Младата актерка Дејана Попоска го толкува главниот лик во македонскиот филм „Ефектот на среќа”, во режија на Борјан Зафировски, кој ќе го отвори 18. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“ на 7 ноември. Неодамна, пак, македонската јавност Попоска ја виде во претставата „Круг“ на Артур Шницлер во режија на Наташа Поплавска во МНТ. „Сакам да продолжам со онаа професија со која ќе чувствувам дека како растам или стареам станувам подобра, а не ‘побајата’. Сакам да работам со луѓе кои несебично го споделуваат она што го знаат со мене“, вели за весникот „Вечер“, Попоска

Дејството на филмот „Ефектот на среќа” е сместено во Македонија, но приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќа и по смислата на животот… Што Ве прави среќна?

Да речеме кога ќе го остварам она што сум си го замислила, кога ќе го исполнам она што сум го ветила. Ме прави среќна тоа чувство на завршена работа. Но веројатно тоа повеќе значи задоволна отколку среќна. Но еве да се вратиме на „Хепинес ефект”… Среќна сум што Борјан е првиот режисер на кој налетав, дејството е во Македонија, но филмот е универзален меѓу другото затоа што тој знаеше така да го изрежира. И затоа што реши дека можеби е редно време Скопје да се прикаже на филм како убав град. Среќна сум што имав среќа да пораснам со тој филм.

Претставата „Круг“, во која настапувате со Јакопо Гaрфањоли, преку низа интимни сцени на повеќе карактери ја отвора вечната тема – потрагата за љубов наспроти потребата за секс. Какво е Вашето размислување токму на оваа тема?

Мислам дека проблемот е во зборот наспроти. Не знам точно кога сексот и љубовта се разделија, но мислам дека тоа никого не го направи среќен. Што повеќе светот добива на тема амбиција, еманципација и гордост, губи на романтика. На драмските автори им се познава генијот по тоа колку текстовите им се актуелни без разлика кога се напишани. Шницлер е интересен: од една страна доволно модерен за да препознаеш луѓе кои си ги запознал во неговите ликови, а од друга страна си велиш „не е веќе вака”, текстот е “демоде”, зборува само за хетеросексуални парови и тоа на начин на којшто само мажите зборуваат, додека жените слушаат… Но точно, во моментот кога феминистот во тебе ќе се разбуди, ја читаш сцената повторно и сфаќаш дека женските ликови навидум слаби, заминуваат многу полесно, додека мажите бараат чувства. И иако текстот изгледа дека ги спротивставува жените и мажите, дотолку повеќе: љубовта и сексот, мислам дека од денешна перспектива битката е на едно друго ниво, многу е поточно да се каже дека нè става сите против сите. Тоа е приказна за луѓе кои се качуваат по социјалното скалило, приказна за моќта како општествен концепт, односно за тоа како желбата за контрола и моќ стануваат главен двигател, оставајќи го човекот на крај на денот – сам.

Претставата е забранета за помлади од 18 години. Кој беше предизвикот да ја прифатите оваа улога?

Предизвикот не беше да се прифати улога, предизвикот беше да се прифатат пет.  И можам да му заблагодарам само на моето неискуство, затоа што секој порационален актер веројатно ќе размислеше два пати пред да си рече: „возможно е за дваесет и пет дена да се разработат пет ликови во десет специфични ситуации”.

Студиравте глума во Париз, кажете ни нешто повеќе за ова искуство, за потенцијалот и можностите кои се отвораат пред младите актери, но и дали во рамки на студирањето се реализираат одредени проекти кои претставуваат ветер во грб за идните млади актери? 

Ветер во грб да, секако, Париз може да ти даде и крилја. E сега, кога ќе одлучи ветрот да смени насока, треба да си подготвен да леташ наспроти струјата. Односно ако само ветрот те држел во облаци, да не плачеш премногу кога ќе паднеш. Тоа што е убаво со студирањето е дека ти дава изговор да живееш во еден град, сам, во твоите рани дваесетти. Но ќе бидам искрена, приказните за добивање на улоги ретко почнуваат со реченицата „еден ден кога стигнав на време на Сорбона”.

Живеете и работите во Париз. Зошто се одлучивте да станете актерка, која е Вашата визија во животот?

Одлучив да живеам во Париз, се обидувам да работам, а актерка дали сум, сè уште не знам. Актерка си од моментот кога некој ќе те викне тоа да го работиш. Животот е многу брз, кога бев помала многу повеќе анализирав, имав време. Сега само терам. Се обидувам да бидам опкружена со луѓе кои можат да ме научат нешто. Се трудам да сум во „соба” во која јас не сум онаа која најмногу знае. Што не значи дека останатите во таа „соба” треба да се од истата професија или многу постари од мене. Многу учам од моите две сестри кои имаат четиринаесет и единаесет години. Во последнава година работев три месеци како прв асистент на рускиот режисер Илија Кржановски, на проектот ДАУ во Париз, играв целовечерна претстава режирана од Наташа Поплавска и во месец јуни го режирав својот прв петнаесетминутен филм. Некои викаат дека се расплинувам, оние што ме знаат подобро, наоѓаат логика во она што го правам. Филмот кој го режирав успеав да го направам благодарение на Леонардо Куртц, италијански снимател на кој му се допадна моето сценарио. Имав среќа кога ја изгубив локацијата на која требаше да снимаме, најдов друга – бродот на Федерико Фелини на Канското пристаниште. Мојот филм беше финансиран од парите на луѓе помлади од триесет години кои веруваа во еден сон, и затоа и успеавме. Сакам да продолжам со онаа професија со која ќе чувствувам дека како растам или стареам станувам подобра, а не “побајата”. Сакам да работам со луѓе кои несебично го споделуваат она што го знаат со мене. Пред да работам со Борјан Зафировски – не знаев ништо за филм, пред да работам со Илија Кржановски – не знаев што значи да се координира екипа од петстотини вработени, пред да работам со Леонардо Куртц – не знаев што значи канализирање на енергија, организација или кадрирање со камера, а пред да работам со Наташа Поплавска – не знаев што значи во интервал од еден месец да се сработи нешто за кое требаат три месеци и тоа не во паника туку во хармонија.

Што работите во моментов?

Разработувам сценарио за долгометражен филм кој ќе ја раскаже приказната како дваесет млади луѓе од Париз, Рим, Наполи, Краков, Берлин и Мексико Сити успеаја да се најдат на бродот на Фелини и да снимат филм за којшто идејата се родила две недели пред неговото снимање. Ќе видиме… Треба само да ја задржиме таа љубов и мотивација што ја имавме во јуни и со малку среќа, многу работа и поддршка на оние поискусните од нас, можеби како, што велите вие, ветрот ќе им помогне на едрата на нашиот брод.

Урбана драма за универзалната потрага по среќа

„Ефектот на среќа“ во кој ќе ја видиме Дејана Попоска е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, таа започнува необична потрага по среќа и почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе.

„Леа е студентка по психологија и нејзиниот лик ми е близок по возраста. Таа има семејни проблеми поради што и се запишува на психологија, но потоа се разболува, нема многу време, и се прашува што да направи. Првата фаза е – нема да правам ништо, ни заби да мијам, и сфаќа дека така животот е досаден и тогаш решава да направи сè што може во времето што ѝ останува… Леа се менува во текот на филмот. Таа е обична скопска девојка која откако ќе сфати дека болеста и го менува животот излегува од толпата и решава да им помогне на врсниците на својата генерација преку среќата и наместо тие да ја тешат неа, таа ги теши нив преку нешто позитивно…”, рече за време на снимањето на филмот Дејана Попоска, која напомена и дека улогата ја добила на нејзиниот 20. роденден. Во филмот таа соработуваше со актерите Сашко Коцев, Ана Стојановска, Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска.

Н.И.Т.