Иако имаме Закон за енергетска ефикасност во кој во добар дел се дефинирани обврските, кои ги има индустријата, тој веќе три години не се имплементира, а во екот на минатогодишната енергетска криза државата интервенираше со субвенционирана цена на електрична енергија за компаниите, наместо да ги поттикне на енергетски поефикасно производство. Користиме повеќе од двојно енергија од земјите во ЕУ за иста вредност на произведена стока, односно услуга. Ваквата состојба секако ја прави националната економија неконкурентна, и укажува на постоење огромен потенцијал за порационално користење на енергијата, вели во интервју за ВЕЧЕР, Станојевска-Пецуровска
Која е основната мотивација Центарот за климатски промени да организира обука за енергетска ефикасност и искористување на обновливи извори на енергија?
Ние како организација веќе имаме историја на спроведување на вакви слични активности и проекти, а во областа на енергетската ефикасност во индустријата можеби сме и една од првите невладини организации, која пред повеќе од една деценија се посвети на оваа тема. Целта е да излеземе од рамката на вообичаени активности и да понудиме конкретна помош за реализација на активности, кои ќе резултираат во подобрување на работата на микро, малите и средни
претпријатија преку намалена потрошувачка на енергија, намалување на трошоците за производство, но и подобрување на еколошките перформанси на компаниите. Бизнис-секторот значајно придонесува за негативните влијанија врз животната средина и емисијата на стакленички гасови, па затоа во голем број проекти нашите активности се директно насочени кон претпријатијата. Со намалување на потрошувачката на енергија, како и примена на практики за конзервација и повторна употреба на енергијата, која се генерира во склоп на самите производствени процеси, индиректно се влијае и врз намалување на емисиите, односно ублажување на климатските промени. Значи, остануваме во нексусот енергија – клима, потврдувајќи дека проблемот бара интегриран пристап. За таа цел, обуката што ја предвидуваме да се реализира во септември ќе им овозможи на учесниците да се стекнат со информации за начинот на кој може подобро да управуваат со енергијата, за мерките кои можат да ги применат за да ја намалат потрошувачката, но и за најновите практики за енергетска ефикасност и искористување на обновливи извори на енергија. Станува збор за бесплатна дводневна обука, која ќе се одржи во Скопје и на која може да присуствуваат претставници на микро, малите и средни претпријатија, а особено оние каде што голем дел од производствените трошоци отпаѓаат на трошоци за енергија. Обуката ќе ја спроведуваат експерти со долгогодишно искуство во областа, а за овој проект имаме и соработка со професори од Машинскиот факултет во Скопје. Обуките се организираат како дел од грантот во рамките на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, што го спроведува Консалтинг за стратешки развој, а е финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
Кои се активностите што Центарот за климатски промени ќе ги реализира за да го промени традиционалниот начин на управување со енергијата?
Начинот на кој се приоретизираат проблемите, низ призмата на менаџментот во компаниите, мора да се промени. Евидентно е дека енергијата е сериозна ставка во вкупните расходи, а исто така е јасно дека недостига иницијатива за решавање на проблемите поврзани со потрошувачката на енергија кај нашите менаџери. Овде мислам на воспоставување на континуитет во следење на потрошувачката, иновативен пристап во решавање на одредени проблеми, воведување на повисок степен на автоматизација и оптимизирање на процесите. Затоа и нè изненадува што нашите производи не се конкурентни на странските пазари, а од друга страна, целокупната околина во смисла на регулатива и мерки кои ги презема државата не одат во прилог на подобрување на состојбите. Овде сакам да споменам дека, иако имаме Закон за енергетска ефикасност во кој во добар дел се дефинирани обврските кои ги има индустријата, тој веќе три години не се имплементира, а во екот на минатогодишната енергетска криза државата интервенираше со субвенционирана цена на електрична енергија за компаниите, наместо да ги поттикне на енергетски поефикасно производство. За жал, и покрај завршувањето на енергетската криза, сè уште нема стимулација за инвестиции во енергетска ефикасност. За таа цел, со овој проект најпрво би сакале да им овозможиме на компаниите подобро да ги разберат трошоците за производство, а особено оние кои отпаѓаат на енергија, а потоа да почнат да размислуваат одржливо, не само во смисла на намалена потрошувачка и намалени трошоци туку и намалени негативни влијанија врз животната средина. Понатаму, целта е да се навикнат компаниите постојано да ја следат потрошувачката на енергија и постојано да работат на унапредување на процесите, односно на подобрување на енергетската ефикасност во своите компании.
Кои се крајните резултати што ќе се стремите да ги постигнете?
На почеток, самата обука ќе придонесе за поинакво размислување и поттикнување на компаниите повеќе да се посветат на ефикасно следење на енергетските текови и трошоци, а селектираните компании во втората фаза ќе имаат и директни придобивки во идентификувањето на мерки за подобрување на енергетската ефикасност, кои со помош на нашите консултанти ќе бидат детално елаборирани во форма на физибилити студија, а понатаму ќе овозможиме и подготовка на потребната документација, како и контакти со финансиски институции за презентирање на техничките решенија. Во текот на неколку месеци компаниите кои ќе бидат селектирани да продолжат со проектните активности ќе добијат и бесплатно менторство, со цел воспоставување на систем за управување со енергија и менување на навиките за употреба на енергијата.
Но, нашите очекувања за одржливоста на проектот не се насочени само кон имплементацијата на системски пристап во управувањето со енергијата кај овие компании и подобрување на енергетската ефикасност, туку веруваме дека како резултат на размена на искуства и знаења во рамките на бизнис-заедницата ќе бидеме сведоци на многу повеќе позитивни примери на еден поинаков однос кон енергијата. Се разбира, мотивот за компаниите е повеќе од очигледен – повисока енергетска продуктивност, пониски производствени трошоци, поголема конкурентност и поголем профит. Центарот за климатски промени, пак, во своето портфолио впишува уште една алатка за борба против климатските промени и дава придонес во реализацијата на зелената транзиција на националната економија.
Во колкава мера пристапот што го користите ги следи најновите технолошки достигнувања и промени во политиките за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија?
Секако дека да. Слични вакви проекти се реализирани и на национално ниво, и пошироко. Во таа насока, ги користиме сите релевантни искуства и литература, а во предлогот на мерките за имплементација преферираме веќе докажани технологии. Нашиот тим на консултанти е составен од инженери кои истовремено, не само што имаат искуство во приватниот и јавниот сектор туку и како ментори и обучувачи на слични вакви проекти. Има многу примери на позитивна пракса во другите земји. Фактот дека ние, за жал, заостануваме зад многу од нив во областа на енергетската ефикасност, нè доведува во позиција на компаративна предност, така што можеме да ги избереме и имплементираме оние технологии кои веќе се покажале како успешни, на тој начин, сведувајќи ги на минимум сите ризици.
Кои се практичните примери, како едно средно или мало претпријатие може веднаш да ги почувствува придобивките од спроведувањето мерки за заштеда на енергија?
Несомнено е дека има голем потенцијал за намалување на потрoшувачката на енергија кај оваа категорија на компании. Причините се едноставни – прво, нашата економија, во која микро, малите и средните претпријатија се најзастапени, се одликува со ниска енергетска продуктивност. Тоа е индикатор за енергетската ефикасност на економијата, и бројките се навистина фрапантни. Имено,енергетската продуктивност во нашата држава во 2021 година изнесувала 3.297€/kgoe, што е значително под просекот на ЕУ 27 за истиот период кој изнесувал 8.544€/kgoe. Тоа значи дека користиме повеќе од двојно енергија од земјите во ЕУ за иста вредност на произведена стока, односно услуга. Ваквата состојба секако ја прави националната економија неконкурентна, и укажува на постоење огромен потенцијал за порационално користење на енергијата. Второ, сметам дека прашањата поврзани со енергијата во една компанија од оваа категорија се запоставени на сметка на други приоритети, односно она што претставува главниот бизнис на компанијата. Компаниите не се свесни за можностите во оваа област, бидејќи често им недостасуваат специфични технички знаења. Најчесто, следењето на потрошувачката на енергија е паушално и парцијално, по потреба, односно тогаш кога ќе се појави некој пик во потрошувачката и фокусот е само на тој сегмент од процесот. Потоа, активностите се запираат до појава на следниот проблем. Ние сакаме да го промениме ваквиот пристап, да обезбедиме информации и вештини за континуитет во следењето на овие состојби и оптимизирање на потрошувачката на енергија. Понатаму, за жал, многумина се уверени дека секое подобрување на енергетската ефикасност бара инвестициски вложувања. Но, тоа не е точно. Најголем дел од мерките не изискуваат никакви финансиски средства, туку организациски промени и добра оперативна контрола, и токму тие мерки ќе бидат приоритет за реализација во рамките на проектните активности.
Како оваа програма за обука ја демистифицира комплексноста на физибилити студија за спроведување мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија?
На изработката на физибилити студиите ќе претходи процес на обука и менторство во компаниите, па подоцна истите лица ќе бидат инволвирани во секоја фаза од подготовката на физибилити студиите. Намерата е да креираме документи кои најдобро ќе ги отсликуваат состојбите и преференците за развој на компаниите, како и нивниот расположлив буџет за инвестиции. Уште поважно е дека нашата работа не завршува со изработката на овие документи, туку соработката ја продолжуваме во обезбедувањето на финансирање за реализација на најдобрите мерки за подобрување на енергетската ефикасност.
Како експерт, што мислите кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите денес во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија? Како обуката ги подготвува да ги надминат овие предизвици?
Како што споменав и претходно, традиционално воспоставените приоритети во начинот на менаџирање, неподготвеноста за промени и примена на поинаков – иновативен пристап во работењето, перцепцијата дека се потребни значителни финансиски средства за инвестиции во енергетска ефикасност, истовремено занемарувајќи ги високите и непотребни трошоци за енергија, владините мерки, кои не ја решаваат причината туку само ги санираат последиците и не поттикнуваат развој, се само дел од бариерите кои спречуваат имплементација на вакви решенија. Фактот дека сè уште само мал број компании во земјава имаат имплементирано систем за управување со енергија ISO 50001, доволно зборува за долгогодишната стагнација во оваа област. Воспоставувањето на енергетски тимови во компаниите и улогите и одговорностите во врска со потрошувачката на енергија, никако не значат нови вработувања, што е исто така честа заблуда кај менаџерските тимови. Идејата е да се направи поинаква организација на работните процеси, на начин што секој ќе се грижи, меѓу останатото, и колку енергија се троши.