на секоја држава за зачувување на целата нејзина историја.

Каква е соработката со Архивите на другите земји?

Оваа соработка е на солидно ниво. Ние имаме практика да испраќаме истражувачи во странски архиви, каде што може да се најдат документи за Македонија, како што е тоа случај со архивите во Виена, Истанбул, Париз, Москва, Берлин… Ваквата соработка треба да се развива, за што е потребно и потпишување договори за соработка, за поголема отвореност на архивите и за размена на искуства. За нас е битен и процесот на сукцесија во делот во кој е опфатена архивската граѓа од поранешна Југославија, особено дипломатските и воените архиви. Во тој поглед имаме работни средби и постојана соработка со архивите во Белград, Загреб, Сараево и Љубљана. Инаку, Државниот архив е член на Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз, на групацијата на европски архивисти – ИКАРУС, со седиште во Виена, а сме набљудувачи во Европскиот борд на директори на националните архиви на земјите членки на ЕУ.

Колку јавноста е запозната со работата на Архивот и дали има интерес за посета на Архивот и користење на материјалите?

Не сум сигурен дека кај нас е добро позната вредноста и функцијата на Државниот архив. Затоа имам намера што повеќе да бидеме институција отворена спрема јавноста и да ги промовираме нашите историски и културни вредности. Многу би сакал, исто така, младите што повеќе да се интересираат за нашето минато, бидејќи врз основа на тоа ја градиме и нашата иднина. Посакувам во читалната во Државниот архив да доаѓаат повеќе млади истражувачи, студенти и научни работници и да пројавуваат интерес за одредени историски тематики.

Државниот архив има и своја издавачка дејност и годишно објавува 10 до 15 публикации, а издава и свое списание „Македонски архивист“, кое е отворено за соработка со домашни и странски експерти. Тоа е и можност за афирмација и на наши млади историчари, кои можат да објавуваат свои трудови. Покрај тоа, Државниот архив годишно подготвува и по неколку изложби кај нас и во странство, претставувајќи документи, филмови и фотографии од нашата историја.

Би било добро Државниот архив да има свој подобар изложбен простор со постојана поставка, но и подобра читална и библиотека, што ќе бидат привлечни за јавноста, особено за младите кои треба добро да ја знаат нашата историја.

Дали сликарството и пишувањето проза се дел од вас и дали сега како директор имате време да им се посветите?

Јас сум човек кој од најрано детство бил опкружен со книги и енциклопедии, зашто татко ми беше главен уредник во издавачкото претпријатие „Култура“ и уредник во Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб. Читав сè што ќе ми дојдеше под рака. Дури пишував и објавував песни и раскази уште додека бев во осмолетка. Досега имам објавено шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи, вклучувајќи ги и мојата магистерска теза и докторската дисертација. А пред две години објавив и збирка раскази. Од најрано детство и сликам. Досега имам реализирано три самостојни изложби. Сега имам сè помалку време за пишување и цртање, за што е потребна енергија, осамување, а се разбира и чувства, што не значи дека сето тоа сум го запоставил. Но, оваа функција е мој нов предизвик и сакам да оставам позитивна трага и како директор на Државниот архив. Неодамна читав интервју со познатиот режисер и драматург, Питер Брук, кој на 94 години постави и режира нова претстава во Бруклин која се вика „Зошто“. Насловот на интервјуто беше: „Никогаш ништо не завршува“. Би додал: Никогаш не треба да нè напушти интелектуалното љубопитство. (Д.Т.)   Фото:Ѕ.Плавевски