Сакам да нагласам дека не постои централна банка која сака да донесе или лесно носи решение за одземање на дозволата за основање и работење на банка. Тоа е тешка одлука, која следува по детални супервизорски оцени и анализи и откако сите алтернативни решенија кои значат подобар исход се исцрпени. Целиот тим и јас вложивме максимални напори, во согласност со законските прописи, да се изнајде поповолно решение, вклучително и преку интензивна комуникација со сопствениците, но и комуникација со потенцијалниот инвеститор посочен од нив. На крајот мораше да се преземе ваквиот чекор, како што бара и Законот за банките. Впрочем, тој е и законска обврска, со чие почитување се заштитува банкарскиот систем, но клучно – се заштитуваат и депонентите и доверителите на конкретната банка. Важно е да се знае дека депонентите на „Еуростандард банка“ не треба своите побарувања по основ на депозит да ги пријавуваат кај стечајниот управник. Инаку, од Фондот, обесштетени ќе бидат и депозитите на трговците-поединци и на физичките лица кои, согласно со Законот за трговски друштва не се сметаат за трговци. Оние граѓани кои во овој период не се во земјата, треба да бидат спокојни, бидејќи исплатата на обесштетувањето за нивниот депозит може да се оствари и понатаму, кога тие ќе бидат во можност. Истото важи и за наследниците на депозитите кои се предмет на наследување и оставинска постапка – нивната исплата ќе може да се оствари во секое време по завршување на оставинската постапка, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

Весна М. БОЖИНОВСКА

 

 

ЕЦБ донесе значајна одлука – за првпат овозможи Народната банка да има пристап до девизна ликвидност во евра. Како дојде до ваквата важна одлука?

 На самиот почеток на ковид-кризата, ние како централна банка покренавме иницијатива која беше поддржана од сите централни банки од Западен Балкан, за обезбедување пристап до девизна ликвидност во евра од ЕЦБ. Сите ние сме земји кои иако сѐ уште не сме членки на Европската Унија и дел од евросистемот, имаме висок степен на економска поврзаност со европската економија, а еврото како валута има значајна улога во економските текови. Иницијативата ја презентиравме и пред меѓународните финансиски институции, кои ни дадоа поддршка, а потоа следеа одделните билатерални барања, кои беа оценувани од ЕЦБ.

Позитивниот одговор следеше по позитивната оцена на ЕЦБ за фундаментите на економијата и капацитетот на централната банка соодветно и навремено да реагира и успешно да ја одржува макрофинансиската стабилност. Со оглед на тоа што ни е овозможен брз и едноставен пристап до девизна ликвидност во евра од страна на ЕЦБ, јасно е дека нивната оцена и перцепција за нас е поволна.

За што ќе се користат овие средства? Што е користа за економијата?

 Поддршката која ЕЦБ ни ја даде преку нејзиниот позитивен одговор на нашето барање е многу значајна. Во основа значи брз пристап до девизна ликвидност во евра, доколку тоа ни е потребно.

Имајќи предвид дека во ек е пандемија, која во глобални рамки значајно ја зголемува неизвесноста и делува врз економските остварувања и врз условите на финансиските пазари, носителите на политиките мора да располагаат со инструменти за реакција, во случај на материјализација на поголеми ризици.

Ние и на почетокот на кризата и сега, како економија имаме денарска и девизна ликвидност, која е на високо и адекватно ниво. Во периодот од избувнувањето на кризата, Народната банка презеде мерки преку кои се обезбеди дополнителна денарска ликвидност во банкарскиот систем, а воедно дополнително зајакнаа и девизните резерви. Обезбедени се средства и преку меѓународните финансиски институции, но и на меѓународниот финансиски пазар. Сепак, оваа криза се карактеризира со неизвесност и оттаму не е исклучена можноста за затегнување на финансиските услови, односно зголемување на трошоците за финансирање или намалување на ликвидноста. Токму доколку се случи вакво сценарио, овој инструмент на ЕЦБ нам ни овозможува брз пристап до ликвидност во евра, под поволни услови, што секако значи и поголем простор за брзо и ефикасно дејствување.

Вкупниот износ на девизна ликвидност кој Народната банка може да го обезбеди од ЕЦБ изнесува 400 милиони евра, а користењето на овие средства може да биде постепено, сѐ до постигнување на овој максимален износ за периодот до средината на следната година или додека е потребно. Преку Народната банка, овие средства ќе можат да ги користат деловните банки, ако имаат потреба од девизна ликвидност, што дополнително ја гарантира стабилноста на банкарскиот систем кој е стожер за економијата. Ако биде потребно, ликвидноста од репо-линијата на ЕЦБ ќе биде значајна поддршка за стабилноста на системот, што се надоврзува на неговата отпорност на шокови, потврдена и на последните стрес-тестирања.

 Ќе има ли Народната банка големи трошоци кон ЕЦБ за оваа репо-линија?

 Со можноста за користење на средства од репо-линијата е овозможено Народната банка да обезбеди девизна ликвидност во евра на привремена основа, со рочност до 3 месеци, врз основа на пласирање на хартии од вредност кај ЕЦБ. Каматната стапка на репо-линијата е на ниво на основната стапка за рефинансирање на ЕЦБ и тековно изнесува 0%. Ова значи брз пристап до ликвидност, без притоа Народната банка да има потреба да ги продава хартиите од вредност со кои располага и носат определени приноси, или пак да ги чува средствата расположливи во секое време на сметка кај странските банки по негативна каматна стапка во тековните услови. Оттука, цената на репо-линијата е димензионирана на начин што ја прави да биде поатрактивна и поповолна споредено со понеповолните услови на глобалните финансиски пазари, особено ако дојде до идно интензивирање на пандемијата на ковид-19.

 Дали репо-линијата од ЕЦБ е и дополнителна поддршка на стабилноста на денарот?

 Секако. Самиот факт што како централна банка, независно од условите на меѓународните финансиски пазари имаме гарантиран брз пристап до ликвидност во евра од ЕЦБ, јасно посочува дека тоа е важна дополнителна поддршка на стабилноста на девизниот курс. Велам дополнителна, бидејќи нивото на девизни резерви е високо и според сите показатели за адекватност, резервите се во комфорна зона.

 Но, топ тема до пред некој ден беше тоа што „Еуростандард банка“ отиде во стечај. Мораше ли?

 Прво, сакам да нагласам дека не постои централна банка која сака да донесе или лесно носи решение за одземање на дозволата за основање и работење на банка. Тоа е тешка одлука, која следува по детални супервизорски оцени и анализи и откако сите алтернативни решенија кои значат подобар исход се исцрпени.

Како и што објаснивме на прес-конференцијата, заради потребата од резервација за еден поголем дел од кредитните пласмани, сопствениците на Банката имаа преземено обврска за докапитализација на Банката во првата половина на оваа година, над уплатата од 11 милиони евра во текот на 2019 година со која покажаа одредена респонзивност со зголемување на капиталот на Банката што беше клучно за одржување на минималните законски барања.

Имајќи ги предвид состојбите во Банката, единствено докапитализација беше можно решение. Јасно им укажувавме на сопствениците на сериозноста на состојбата во која се наоѓаше банката и инсистиравме на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализацијата, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на банката. За жал, сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту обезбедија издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор. Неисполнувањето на обврската за докапитализација заедно со поголемите загуби доведе до несолвентност на банката.

Велам издржано и реално решение, бидејќи со оглед на финансиската состојба на Банката, издржано решение значеше и инвеститор кој би извршил брза докапитализација во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост. А секако, за некој да биде сопственик на банка треба да мине и низ целосно документиран процес на оцена на соодветноста за акционер во согласност со критериумите дефинирани во Законот за банките.

Целиот тим и јас вложивме максимални напори, во согласност со законските прописи, да се изнајде поповолно решение, вклучително и преку интензивна комуникација со сопствениците, но и комуникација со потенцијалниот инвеститор посочен од нив. На крајот мораше да се преземе ваквиот чекор, како што бара и Законот за банките. Впрочем, тој е и законска обврска, со чие почитување се заштитува банкарскиот систем, но клучно – се заштитуваат и депонентите и доверителите на конкретната банка.

Со свои реакции се јавија политичките партии. Кој е Вашиот одговор на овие реакции?

 Како што нагласивме веќе – Народната банка е институција со уставно и законски гарантирана независност и самостојност, која при остварување на своите законски утврдени цели и задачи се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните. Токму заради професионалноста и независноста на централната банка, со години наназад се одржува макроекономската стабилност, што е нотирано и во извештаите на сите релевантни меѓународни финансиски институции, како и во извештаите на европските институции. Затоа, повторно повикуваме да се почитуваат самостојноста и независноста на Народната банка, да не се инволвира во политички дискусии, а нејзините одлуки да не се ставаат во политички контекст.

Направивте ли сѐ за да ги заштитите граѓаните што ги користеа услугите на оваа банка?

 Народната банка го вложи максимумот – сите мерки кои ги презедoвме кон „Еуростандард банка“ се за заштита на граѓаните кои беа нејзини депоненти. Впрочем, и воопшто, секоја супервизорска мерка што се презема кон некоја банка е во таа насока. Како конкретен пример би ја посочила мерката за ограничување на кредитирањето, која беше преземена кон „Еуростандард банка“ – со неа се заштитија депозитите. Ако не се стореше тоа, „Еуростандард банка“ депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен сопствен капитал на чиј товар треба да паднат евентуални загуби. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите кои беа депоненти на „Еуростандард банка“ и го сторивме тоа.

Штитејќи го интересот на депонентите и доверителите, активно ги остарувавме и сите активности кои по укинувањето на дозволата за основање и работење на банката, во периодот до отпочнување на стечајната постапка се законска надлежност на Народната банка. Заштитен е имотот на „Еуростандард банка“, со што се обезбедени дел од предусловите за спроведување ефикасна и брза стечајна постапка во рамки на која треба да се наплатат побарувањата на доверителите и дел од депонентите. Инаку, надлежноста на Народната банка завршува со отворање на стечајната постапка, кога управувањето со целокупниот имот го презема стечајниот управник. Доколку стечајната постапка се води успешно, може да се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на „Еуростандард банка“.Изминатите денови, нашиот тим беше максимално посветен и за да придонесе за што побрзо да се спроведат административните процедури поврзани со исплатата на обесштетувањето на депозитите на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити и се надеваме дека исплатата ќе започне навремено.

 Да, беше соопштено дека се работи на тоа што побрзо да завршат административните процедури поврзани со исплатата на обесштетувањето од страна на Фондот. До каде се активностите, што да очекуваат граѓаните?

 Ние сме во постојан контакт со Фондот, со залагања процесот да се одвива успешно. Фондот веќе соопшти преку кои банки ќе се одвива исплатата – „Стопанска банка“ АД Скопје, „НЛБ Банка“ АД Скопје, „Халкбанк“ АД Скопје и „Комерцијална банка“ АД Скопје. Важно е да се знае дека депонентите на „Еуростандард банка“ не треба своите побарувања по основ на депозит да ги пријавуваат кај стечајниот управник. Инаку, од Фондот, обесштетени ќе бидат и депозитите на трговците-поединци и на физичките лица кои согласно со Законот за трговски друштва не се сметаат за трговци. Се работи на тоа да се поедностават административните процедури за издавање на потврдите за осигурените депозити, а имајќи ги предвид околностите со пандемијата на ковид-19 и неопходноста да се заштити здравјето, се прави и соодветна распределба на депонентите по групи. Од Фондот сме известени дека се преземаат активности и за други прашања, за да се излезе во пресрет на депонентите и процесот да се одвива што поефикасно. Оние граѓани кои во овој период не се во земјата, треба да бидат спокојни, бидејќи исплатата на обесштетувањето за нивниот депозит може да се оствари и понатаму, кога тие ќе бидат во можност. Истото важи и за наследниците на депозитите кои се предмет на наследување и оставинска постапка – нивната исплата ќе може да се оствари во секое време по завршување на оставинската постапка. Верувам дека штом бидат прецизирани сите детали, од Фондот ќе ги известат депонентите, при што ќе биде соопштен и датумот на кој ќе започне обесштетувањето, во рамки на законските рокови.

 

 

Што ќе биде со кредитокорисниците?

 Начинот на измирување на обврските врз основа на кредитите, граѓаните и компаниите кои биле клиенти на „Еуростандард банка“ ќе треба да го регулираат со стечајниот управник, кој се очекува навремено да сподели информации со нив. Во рамки на овој процес, клучно е поддршка за граѓаните и компаниите да испорачаат банките и одличен сигнал е што тие, преку Македонската банкарска асоцијација веќе соопштија дека се подготвени да излезат во пресрет на клиентите.

 Им гарантирате ли на граѓаните дека другите банки се сигурни?

 Сите други банки се сигурни и стабилни, односно сигурен и стабилен е севкупниот банкарски систем, во чија вкупна актива „Еуростандард банка“ учествуваше само со 1,3%. Како што истакнав и неодамна, „Еуростандард банка“ е изолиран случај, кој нема да влијае на другите банки.

Најновите расположливи податоци покажуваат дека банките, и покрај зголемената неизвесност во глобалната и домашната економија, остварија солидни резултати, кои се и подобри споредено со податоците од крајот на март кога ковид-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во македонската економија. Kапиталот на банките и дополнително зајакна, како резултат на задржување на најголемиот дел од нивните добивки за зголемување на нивниот капитал, што е резултат и на препораката што им ја упативме на почетокот на ковид-кризата. Притоа, нешто повеќе од половина од капиталот на банките претставува вишок над законскиот минимум што е исклучително значајно за заштита на банкарскиот систем од шокови, каков што е пандемијата на ковид-19. Квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90% се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на банкарскиот систем.

Гаранција за стабилноста на банкарскиот систем е и тоа што ликвидноста со која банките располагаат е на високо ниво, и покрај тоа што тие привремено ги одложија наплатите на значаен дел од кредитите.

Дали другите банки имаат соодветно ниво на капитал?

 Најдобро мерило за тоа е стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем, која на крајот на првото полугодие забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум – со изземање на „Еуростандард банка“ изнесува 17,2%, односно е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум од 8%. Кај сите банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14% до 22%, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста на банките и банкарскиот систем во целина.

 А имаат ли доверба граѓаните – што се случува со депозитите по пропаѓањето на „Еуростандард“?

 Кај депозитите на домаќинствата не се присутни невообичаени движења за овој период од месецот. Ова се потврдува и преку информациите кои на дневна основа ги добиваме од банките. Ова е значаен сигнал дека граѓаните имаат доверба во банкарскиот систем. И треба да е така, бидејќи како што не еднаш сме посочиле, банкарскиот систем е еден најцврстите носечки столбови на македонската економија.

 

  ЌЕ ИМА ЛИ НОВО ОДЛАГАЊЕ НА ОТПЛАТАТА НА КРЕДИТИТЕ ВО БАНКИТЕ? 

 

 Граѓаните се интересираат – одложувањето на наплатата на кредитите кај банките е до крајот на септември. Може ли да очекуваат ново одложување?

 Постојано го следиме развојот на случувањата и притоа, секако, подготвени сме соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности. Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните, и за стабилноста на банкарскиот систем.