Интервју со Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба: Со гасификацијата ќе заштедиме многу во сметките за затоплување на училиштата и градинките во општината

144

 

До крајот на мандатот јас сакам, и целосно ќе се посветам на тоа, по 4 години општина Гази Баба да биде гасифицирана. Тоа е секако е еден поголем приоритет кој планираме, исто така, веќе од следната година да го започнеме, вели градоначалникот Георгиевски

Кои се новите проекти кои во наредните четири години ќе се реализираат во Општина Гази Баба?

– Општината која ја раководам опфаќа голема територијална површина, во чии состав имаме 25 населени места, од кои 15 во руалниот дел, а 10 населени места во урбаното градското јадро. Општина Гази Баба има многу специфични потреби во поголем дел од населените места, па така дел од нив немаат фекална и атмосферска канализација, немаат чиста вода за пиење. Проблемот со инфраструктурата, легализацијата, како и проблемот со недоволниот капацитет во градинките за сместување на децата се само дел од проблемите. Токму затоа, предизвик за мене претставува раководењето со општина Гази Баба.
Во овие 4 години од мандатот ќе градиме по план, одговорно и транспарентно решавајќи ги овие големи проблеми. Планираме многу проекти, кои ги понудивме и пред граѓаните, а сега истите ќе бидат дел од општинските програми за да почнеме со нивна реализација.

За нас зборот е збор и јас со мојот тим во овие 4 години ќе работиме на решавање на проблемот со фекалната канализација во сите 15 населени места, почнувајќи од Трубарево до Дрма и од Брњарци до Раштак, понатаму мора да обезбедиме чиста вода за пиење во Раштак, Булачани и Страчинци.

Во делот на инфраструктурата заедно со градот Скопје имаме план улиците “Перо Наков”, ул. 516 во Ќерамидница, “Благоја Стефковски” и “Антон Попов” да ги направиме булевари со четири ленти со пешачки и велосипедски патеки по должина од двете страни на булеварот.

Изградба на нови градинки во Стајковци, Сингелиќ и Ќерамидница со што ќе го решиме проблемот кој денес го имаме со малиот капацитет во градинките каде што веќе имаме повеќе од 500 дечиња кои чекаат место. Училиштето во Хиподром, “Вера Јоциќ” веќе следната година ќе биде изградено, а дополнително во овој период ќе извршиме реконструкција на училиштата со цел подобрување на условите во кои учат децата.

Она што ќе биде најголем проект во овие 4 години е гасификацијата на општината, поврзувањето на општината Гази Баба и општината Аеродром со мост преку реката Вардар, иницијативата за прогласување на Скопска Црна Гора како национален парк, како и подготовка и донесување на ДУП-ови.

Кои од нив ќе имаат приоритет за реализација?

– Проблеми има многу, па така напоредно ќе работиме во повеќе области. Како градоначалник јас нема да правам никаква разлика помеѓу руалниот или урбаниот дел на општината. Ќе вложуваме средства подеднакво на целата територија на општината, во секое населено место.

Најголем приоритет секако ќе биде водата. Тој проблем веќе започнавме во овие први денови од мојот мандат да го решаваме во Раштак, каде што веќе договоривме начин и динамика за трајно решавање на овој проблем. Имаме проект и веќе интензивно работам на тоа. Мораме да обезбедиме чиста вода за пиење до секој жител. Исто така, решавањето на проблемот со фекалната и одводна канализација е приоритет, затоа што ние во нашата општина денес во 21 век имаме се уште населени места кои немаат фекална канализација.

Ќе продолжиме со изградба на училиштето “Вера Јоциќ” во Хиподром и очекувам веќе од следната година целосно да заврши неговата изградба и во септември веќе да ги пречека учениците. Градинката во Стајковци ќе ја започнеме како една од оние градинки кои ни се неопходни.

Гасификацијата на општината, секако, е еден поголем приоритет кој планираме, исто така, веќе од следната година да го започнеме. Со тоа ќе заштедиме многу во сметките за затоплување на училиштата и градинките во општината, а оние средства кои ќе ги имаме како заштеда повторно ќе ги вложиме во училиштата и во градинките.

На кој начин ќе ги привлекувате новите инвеститори ?

– Општина Гази Баба ќе ја направиме отворена општина за секој инвеститор без разлика дали се домашни или странски. Општините живеат токму од тие средства и кои како приход би ги собрале во буџетот од нови инвеститори. Општината претходно има една црна дамка во односот на општината со инвеститорите од мојот претходник, кога објекти со динамити се рушеа само затоа што некој друг така сакал. Тоа е едно лошо минато. Она што јас и мојот тим ќе го правиме ќе биде решавање на секој проблем кои би го имал секој инвеститор за да започне со градба во нашата општина.

Планираме носење на ДУП-ови околу северната обиколница на Скопје и нови планови на целата територија на општината со цел да овозможиме нормален процес за привлекување на капиталот од заинтересирани инвеститори. Наша обврска е да извршиме целосно трансформација на земјиштето, односно целта ни е да имаме чиста подлога за инвеститорот, како и обезбедување на неопходната инфраструктура.

Јас во овие десетина дена колку што сум во општината имав можност да остварам работни средби со повеќе компании кои имаат идеи, проекти за инвестирање во нашата општина, како и компании кои сакаат со своето искуство да и помогнат на општината во справувањето со поголемите проблеми, особено во делот на водоснабдувањето и канализациониот систем. Во овој период остварив и многу контакти со Агенцијата за привлекување на инвестиции од каде очекувам соработка во промоцијата на капацитетите на нашата општина.

Ќе продолжите ли со реализација на проектите кои се веќе започнати во мандатот на вашиот претходник?

– Па, она што јас нема да го продолжам од мојот претходник е зголемувањето на долгот на општината. Само за информација, во моментот кога ја презедов функцијата затекнавме преку 300 милиони денари побарувања кои се не платени од страна на општината за извршени работи во минатиот период. Она што ќе го продолжам е реконструкција на улиците во Ченто, Инџиково, Камник, Маџари, село Сингелиќ и Стајковци кои мојот претходник во време на кампањата само ги раскопа. Сега тие ќе бидат целосно реконструирани со поставување на атмосферска канализација и нов асфалт.

Ќе ја продолжиме изградбата на основното училиште “Вера Јоциќ” и веќе до година ќе ни биде изградено. Ќе започнеме и со изградба на новата градинка во Стајковци. Ќе го уредиме просторот околу “Коцка” во Автокоманда и ќе инвестираме во ново сообраќајно решение на булеварот “Хрватска” во Железара. Додека за Ќерамидница која денес нема ни одвод ни канализација, ќе подготвивме проекти за изведба на фекална канализација, а исто така ќе подготвиме и нов ДУП за тој дел и легализација на објектите.

Како општина во која инвестираат голем број домашни и странски компании, има ли најава за влез на некоја инвестиција и во кој сектор?

– Од првиот момент како ја водам општината остварив многу средби со компании од Чешка, Словачка, Холандија, Полска, Шведска кои се заинтересирани за инвестирање во нашата општина. Овие компании работат токму во делот на оние прашања кои нас ни претставуваат најголем проблем, а тоа се пречистителните станици, енергетската ефикасност и штедливите светилки. Со овие компании ние веќе остваривме контакти и заедно ќе подготвуваме проекти со кои би ги решавале овие проблеми на општината.

Деновиве остварив и средба со една словачка фирма, која сака да започне еден пилот-проект во делот на образованието со кој ќе се обезбеди инклузија на децата со посебни потреби. Деновиве луѓе од мојот тим, заедно со претставници од инвеститорот работат на подготовка на целиот проект.

Во следната 2018 година ќе имаме повеќе инвеститори кои ќе почнат со своите проекти на повеќе локации во општината. Само би напомнал дел од инвестициите што следат: “Космос” во Керамидница, просторот кај Скопски саем нема да е повеќе празна дупка. Хиподром 2 и новата населба Железара, ќе бидат новите градилишта на станбени и деловни комплекси, ќе имаме студентски центар и болници и ќе овозможиме домашните фирми да градат со цел да отвориме нови работни места, но и да извршиме модернизирање на нашата општина.

Веќе одржав и прва средба со бизнис клубот на нашата општина и можам да кажам дека сум повеќе од задоволен од тој состанок. Бизнис кубот ќе го прошириме, имаме повеќе компании кои сега сакаат да ни се приклучат во него. Имавме многу продуктивна средба каде ги нотиравме оние работи кои итно општината мора да ги направи за да може нивната работа се одвива непречено. Веќе следната средба ќе дебатираме за буџетот, каде ќе ги вметнеме сите забелешки и препораки од бизнис клубот. Така ќе ни биде и праксата, секогаш буџетот ќе го носиме вклучувајќи ги сите чинители во општината.

Кој проект би сакале да Ви го одбележи мандатот?

– На крајот од мандатот ќе има многу проекти зад нас. Решавањето на проблемот со основните потреби на жителите во делот на чистата вода за пиење, фекалната канализација, инфраструктурата во сите населени места, ќе се само дел од проектите кои ќе ги оставиме како реализирани зад нас.

Велат после 50 години работите треба да се менуваат, па така она што симболично би сакал да го одбележи мандатот ќе ни биде изградбата на новата општинска зграда по цели 50 години поминати, која ќе биде на постојната локација, а со која општинската администрација ќе има пристојни услови за работа. Оваа општинска зграда ќе означи едно ново поубаво, помодерно време на општина Гази Баба. Тоа би бил еден нов почеток на развој и иднина на општината.

До крајот на мандатот јас сакам, и целосно ќе се посветам на тоа, по 4 години општина Гази Баба да биде гасифицирана, да добие чиста вода за пиење и канализациски систем, па наместо за тоа да зборуваме за дополнителен развој на тие населени места. Ќе имаме места каде што младите ќе можат да се дружат, да се напијат кафе, да учат, да гледаат филм и да направат шопинг тука во својата општина. Со еден збор, по 4 години Гази Баба ќе биде едно многу помодерно и поубаво место за живеење.