ИНТЕРВЈУ: НИКИЦА МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ: Целта на основачите на Македонија 2025 е земјава да стане дел од западен свет до 2025

358

 

Основната функција или мисија на Македонија 2025 е да го поддржи развојот на компаниите и земјата, а не да инвестира директно во бизнисите. Досега сме вложиле околу 3 милиони долари во програми за поддршка на бизнисите. Покрај директна поддршка, во смисла на експертска помош, сме организирале многубројни настани низ светот за поврзување на македонските бизниси со странски, трговски мисии, бизнис форуми итн. Имаме вложено околу 1 милион долари во поддршка на лидерски развој, сметајќи дека добрите бизнис лидери ќе доведат до повисок раст на компаниите, но и ќе го направат општеството подобро.На пример, програмата – Зафировски, во соработка со врвната Келог, школата за менаџмент, преку која македонски извршни директори одат на усовршување во САД. Покрај тоа, одредени членови на Одборот инвестирале во бизниси во Македонија, некои имаат отворено и свој бизнис, а секако дека сме помогнале на многу бизниси да најдат свои партнери и/или инвеститори, вели НИКИЦА МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ  , главен извршен директор на Македонија 2025, во интервју за  весникот „ВЕЧЕР“

 

 

Самитот Македонија 2025 од денеска до 18 ноември ќе се одржи по осми пат во Скопје. На што годинава ќе биде ставен акцент и кои ќе бидат главните теми на дебатите?

Самитот е динамична платформа за поврзување на бизниси од регионот, меѓусебно, но и со странски компании, како и со претставници на дијаспората. Покрај тоа, Самитот има за цел да претстави одлични економски и бизнис примери, да поттикне реформи и ширење на иновации. Покрај одредени стандардни теми, кои ги покриваме секоја година (на пример, глобалните геополитички трендови и импликации врз регионот), оваа година имаме две главни теми. Првата е, накусо кажано, иднината на професиите и вештините. Имено, ќе зборуваме за тоа кои се вештините кои ќе ни требаат во иднината, кои професии ќе постојат, а кои ќе изумрат и слично. Втората главна тема се иновациите за намалување на аерозагадувањето. На оваа тема практично имаме три панели. Сакаме да ги донесеме заедно сите чинители: компаниите, владините институции, невладиниот сектор, едукативните институции, донатори кои финансираат вакви проекти итн. Да се обидеме да направиме вистинска промена.

Македонија 2025, всушност, е организација на наши иселеници кои успеале во светот. На стартот почнавте со идеја како можност за запознавање и вмрежување на претставниците на бизнис-секторот од државата со оние од развиените економии. Сметате ли дека изминативе години успеавте тоа да го постигнете?

Апсолутно. Идејата на организацијата е да се искористи потенцијалот на дијаспората во насока на поттикнување на економскиот напредок на Македонија. Тоа го реализираме на неколку начини/цели. Една од тие цели е поддршка на развојот на бизнисите, зголемување на нивната конкурентност и интернационализација. Во таа насока спроведуваме програми, меѓутоа исто така на бизнисите им oтвoраме врати, преку лични и професионални контакти на членовите на Одборот на директори, како и другите членови на дијаспората кои се блиски до нашата организација. Најзначајна програма е програмата за претприемачи на семејството Битов, основана и финансирана од членот на нашиот Одбор на директори, Џон Битов, преку која канадски експерти работат со домашни компании за подобрување на нивната конкурентност. Исто така, спроведуваме обуки за млади претприемачи, да ги подобрат своите бизнис планови, да растат професионално, како и да ги развиваат понатаму своите бизниси. Досега околу 400 млади претприемачи поминале низ оваа обука (двонеделна програма, спроведена во соработка со Ivey School of Business од Канада). Но, за нас ова не е доволно. Во наредните две години ќе започнеме нови програми за поддршка на компаниите,почнувајќи од големите компании, па сè до малите и микро компании.

Како водечка регионална платформа за споделување на последните светски трендови во бизнисот, инвестициите, технолошките иновации и одговорното лидерство колку на Македонија и бизнисот, Македонија 2025 му донесе перспективи?

Сметам дека токму оваа компонента на организацијата и на Самитот е од непроценливо значење за бизнисите, за носителите на политиките, за академијата. Преку Самитот сме имале можност сите ние да слушнеме и запознаеме големи имиња, но и големи личности. Изборот на говорници секогаш бил воден од тоа кои се главните трендови и иновации во светот, но секогаш водејќи сметка, барем индиректно, да промовираме одговорно лидерство. На тој начин, веруваме дека сме поттикнале економски реформи, сме мотивирале наши бизниси да напредуваат, сме поттикнале млади луѓе да ги бркаат своите соништа. Иако, за жал, ова не е мерливо. Од тој аспект, се потценува улогата на организацијата во поттикнување на економскиот напредок на Македонија.

Компаниите во изминативе години со воодушевување ја поздравија иницијативата на дијаспората да се поврзе со македонскиот бизнис сектор. Дали ги оправдавте нивните очекувања?

Би рекла дека очекувањата од организацијата се големи и некогаш тешко е да се исполнат. Но, организацијата има многу силна и јасна идеологија, а тоа е поддршка на економијата, на развојот на компаниите, на подобрување на животниот стандард. Многу бизниси биле дел од нашите програми и имаат позитивни искуства. Секако, по секоја програма спроведуваме анкета за задоволство на учесниците, и тие анкети покажуваат извонредни резултати. Тие се мотивот за организацијата и за Одборот на директори да продолжиме понатаму. Меѓутоа, нашата цел е да растеме и да го зголемуваме импактот. Видете, условите се сменија од годините кога е основана Македонија 2025. Се менува структурата на економијата, големите компании растат, но имаме и динамичен сектор на мали и микро компании (и стартапи). Исто така, фокусот беше подолго време ставен и на привлекување на странски инвеститори. Па така и ние мораме да се прилагодуваме и да помагаме онаму каде е потребно. Ние го слушаме бизнисот и реагираме на нивните барања.

Да сумираме, досега, Македонија 2025, колку инвестираше во Македонија и дали сметате дека тоа е доволно за развој на бизнисот? Колку средства се вложени во земјава од овие инвеститори и во кој сектор најмногу?

Најпрвин, сакам да потенцирам дека основната функција или мисија на Македонија 2025 е да го поддржи развојот на компаниите (и земјата), а не да инвестира директно во бизнисите. Досега сме вложиле околу 3 милиони долари во програми за поддршка на бизнисите. Покрај директна поддршка во смисла на експертска помош, сме организирале многубројни настани низ светот за поврзување на македонските бизниси со странски, трговски мисии, бизнис форуми итн. Имаме вложено околу 1 милион долари во поддршка на лидерски развој, сметајќи дека добрите бизнис лидери ќе доведат до повисок раст на компаниите, но и ќе го направат општеството подобро. На пример, програмата – Зафировски, во соработка со врвната Келог, школата за менаџмент, преку која македонски извршни директори одат на усовршување во САД. Покрај тоа, одредени членови на Одборот инвестирале во бизниси во Македонија, некои имаат отворено и свој бизнис, а секако дека сме помогнале на многу бизниси да најдат свои партнери и/или инвеститори.

Имате ли бројка колку светски компании токму идејата ја добија на вашите досегашни Самити да инвестираат во земјава?

Не би можеле да кажеме конкретна бројка, но би рекле многу. Македонија 2025 има вложено многу ресурси (главно, време, лични и професионални контакти) за привлекување на странски инвеститори. Членовите на Одборот на директори се на еден начин наши амбасадори. Каде и да патуваат, на средби со свои пријатели и деловни партнери секогаш ја спомнуваат идејата за инвестирање во Македонија. Потоа останува на нас, на земјата да ја завршиме работата. На крајот, нивната одлука за инвестирање зависи од нас.

Колку неспроведените судски реформи, поточно невладеењето на правото имаше влијание врз инвестициите?

Токму тоа сакам да го потенцирам. Сите напори на Македонија 2025, па и на владата нема да вложат со (голем) плод доколку немаме воспоставено добро деловно опкружување. Истото се однесува и на инвестициите на дијаспората. Колку и да имаат емоции кон Македонија, нема да се одлучат да инвестираат доколку не се сигурни дека има целосно владеење на правото, доколку сметаат дека лесно може да бидат предмет на корупција, заштита на имот и слично. Мора понатаму да работиме на овие елементи.

Дали имате притисоци од власта за насочување на парите од дијаспората кон одредени проекти или компании?

Не.

Македонија 2025 симболично требаше да асоцира на Македонија во Европа до 2025. Сега кога и на последниот Самит не го добивме очекуваниот датум за старт на преговори со ЕУ, дали можеби ќе го смените името?

Немаме такви планови. Основачите на Македонија 2025 имале и имаат цел Македонија да стане дел од развиениот западен свет до 2025. Но, да се биде дел од тоа „друштво” не значи само членство во ЕУ и НАТО. Напротив, значи повисок животен стандард за граѓаните и подобар квалитет на живот. Остануваме посветени на овие две работи. Во таа насока, Македонија 2025 користи т.н. Матрица за следење на економскиот напредок. Таа матрица, која е збир на економски индикатори, покажува дали се движиме во права насока, дали одиме кон патот кој е посакуван од Македонија 2025, од бизнисите, од граѓаните. За жал, напредокот е бавен. Затоа апелираме силно за реформи, за подобрување на деловното окружување, за силно лидерство на носителите на политиките.

Што би ‘ порачале на бизнис заедницата во Македонија?

Да ги држиме политичарите одговорни, да бараме повеќе. И, секако, да ги споделуваат со нас нивните идеи за програми и мерки за поддршка,со цел Македонија 2025 да биде во можност да ја даде потребната поддршка на бизнис секторот.