ИНТЕРВЈУ СО АНИТА АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА, ГУВЕРНЕР НА НБРМ: Цврсто останувам на ставот дека фиксниот курс на денарот е оптимален за македонската економија

81

\Гувернерката на Народната Банка на Македонија, Анита Ангеловска Бежовска, во ексклузивното интервју за Вечер, говори за актуелните состојби во монетарната политика во земјава, притисоците за напуштање на фиксниот курс на денарот, каков раст на македонската економија може да се очекува до крајот на годинава, растот на платите, купопродажба во банкарскиот сектор, зошто граѓаните се повеќе земаат кредити…  

 

НБРМ е позната по тоа што секогаш дава најточни проекции за растот на БДП, споредено со прогнозите на Владата и разни меѓународни институции. Со последната, априлска ревизија на макроекономските проекции, НБРМ за годинава предвиде раст на македонската економија од 3,2%. Веќе сме во втората половина од годината. Дали е остварлив? 

–Проектираниот раст на НБРМ во рамки на априлските проекции е 3,2% за оваа година, на што упатуваа сите податоци, информации и претпоставки со кои располагавме во моментот на изработка на проекциите. Притоа, уште тогаш јасно истакнавме дека оваа проекција, меѓу другото, во голема мера е условена од клучната претпоставка за повторно отпочнување и засилување на инвестицискиот циклус во јавната инфраструктура. Во проекцијата, бруто-инвестициите беа една од компонентите за кои ценевме дека ќе имаат значителен позитивен придонес за растот. Но, од проценетите податоци на Државниот завод за статистика гледаме дека БДП во првиот квартал практично стагнира, во услови на понатамошен и поголем пад на инвестициите од нашите очекувања, што секако создава и надолен ризик за проектираниот раст за целата 2018 година.

Во поглед на вториот квартал, дел од показателите што ги следиме на редовна основа даваат попозитивни сигнали, во однос на градежната активност, прометот во трговијата, а поповолни се и показателите за довербата на економските субјекти. Растот на индустриското производство во второто тримесечје е сличен како и во претходниот квартал. Притоа, фактот дека слабата активност на почетокот од годината не е широко распространета во економијата, туку е концентрирана во градежништвото и инвестициите, отвора можност за поповолни движења  во втората половина од годината, под услов активностите на поголемите инфраструктурни проекти да продолжат и да добијат на интензитет, со што веројатно би се надоместил дел од надолното отстапување на почетокот од годината. Сепак, какви ќе бидат нашите оцени и дали ќе ја коригираме проекцијата ќе соопштиме наесен по завршувањето на редовниот циклус сеопфатни макроекономски проекции иако, имајќи ги предвид тековно расположливите податоци, ризиците за проектираниот раст се надолни.

Досега економскиот раст главно произлегуваше од извозот од зоните и капиталните инвестиции. Сега се чини  дека Владата се обидува растот да го потпре на личната  потрошувачка, со оглед на тоа што е многу ангажирана околу зголемувањето на платите во приватниот сектор. Како го оценувате ова?

-Точна е констатацијата дека, во изминатиов период, извозниот сектор и инвестициите се битни двигатели на растот во македонската економија. Тоа, секако, се поволни трендови. За мала и отворена економија како нашата, создавањето динамичен извозен сектор и силен инвестициски циклус се клучни за зголемување на конкурентноста на економијата и на нејзината отпорност на шокови. Ваквото опкружување имаше ефекти и на пазарот на труд, позитивно делуваше и на довербата на потрошувачите, а и на нивната способност да се задолжуваат кај домашните банки. Сите овие фактори ја поддржуваа и приватната потрошувачка, која исто така расте. Идниот модел на раст за македонската економија, кој може да обезбеди побрза и одржлива конвергенција секако е многу јасен – раст кој ќе произлезе од извозот и инвестициите, а тоа секако ќе обезбеди поддршка и на личната потрошувачка.

Политиките на зголемување на минималната плата, субвенционирање на исплатата на повисоки плати, на зголемување на бројот на вработени, особено го поддржуваат населението кое има поголема склоност за потрошувачка, ги поддржуваат ранливите слоеви, имаат социјална димензија во себе и го допираат прашањето на распределбата на доходот во нашата економија. Она што е многу важно е овие политики да бидат придружени со мерки, политики за зголемување на продуктивноста на економијата, со што растот на платите би бил сразмерен на растот на продуктивноста без загрозување на конкурентноста на економијата. Во тој контекст мислам дека позитивно е тоа што Владата презема бројни активности за привлекување странски инвестиции и за стимулирање на домашните инвестиции и што стави акцент на поддршката на процесот на посилно поврзување на домашните добавувачи со странските компании, на основањето центри за технолошки развој и истражувања, на капитални инвестиции, како и на финансирањето мали и средни претпријатија и компании во основање. Сето тоа се политики на Владата кои во претстојниот период би требало да дадат позитивни ефекти и да обезбедат натамошна реална конвергенција.

Промена на курсот на денарот е прашање кое низ целата транзиција постојано некој го актуализира. Каков е Вашиот став во врска со иницијативите за напуштање на фиксниот курс? 

-За ова, меѓу другото дискутиравме и на средбата која ја имав со претставници на компаниите членки на Стопанската комора на Македонија, а прашањето ми беше поставено и неколку пати потоа. Повторно ќе нагласам, НБРМ редовно го оценува урамнотеженото ниво на девизниот курс, при што досега се нема покажано значително отстапување на девизниот курс од патеката на урамнотеженост. Со други зборови, курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти. Оваа констатација, всушност, редовно ја потврдува и ММФ, кој ги прави овие оцени на годишна основа.

Несомнено, во нашата средина има повремени пројави на протежирање замена на фиксниот со флексибилен курсен режим, при што најчеста аргументација е тоа што курсот може да се користи како алатка за зголемување на конкурентноста и поддршката на извозниците, како механизам за корекција на надворешната нерамнотежа, односно нерамнотежата во трговската сметка на билансот на плаќање. Но, мораме да имаме предвид дека нашиот извозен сектор се карактеризира со висока увозна зависност, поради што, сметам дека ние не би можеле да ја исползуваме оваа предност, која е најчест аргумент во залагањето за флексибилен курс. Воедно, ние, како економија сме нето-должник кон странство, што во услови на хипотетичка депрецијација на курсот би значело и поголема задолженост на земјата во целина. Истовремено, во услови на релативно високо ниво на евроизираност на нашата економија, промените во курсот би можеле да имаат негативни ефекти врз финансиската стабилност, која, пак, е од исклучително значење за одржлив економски раст. Сето ова укажува дека стратегијата на фиксен курс е најсоодветна за нашата економија. А на тоа укажуваат и досегашните искуства со епизоди на криза, ситуациите во не така далечното минато кога се покажа дека задржаната стабилност на девизниот курс беше клучна за брзо стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти, но и механизам кој придонесува за дисциплинирано водење на останатите макроекономски политики. Меѓу другото, клучно, треба да имаме предвид дека ние сме мала и отворена економија, со висок степен на трговска и финансиска интеграција со ЕУ. Високата трговска отвореност, главно значи поголема подложност на домашната економија на надворешното опкружување, вклучително и на промените на курсот на домашната валута во однос на странските валути. Тоа би значело релативно брз и значаен ефект од промените во девизниот курс врз домашните цени, со оглед на високото учество на увозните производи. Променливите и поголеми ценовни притисоци доведуваат до неизвесен амбиент, имаат неповолно влијание врз економскиот раст и ја нарушуваат вкупната макроекономска стабилност, која ние, како централна банка, сме обврзани да ја одржуваме.

Накратко, цврсто останувам на ставот дека стратегијата на фиксен курс на денарот во однос на еврото е оптимална за македонската економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики, односно, исто како и дел од моите претходници, не гледам причина за напуштање на тековната монетарна стратегија.

Основната каматна стапка на благајничките записи последниот пат НБРМ ја намали за 0,25 процентни поени и ја сведе на сегашните 3%, што доведе до соодветен пад на казнената камата, како и на највисоките камати на банкарските кредити, согласно со Законот за облигациони односи. Гледате ли простор за понатамошно олабавување на монетарната политика во наредниот период, односно за ново намалување на референтната камата, особено затоа што Вашиот претходник Богов пред заминувањето сумира дека оваа камата можела да биде и пониска, „доколку немавме политичка криза, а фискалните политики беа подисциплинирани„? 

-Според нашите тековни согледувања, засега, со исклучок на економската активност каде што има извесно надолно отстапување, останатите показатели или ги исполнуваат нашите очекувања, или се малку подобри од нашите макроекономски проекции кои ги објавивме во мај годинава. Веќе неколкупати по објавувањето на проекциите соопштивме дека параметрите кои се клучни за монетарната политика, како што се инфлацијата и девизните резерви, се во согласност со нашите очекувања, додека динамиката на кредитните и депозитните текови е и малку над нашите процени. Општо гледано, амбиентот е релативно стабилен, движењата на девизниот пазар се поволни и од почетокот на годината НБРМ откупи висок износ на девизи.

Воедно, и депозитната база во банките и натаму се зголемува, посочувајќи на постабилни очекувања на економските субјекти. Имајќи ги предвид расположливите информации и податоци во текот на вториот квартал беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна на условите во економијата и затоа  по последното намалување на каматната стапка во март оваа година, дополнителна промена во монетарната политика не направивме. Но, морам да потенцирам дека ние, промените во вкупните економски и финансиски услови, вклучително и евентуалните промени во фискалната позиција ги следиме на  месечна основа, а со тоа, на редовна основа ја преиспитуваме и поставеноста на монетарната политика. Така, во средината на овој месец повторно ќе ги разгледаме сите најнови податоци и информации и во тој контекст ќе ја оцениме соодветноста на монетарната поставеност.

Во времето на Вашиот претходник, Димитар Богов, се задржа стабилниот курс на денарот, референтната каматна стапка се спушти на историски најниското ниво од 3%, историски најниско ниво достигнаа и каматите на банкарските кредити, при што речиси континуирано и во време на економска криза се бележеше раст на кредитирањето, сето тоа во услови на одржана стабилност на банкарскиот систем. За политиките на НБРМ кои дадоа вакви ефекти, секако, придонесовте и Вие, како долгогодишен вицегувернер. Сега, од позиција на прв човек на монетарната власт, би менувале ли нешто во политиките и со каква цел? Имате седум години пред себе. 

-Како и што споменавте, јас подолго време сум во Банката и бев дел од тимот на претходниот гувернер г. Димитар Богов, што значи директно учествував во креирањето на стратешките определби, политики и активности за одржување на макроекономската стабилност, стабилноста на банкарскиот систем и за создавање поволен амбиент за побрз економски раст. Овие политики дадоа резултати, што јасно се согледува преку аспектите кои Вие ги посочувате. Историски ниските каматни стапки на централната банка доведоа и до историски ниски каматни стапки на банкарските кредити, што во услови на ликвиден банкарски систем, придонесе за солиден кредитен раст обезбедувајќи поддршка за економскиот раст, без притоа да се предизвикаат нерамнотежи во економијата.

Всушност, во посткризниот период стапките на кредитен и економски раст во РМ  беа едни од највисоките во регионот на Југоисточна Европа. Стратегиската поставеност на монетарната политика зависи од структурните карактеристики на економијата кои не се менуваат брзо. Ценам дека и понатаму стратегиски треба да сме позиционирани, исто како и досега, одржувајќи ја ценовната стабилност, преку стабилен номинален девизен курс на денарот во однос на еврото. А каква ќе биде поставеноста на монетарната политика во следниот период, во која насока ќе се менува каматната стапка и останатите инструменти, тоа се прашања на кои е тешко да се одговори однапред. Промените ќе зависат од многу фактори, како што се глобалниот амбиент, трендовите во надворешниот сектор, фискалната поставеност, надворешните и домашните ризици, при што од големо значење ќе биде и политичкиот амбиент. Во секој случај, и натаму ќе го надградуваме процесот на макроекономско моделирање и истражувачката активност, што ќе ни овозможи подобро осознавање на врските во економијата и преземање соодветни монетарни мерки. Исто така, ќе вложиме напори за натамошно унапредување на монетарниот инструментариум и на комуникацијата со јавноста, заради зголемување на ефективноста на монетарната политика. Во однос на банкарскиот систем, ќе продолжиме со политиките на зајакнување на неговата отпорност преку натамошно постепено спроведување на најновите меѓународни стандарди и регулативи во оваа сфера, истовремено поттикнувајќи и поголема конкуренција во делот на финансиските услуги преку компании на ФИНТЕК.

Ви остана ли да довршите нешто што го почнал Вашиот претходник?

-Сите активности кои ги имаме како централна банка, и оние што се дел од тековното работење, и оние што се од стратегиски карактер и претставуваат сегмент од нашите долгорочни планови, во моментот кога ја презедов функцијата беа главно остварени согласно со планираната динамика. Како што веќе и посочив, од позиција на вицегувернер, речиси осум години бев во тек со активностите и бев активно вклучена во спроведувањето на најголемиот дел од нив, па при преземањето на новата функција, за мене не беа новост и имав целосна претстава за нивната важност. Затоа, уште во текот на првите денови од мојот гувернерски мандат настојував да нема застој во институцијата и таа да продолжи непречено со своето работење. Но, покрај продолжување со сите тие активности, од кои голем дел се поврзани со остварување на законски утврдените цели и задачи на НБРМ, истовремено, посакувам и ќе сторам се мојот седумгодишен мандат да биде и период во кој дополнително ќе јакне капацитетот на институцијата и ќе се унапредува нејзината работа, преку проекти, новитети и реформи кои ќе претставуваат и нови чекори по патот кој води кон Европскиот систем на централни банки.

Зад нас е период во кој НБРМ успешно се справи со различни шокови од економска и неекономска природа, а истовремено и девизните резерви ги одржувавме во комфорна зона. Не еднаш имам кажано дека успешното спроведување на монетарната политика се заснова врз силниот институционален капацитет, кој е граден преку постојан долгорочен процес на вложување во човечки ресурси и надградба на знаењето и вештините. Оттаму, моја задача, меѓу другото, е и натамошно вложување и унапредување на институционалниот капацитет.
Пред нас се и бројни активности поврзани со влезот во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји членки. Пред нас се уште многу предизвици на патот до Европскиот систем на централни банки. Сигурна сум дека сме и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите предизвици. Ќе ја оствариме целта кон која сме тргнале избирајќи го тој, не лесен, но исправен пат, по кој може да се чекори само со бескомпромисна, висока стручност и професионалност.

Во која состојба се девизните резерви на државата што ги чува НБРМ?

За нас, како централна банка со режим на фиксен девизен курс, девизните резерви се од исклучително значење. Тие се показател за капацитетот на централната банка за заштита и за справување со притисоци на девизниот пазар и врз девизниот курс. Тековното ниво на девизните резерви изнесува околу 2,623 милијарди евра и бележи значителен раст од околу 287 милиони евра во однос на крајот на минатата година. Главен удел во овој раст имаа и средствата од издадената еврообврзница, но она што исто така е важно што голем придонес за растот на девизните резерви имаат интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, кои и во првата половина од годината и во текот на јули се насочени кон откуп на девизи.

Народната банка откупуваше девизи и во изминатите две години, што покажува дека подолг период надворешната позиција на економијата е поволна. Секако, промените во девизните резерви се важен аспект, но не доволен за да се оцени соодветноста на нивото на девизни резерви. Од тие причини следиме повеќе показатели за адекватноста на девизните резерви, кои се важен „лакмус” при монетарното одлучување, а засега сите овие показатели покажуваат дека девизните резерви се адекватни и во комфорната зона.

Неодамна НБРМ ги пушти во оптек првите банкноти изработени од полимер. Дали во догледно време се планира замена и на останатите банкноти со полимерни и дали можеби во план е воведување и нови апоени?

Централните банки кои пристапуваат кон воведување полимерни пари, во зависност од приликите, се одлучуваат за воведување модел на целосна полимеризација, кој ја опфаќа целата серија апоени кои циркулираат во оптек или, пак, за модел на делумна полимеризација, при што најрационално применливо решение е преминување кон полимерни пари кај пониските апоени кои се најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции. НБРМ се одлучи за моделот на делумна полимеризација. Очекуваме дека со пуштањето во оптек на полимерните пари во апоени од 10 и 50 денари добивме пари кои од аспект на трајноста поседуваат перформанси речиси идентични како оние на кованите пари, но за разлика од нив покажуваат тенденција на двонасочно движење, со што во голема мера ќе се амортизира претходниот постојан одлив на овие апоени од НБРМ.

Во моментов, малку повеќе од два месеци откако полимерните пари беа пуштени во оптек, веќе ги анализираме сите аспекти и показатели кои се целосно согледливи само тогаш кога парите веќе циркулираат. Во зависност од заклучоците до кои ќе дојдеме, ќе донесеме стратегиска одлука дали во иднина ќе преземеме активности кои ќе претставуваат зголемување на опфатот со процесот на полимеризација. Сепак, за да имаме релевантни показатели и за да имаме сеопфатни анализи, потребен е соодветен, не краток временски период.

Во однос на Вашето прашање дали е во план воведување нови апоени, морам да одбележам дека според нашите согледби и оценки, постоечката апоенска структура на парите во оптек веќе е компактна и  урамнотежена за непречено одвивање на готовинските трансакции. Сега, кога циркулираат и книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а се повлечени книжните пари во апоен од 5.000 денари, не само што се ублажи и се надмина преголемата разлика во вредностите помеѓу две последователни деноминации, туку се зголеми и понудата на апоените кои се на располагање при вршењето готовински трансакции. Тоа доведе до урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации и до амортизирање на ударот на побарувачката за одредени апоени, со што дополнително се постигна поголема компактност, олеснување и зголемување на брзината на вршење на готовинските трансакции. Поради сето ова, засега не размислуваме за воведување нови апоени, ниту, пак, за повлекување од оптек на некоја друга деноминација.

Мора да имаме предвид и дека начинот на извршување на плаќањата денес се менува многу побрзо од која било друга област од индустријата на финансиски услуги, под влијание пред се на промените кај дигиталната технологија. Овие промени кои подразбираат замена на готовината со други платежни инструменти, се присутни и кај нас, иако не на нивото како кај поразвиените економии. Заради постигнување повисок степен на дигитализација и намалување на користењето на готовината, меѓу другото, НБРМ, Министерството за финансии и претставниците од банкарскиот сектор изработија „Стратегија за намалување на готовината во Република Македонија”, во чии рамки меѓу другото беа предложени цела палета на пазарни, административни, промотивни и едукативни мерки, за поголема употреба на ефикасни и сигурни безготовински инструменти за извршување на плаќањата.

Како што неколку пати соопштивме, во наредниот период, со донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, во кој се вградуваат директиви и регулативи на ЕУ од платежната сфера, се очекува дека ќе се создадат поволни услови за влез на небанкарски институции на пазарот на платежни услуги, а особено од  секторот „Финтек” кои може да обезбедат современи иновативни решенија и да понудат побрзи, поевтини и поефикасни плаќања за населението и компаниите. Сето ова е заради зголемување на безготовинските трансакции. Верувам  дека сето ова ќе даде резултат и дека по неколку години, податоците ќе покажат засилување на трендот на пораст на безготовинските плаќања, а тоа ќе значи и намалување на потребата од готовина.

До каде е изградбата на новата зграда на НБРМ и од каде е обезбедена сумата од над 24 милиони евра, колку што според последните објавени податоци во медиумите треба да чини тоа здание со неокласичен изглед. Дали ќе се изградат и планираните придружни објекти, како фонтана, обелиск, скулптури, кои дополнително ја оптоваруваат цената на чинење на објектот? 

-Изградбата на нов објект на централната банка, која започна кон крајот на 2016 година, беше неопходност, бидејќи веќе подолг временски период се соочуваме со недостиг на работен простор. Спроведените анализи, меѓу другото, покажуваат дека откако НБРМ ќе почне со работа во новиот објект ќе бидат остварени и значителни заштеди на финансиски средства од аспект на заштеда на електрична енергија, греење, ладење итн. Се работи за среднорочен  проект кој го финансираме од сопствени извори на средства. Во проектот не се предвидени фонтана и обелиск, кои Вие ги споменувате како придружни објекти, па оттука, не се ни планира нивна изведба. Композициите од скулптури се дел од Договорот за градење потпишан во 2016 година.

На што се должи растот на кредитите, особено кај населението во банкарскиот сектор?

-Кредитирањето на домаќинствата бележи релативно стабилен раст во минатите 5-6 години, од околу 10% на годишна основа што се потврдува и со последните расположливи податоци од јуни 2018 година. Во изминатите неколку години, кредитирањето на домаќинствата имаше малку постабилна побарувачка во споредба со побарувачката за кредити од страна на корпоративниот сектор. Меѓутоа, и банките покажаа поизразени склоности за кредитирање на домаќинствата. Нивните оценки и согледувања за степенот на кредитен ризик што го преземаат беа поповолни за кредитното портфолио „на мало”.

Ова се темели на поголемата диверзификација на овој сегмент од кредитното портфолио, но исто така и на подобриот очекуван сооднос меѓу приносот и потребниот капитал за поддршка на овие кредитни активности. Придонес има и постојаниот раст на расположливиот доход на населението, со што се зголемува неговата кредитоспособност. Исто така, во сегментот на финансирањето на купопродажбата на недвижен имот од страна на домаќинствата, нашиот банкарски систем тргна од релативно ниска почетна основа, што природно создава предуслови за малку посилен раст. Поголемиот дел од кредитите за домаќинствата се однесуваат на финансирање на потрошувачката, вклучително и преку одобрените дозволени пречекорувања на тековните сметки и кредитните картички. Но, тековно, најбрз раст бележат станбените кредити чие учество во структурата на вкупните кредити одобрени кон домаќинствата на крајот од јуни 2018 година изнесува малку под 30%.

Вообичаено, овие кредити се обезбедени со хипотека на недвижен имот, што практично значи дека евентуалното остварување на кредитниот ризик, всушност ги изложува банките на ризик поврзан со движењата на пазарот на недвижности. Вообичаено, овие кредити се обезбедени со хипотека на станот, поради што најчесто уредно се отплаќаат.

Во банкарските кругови се погласно се зборува за продажбата на Охридска банка-Сосиете женерал? Дали има преговори и дали до Вас официјално е доставено барање за купување на банката? Деновиве и Комерцијална банка купи акции во најпопуларната банка во Албанија. Дали од НБРМ е добиена согласност , за колкав процент на акции се работи, односно колку проценти од Пиреус банка купи Комерцијална банка во Тирана банка?

Во изминатиов период, до НБРМ не е пристигнато барање за издавање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во „Охридска банка” АД Скопје, односно за стекнување акции чиј збирен номинален износ изнесува или надминува 5% од вкупниот број акции во банка.

Ние, како институција надлежна и за издавање согласности за стекнување акции во банките, гарантираме дека секогаш кога доаѓа до промени кај постојната сопственичка структура на домашните банки, согласно со законските ингеренции коишто ги имаме, водиме и ќе водиме сметка кои било нови акционери со квалификувано учество да ги исполнуваат поставените стандарди и критериуми во однос на интегритетот, финансиската состојба, прудентното работење и слично. Инсистираме и ќе инсистираме новите акционери да бидат барем на истото квалитативно ниво на претходните или да се на повисоко ниво од нив. Впрочем, само со таков однос можеме и натаму да имаме стабилен и сигурен банкарски систем и довербата на корисниците на банкарски услуги и натаму да биде на високо ниво.

Информацијата дека е потпишан обврзувачки договор со Пиреус банка за купување на акции во Тирана банка, групацијата Балфин и Комерцијална банка АД Скопје ја соопштија деновиве, преку Системот за електронско известување од котирани акционерски друштва, во рамки на веб-страницата на Македонска берза. Како што веќе и известивме по интересирање на вашиот медиум, до 8 август годинава, НБРМ нема добиено барање или друга документација во врска со тој договор. Откако ќе добиеме барање, ние како регулатор ќе постапиме во согласност со нашите законски надлежности. Впрочем, и групацијата Балфин и Комерцијална банка АД Скопје, во нивното соопштение имаат нагласено дека: “Купопродажната трансакција е предмет на соодветни регулаторни одобренија во поединечните јуриздикции#.

Каква е состојбата во банкарскиот систем воопшто?

-И овојпат, како и пред неполн месец, кога го дадов моето прво интервју од позиција на гувернер на НБРМ, уште еднаш морам да го потенцирам фактот дека банкарскиот систем на нашата држава е стабилен и отпорен на шокови, а дека тоа, меѓу другото, се должи на прудентното однесување и управување во банките и на долгогодишната практика на длабински и постојан надзор на нивното работење од страна на НБРМ. Банките во континуитет располагаат со адекватно ниво на ликвидност, додека солвентната позиција се одржува над законскиот пропишан минимум. Морам повторно да напоменам и дека тие веќе се усогласија со новите регулаторни барања во поглед на структурата на сопствените средства и законските барањата за одржување соодветни заштитни слоеви на капиталот, согласно со барањата поставени со меѓународната капитална спогодба, позната како Базел III.

Релативно високиот износ и квалитет на сопствените средства со кои располагаа банките им овозможи овој процес на усогласување со новите капитални барања да го поминат без потреба од позначителни докапитализации.Откако, во изминатиот период, банкарскиот систем помина реален стрес-тест во практиката и се покажа дека е отпорен на негативните очекувања на јавноста, што се формираа како последица на политичките случувања, веќе бележиме постепено подобрување на очекувањата на економските субјекти. Ова го потенцирам бидејќи тоа, секако, води кон подобрување на амбиентот за банките и подобрување на нивните оцени за ризиците, што, пак, би довело до побрз раст за депозитната и кредитната активност. Постепеното подобрување на очекувањата на економските субјекти е отсликано во податоците за движењата на депозитите, чиј годишен раст на крајот на првото полугодие годинава е најголем во изминативе три години и изнесува 9% – остварување кое е резултат на растот на депозитите и кај корпоративниот сектор и кај секторот „население”. Притоа, придонесот на депозитите на населението е поизразен, што е и очекувано, бидејќи овие депозити се носечки извор на финансирање на домашните банки. Добар сигнал за враќањето на довербата на штедачите е и повторното зголемување на склоностите за чување на депозитите во домашна валута, тренд кој беше донекаде прекинат за време на случувањата во првата половина од 2016 година.

Каква е контролата со приватните фирми кои експресно позајмуваат пари, а никнуваат како печурки на секој чекор. Банкарите се жалат за нелојална конкуренција, граѓаните во зорт позајмуваат и стравуваат да не заглават!

-Морам најпрво да укажам дека лиценцирањето и супервизијата на недепозитните финансиски институции, согласно со законската регулатива не се во надлежност НБРМ и ги вршат други надлежни институции.
Треба да имаме предвид дека деловната активност на одобрување заеми, во правна смисла е вид на облигационен договор, за кој е дозволено кои било економски субјекти да го склучуваат помеѓу себе, врз основа на слободно изразена волја и се разбира со почитување на специфичните законски прописи, што се релевантни во врска со вакви договори, како што се прописите поврзани со воспоставувањето заложно право, заштитата на личните податоци или заштитата на правата на кредитокорисниците – потрошувачи. Впрочем, речиси во сите земји од Европа, покрај банките, постојат и низа други финансиски институции што се активни на кредитниот пазар.

Некои од нив се финансираат со прибирање депозит. Па така, низ европските земји има штедилници, кредитни унии, кооперативни хипотекарни кредитори итн. Други, пак, исклучиво се финансираат со свои извори на финансирање, како што е случајот со нашите домашни финансиски друштва. Некои од нив настапуваат на пазарот исклучиво во свое име и за своја сметка, а други настапуваат во име и за сметка на банки или други финансиски институции, како што се на пример кредитните посредници. Процесите на усогласување на нашата регулатива во доменот на финансискиот систем со европските прописи неминовно ќе создадат простор и за дополнителна конкуренција на банките, не само во деловната линија „кредитирање”, туку и други деловни линии (на пример, платежните услуги). Впрочем, и од макроекономски аспект, познато е дека здравата конкуренцијата, во секоја сфера, па и во финансиите, претставува двигател на подобрувањата на продуктивноста на сите фактори на производството. Сепак, ако се има предвид учеството на овие институции на нашиот пазар, кое засега е многу скромно, нивната насоченост кон сегменти од населението кои вообичаено имаат отежнат пристап до банкарски производи и фактот дека нивните продукти се значително поскапи од оние што ги нудат банките, прашање е дали би можело да се зборува за конкуренција на банките.

Разговорот за овие даватели на „брзи” кредити треба повеќе да биде насочен кон цената која тие ја наплатуваат за дадениот кредит, што достигнува исклучително високи нивоа. Можеби одреден сегмент од населението, кој веројатно потешко може да ги исполни критериумите на банките за добивање кредит, успева лесно и брзо да ги задоволи своите финансиски потребни користејќи кредит од овие друштва, но цената што за тоа ја плаќаат лицата е исклучително висока и на подолг рок може да влијае врз неодржлив раст на нивната задолженост. Токму заради тоа се и најавите на Министерството за финансии за преземање мерки во доменот на заштита на потрошувачите корисници на потрошувачки кредити, во смисла на поставување горна граница на вкупните трошоци кои се наплатуваат на одобрените кредити од страна на сите кредитори, вклучително и овие, кои Вие ги нарекувате приватни фирми.

В.М.Б. – С.В.