Моника Зајкова е храбра млада дама која успешно плови во политичките води години наназад, а од ноември минатата година  ја презеде водечката позиција во Либерално-демократската партија.

Во празничното интервју за весникот ВЕЧЕР, како лидерка на политичката партија, која игра важна улога на македонската политичка сцена, вели дека ако сакаме да ја видиме нашата држава како „рамо до рамо“ носи одлуки со другите европски земји и ги ужива бенефитите кои ги нуди Европската Унија, мораме да ги надминеме сите тековни предизвици кои го кочат евроинтегративниот процес и конечно да ја придвижиме државата напред. -Мора да работиме во насока на обезбедување на системски мерки и реформи, а не само на собирање на дневно-политички поени. Јас одлучив оваа година да ја започнам оптимистички, така што мојата цел е неуморно да работам и да соработувам, а го очекувам истото и од другите политички чинители, за заедно да направиме поголем прогрес на секое поле, а со тоа да ја испочитуваме волјата на граѓаните и константно да го подобруваме животот во Македонија и да ја внесеме земјата во Европската Унија

 

 

За почеток, како ги оценувате постигнувањата на Либерално-демократската партија во минатата година и која е Вашата визија за 2024?

ЛДП се истакна како клучен фактор на политичката сцена во Македонија, особено при трасирање на патот кон ЕУ. Нашите активности, вклучувајќи го и карванот „Секој е важен“, се насочени кон вклучување на граѓаните во процес кој подразбира креирање на програма и политики по нивна мера, а исто така успешно предводиме и поддржуваме законски иницијативи насочени кон социо-економски напредок. Тука, би сакала да ги потенцирам иницијативите кои ги покренуваме, како, на пример, Иницијативата за отповикување на градоначалници, која е креирана во насока – секој да биде еднаков и еднакво да ги сноси одговорностите. Обезбедивме Закон за субвенциониран студентски оброк, а работиме и на решение за загарантирано работно место на најдобрите студенти, како и за ИТ-номади и решенија за спортот. Жалам што сè уште не е разгледана Измената на законот за платни системи, што треба да сочува повеќе пари во џебот на граѓаните наместо енормни профити на банките. Исто така би ги нагласила и намалувањата на паушалите во одредени управни одбори и надзорни одбори на регулаторни тела и агенции. Во собраниска постапка се и две измени на кривичниот закон со кои бараме зголемување на годините на застареност за кривичните дела од триесеттата глава, која опфаќа дела со кои се наштетува на буџетот на државата, како и внесување на две нови кривични дела кои го санкционираат користењето на симболите на национал-социјализмот и другите фашистички режими.

Неуморно работиме на креирање на политики кои ја отсликуваат волјата на граѓаните, бидејќи тоа е единствениот начин да се докажат нашите заложби. Ние сме гласот на народот, па водејќи се од тоа, за 2024 година, нашата стратегија е фокусирана на продолжување на работа во правец на обезбедување брзо членство во Унијата и решавање на сите социо-економските предизвици во земјата. Нашата визија се реформи кои се потребни, со цел да ја зајакнеме економијата и да ги подобриме условите за живот на граѓаните и да седиме на иста маса со важните политички чинители во Европа.

Како ЛДП планира да се справи со актуелните предизвици во земјата?

Либерално-демократската партија ќе продолжи со активен дијалог со граѓаните во креирањето на политиките кои ги застапува. Продолжуваме да работиме кон зголемување на транспарентноста и ефикасноста во управувањето со јавните ресурси, што е од клучно значење. Ги унапредуваме и меѓународните односи и ја јакнеме соработката со ЕУ и други меѓународни партнери преку лобирање во Алијансите каде што сме полноправни членки.

Нашата визија е јасна, мораме да ги зајакнеме домашните капацитети, да правиме реформи, согласно со европските политики и практики, а со тоа, последователно и да го забрзаме процесот на преговорите по поглавја, кој искрено се надевам дека ќе се случи наскоро. Преку комуникацијата со граѓаните сакаме да го оттргнеме и песимизмот, што е создаден меѓу нив во однос на членството во ЕУ и повторно да им ја вратиме надежта за добивање на сите бенефити кои тоа ги нуди.

Како го гледате патот на Македонија во ЕУ, колку сработивме „дома“ и можеме ли да очекуваме конечно откочување на процесот ?

Македонија има светла иднина како дел од ЕУ. Заложбата за континуирани реформи и поддршката од граѓаните се круцијални за успешната интеграција. Ние сме оптимистични дека со одржување на фокусот на прозападните вредности и исполнувањето на критериумите за членство, Македонија ќе се трансформира во напредна и стабилна земја. Тука би сакала да го истакнам значењето на работата „дома“.

Свесни сме дека поради тековните војни на европско тло, Европа се соочува со голем број предизвици, кои ги чувствуваме и ние како земја на европскиот континент, но токму ваквите геополитички случувања ни покажаа дека одлуката за членство во НАТО е исправна и наметнаа ново темпо во европската интеграција. Никако не смееме да ги заборавиме бенефитите кои ги добиваме од Европската Унија. Јас паметам како се чекаа долги редови за визи пред амбасадите пред да го уживаме безвизниот режим и слободата при патување. Колку капитални проекти се реализираа со европски средства. Колку финансиски бенефит и допрва треба да имаме и колку значи отворање и доближување до европскиот пазар. Колку можности за работа на европски проекти се отворија за младите квалитетни луѓе.

Земјите членки добиваат и до осум пати поголеми финансиски средства по глава на жител од земјите кандидатки за членство. Граѓаните мора да бидат свесни за важноста на овој процес, а партиите, наместо да собираат дневно-политички поени, да почнат да наоѓаат решенија со кои ќе ги надминуваат предизвиците кои ни го кочат патот. Не смееме да стоиме со години во исто место. Времето покажува  дека политичките партии не можат да се одлепат од партиската матрица и не сме подготвени да постигнеме консензус за големи, системски реформи на општеството. Затоа очекувам дека со отворање на поглавјата ќе мораме да имплементираме реформи. Постигнат е одреден напредок, немаме назадувања во ниту едно поглавје, нужно е да ги валоризираме досегашните напори и да ги откочиме процесите.

Моментот е сега. Имаме подадена рака, веќе во Унијата се зборува за членство во фази, објавен е Планот за раст на Западен Балкан. Сега сите ние дома останува да се вложиме максимално, да обезбедиме национален консензус за да ја исполниме нашата долго посакувана цел-полноправно членство во Европската Унија. Никогаш не сме биле поблиску до целта, ќе биде тажно да ја пропуштиме можноста.

Корупцијата ја „окупира” Македонија. Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, состојбата на ова поле ја нарече „епидемија“ на корупција. Како планирате да се справите со правосудните предизвици и корупцијата во земјата?

Еднаквоста пред законот и ефикасното правосудство се основа за градење на функционална правна држава. ЛДП е одлучна во борбата против корупцијата и криминалот. Нашиот приоритет е воведување на реформи во правосудниот систем и обезбедување на доследно почитување на правото. Заврши времето на недопирливи. Ако и функционер од ЛДП се докаже дека направил кривично дело  ќе биде повикан на одговорност.

Крајно време е да се воведе мерит систем и во судската и обвинителската служба. Судскиот совет не може да биде тело кое не подлежи на никаква контрола и одговорност. Мора да се воведе и одговорност на судија и обвинител и забрана за вршење на професија, дејност, должност. Имаме голем број мерки во Програмата во оваа област, доволно е да ги тргнат поголемите партии суетите на страна и да ги поддржат нашите политики и нормално, клучно е политиката да се тргне од правосудството.

Кон што ќе бидат насочени политиките на ЛДП во 2024 година?

Политиките се насочени кон продолжување на енергетска транзиција, зелен данок, плаќање на лекарите по учинок, проширување на позитивната листа на лекови, мала, ефективна и добро платена администрација, поддршка на мали и средни бизниси, фискална децентрализација, викенд без ДДВ.

Политики насочени кон реформи во образованието, дигитализација на истото до 2025 година, повеќе средства за научно-истражувачка работа, партнерства меѓу образовните установи и бизнис-секторот кои се нужни за подобра подготвеност на младите за пазарот на труд, борба за човековите права итн, – затоа што секој ни е важен.

 Одлучивте ЛДП да настапи заедно со европската коалиција на претстојните избори. Зошто донесовте таква одлука?

ЛДП треба да биде предводник на европската коалиција на претстојните избори, затоа што најотворено и најжестоко се бориме за европските вредности. Оваа одлука претставува стратешки чекор кон обединување на сите страни кои се залагаат за европска Македонија. Нашата улога е да ги инспирираме коалициските партнери за заедничка цел – напредок на Македонија на патот кон ЕУ. Согласно со сите проценки, анализи и разговори кои ги водевме во рамки на органите и телата на партијата донесовме одлука за настап на претстојните парламентарни избори во коалиција која ќе понуди европска иднина и брз спој со Унијата.

Како претседателка на ЛДП  сум овластена да водам преговори за коалицирање со сите партии кои навистина гледаме дека ќе се борат за прогрес на земјата, реформи дома и за брзо членство во Унијата. Како партија ги потцртавме нашите програмски линии и утврдивме тим за програмски преговори. Наша заедничка цел е влез во ЕУ и тоа е појдовна точка за оваа одлука. Но, ќе ги изнесеме сите наши предлози во однос на креирањето на политиките и во сите останати сфери на домашната политика.

Отстапка од одредени програмски политики и мерки нема да има, особено во областа на правосудството и  образованието.

Како планирате да ги искористите предностите на оваа коалиција?

На начин што ќе ја однесеме државата во полноправно членство во ЕУ. Наша цел е да се обединиме за да го задржиме правецот на државата кон стратешката цел, да не дозволиме скршнување и да обезбедиме прогрес и напредок на квалитетот на живот на граѓаните.

Зборуваме за евроинтегративниот процес, пречките, но она што го нотираше Европската комисија во Извештајот за напредокот, за жал покажува дека државата не е подготвена за тој пат. Кој е Вашиот став?

Не се согласувам целосно, во одредени сегменти државата има напредок и најважно од сè е што ниту во еден нема назадување. Сето она што е нотирано е одлика на она што го живееме секојдневно. На поларизацијата, популизмот наместо градење систем. Сепак, за мене и не е толку важно она што е ставено на парче хартија, туку она што сме го испорачале како држава и како ние тука да се развиваме и живееме подобро секојдневие. Клучно е ние самите да се реформираме дома. Законите и стратегиите, кои веќе ги имаме да се имплементираат, да се работи во насока на обезбедување на системски мерки и оставање на партиските дневни реторики на страна. Со тоа природно ќе си дојде и нотиран напредок од страна на ЕК.

Ги споменавте предизвиците со кои се соочува Европа поради тековните војни, како според Вас, ние да ги ублажиме?

Добро е што започнавме со енергетска транзиција. Она што го постигнавме во областа на енергетиката беше суштински потребно на државата бидејќи никој не даваше многу голема важност на ова прашање. Клучно е јакнење на македонската економија. Да го искористиме потенцијалот кој го имаме како земја за производство на храна, бидејќи последиците најмногу се чувствуваат во таа насока. Потребно ни е јакнење на индустријата и поддршка на приватниот сектор. Македонија има огромен потенцијал за развој.

Што ќе им порачате на граѓаните, што може да  очекуваат  во годината пред нас?

Прво, сакам да им посакам среќни и исполнети денови, помалку грижи и повеќе исполнување на нивните желби. Да го чуваат во добра состојба здравјето, никогаш да не ја губат надежта и постојано да се борат за она што го сакаат. Сакам, како општество повеќе да се осврнеме на добрите работи, а лошите да ги оставиме во минатото. Мојата желба за оваа година, како што веќе кажав, ја започнав оптимистички, да бележиме големи успеси на секое поле и да ги надминеме сите досегашни предизвици. Мојата порака до граѓаните е заедно да обезбедиме прогрес и напредок на државата и да не дозволиме демографски колапс. Нека оваа година ни донесе огромен просперитет, за конечно да го добиеме она што го заслужуваме. Од моја страна, сакам да ветам дека јас и Либерално-демократската партија и понатаму жестоко и неуморно ќе се бориме за напредок на државата и за испорачување на системски реформи во согласност со потребите на граѓаните.

(В.М.Б.)