ИНТЕРВЈУ, КРИСТИАН ТИМОНИЕ: Во потрага сме по решение, а не по нови проблеми

Верувам дека постојат големи очекувања, но знаете, Европската Унија сама по себе не може да има улога на спасител. Таа е подготвена и има обврска да помогне затоа што вашата иднина е европска и ние воопшто не се сомневаме во тоа, но треба да се работи на двете страни. Ние, од наша страна, вие од ваша страна, а особено политичките чинители кои ќе мора да го изнајдат патот на компромисот, без да се прибегнува кон заемна амнестија, вели францускиот амбасадор во Македонија, Кристиан Тимоние во интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој во интервјуто зборува и за новата методологија за проширување што ја бараше Франција, очекувањата од Самитот во Загреб за доделување на датум за Македонија, барањата за реформи, потребата од носење на законот за јавно обвинителство, борбата против корупција, успешни избори во земјава, но и за внатрешните проблеми во Унијата.

658

Амбасадоре, в среда, на 5 февруари се очекува да биде објавена новата методологија за проширувањето што ја бараше Париз. Можеме ли сега да објавиме некои детали од тоа што содржи новата методологија?

Како што знаете, Франција ја достави предложената методологија до Европската комисија во еден многу краток период, веднаш по Европскиот совет на 31 октомври. Обврската што ја презедовме, а тоа беше брзо да реагираме, ја исполнивме. Во меѓувреме, додека се одвиваше процесот на составување на новата Европска комисија, службите на Комесарот за проширување работеа врз база на нашите предлози, земајќи ги притоа предвид и предлозите што ги даваа други земји, кои пак во голема мера го потврдија она што го предложивме. Ние ја поддржуваме активноста што се спроведува за изготвување синтеза од сите предлози и очекуваме, како и другите, да ја видиме конечната верзија што ќе биде предадена на Европската комисија. Изнаоѓањето поефикасна формула за процесот на проширување, поефикасна од практична гледна точка, а тоа значи со конкретни и видливи придобивки, беше во суштината на францускиот предлог. Вториот аспект, кој е многу важен за нас, тоа е напредокот да биде вреднуван во текот на преговарачкиот процес, но ако се случи назадување, особено во областа на владеењето на правото, а соодветно на досегашното лошо искуство во случајот со други земји, би требало процесот да биде реверзибилен. Ова е еден позитивен аспект за граѓанското општество, особено во поглед на влијанието кое тоа може да го има врз властите за да продолжи напредокот во позитивна насока, што пак е придобивка за општеството во целина.

Ние инсистираме да се стават на располагање сите средства кои се потребни во текот на процесот на преговарање, бидејќи од моментот на неговото започнување, самите општества и економиите на засегнатите земји ќе треба постепено да го постигнат нивото на земјите членки на Унијата. Се наоѓаме во состојба кога земјите кои не се толку наклонети кон Европската Унија, добиваат девет или речиси десет пати повеќе помош од оние земји кои се целосно вклучени во процесот на преговори. На тој начин не се постигнува усогласување, туку раздвојување и затоа процесот може да биде бесконечен. Тоа се основните прашања кои ние си ги поставуваме и искрено се надеваме дека духот на нашите предлози ќе биде почитуван и новата методологија прифатена, што пак е потребно за отпочнување на нови преговори. Наша желба е преговорите да бидат отворени затоа што земјите од Западен Балкан по вокација треба да влезат во Унијата, особено Северна Македонија и Албанија да го започнат преговарачкиот процес. Очекуваме новата методологија да ги земе предвид суштинските аспекти, за кои веќе зборувавме.

Добивањето датум се одложи поради новата методологија. До каде е изработката на новата методологија и што можеме да очекуваме во наредните месеци ? 

Во моментот активностите не се завршени. Како што знаете, првиот датум што беше соопштен, беше крајот на јануари. Но, беше побаран дополнителен рок што покажува дека треба сè уште да се договорат некои неопходни аспекти. Она што може да го кажеме е дека пристапот во моментот е позитивен и ние сме во потрага по решение, без да се создаваат нови проблематични состојби. Сè уште се усогласуваат ставовите, за што беше побаран дополнителен период од една седмица. Лично сметам дека тука нема да завршат сите преговори.

Прво што ќе биде потребно, тоа е да се утврдат принципите на методологијата, а потоа ќе се преговара за деталите кои исто така се важни, но јас како набљудувач само ќе кажам дека ќе биде многу важно да ги видиме, во февруари, резултатите од разговорите на земјите членки во врска со буџетот. Франција потсетува на придобивките за земјите кои ги отвораат преговорите, од моментот кога фазите ќе бидат дефинирани и затоа сметаме дека треба да се задржи таквата тенденцијата. Желбата на претседателот Макрон да се даде конкретна содржина, покрај симболичниот аспект на доделувањето датум, покажува колку всушност Франција е внимателна во тој поглед. Тоа е наш заеднички интерес, кој произлегува од длабоко европско убедување на претседателот, а во насока на тоа процесот да биде кредибилен, за граѓаните да не ја загубат надежта. Да биде реален, од друга страна и да донесе конкретни елементи кои ќе ја зајакнат Европската Унија. Освен придобивките што ќе ги има регионот, ние размислуваме и за тоа што може регионот да придонесе за Унијата. Но, најважно е прашањето за постигнување соодветното ниво, како на пример во областа на економијата, социјалните работи итн. Според мене, најважно е да биде почитувана суштината на нашите предлози.

Дали тоа значи дека праќате сигнал оти Македонија во март веќе може да се надева на датум за почеток на преговори?

За отпочнување на преговорите потребно е целиот институционален систем да биде подготвен. Некои наши партнери, како и Комисијата, посакуваат брз календар, што соодветствува со нашите претпоставки. Терминот што си го дадовме и кој експлицитно е наведен во заклучоците од последниот Совет, тоа е загрепскиот Самит.

Дали тоа значи дека тогаш ќе се официјализираат одредени одлуки и ќе се забрза процесот, не би знаел да кажам, иако ние тоа навистина го посакуваме. Колку побрзо започнеме да ја применуваме новата методологија, толку подобро. Уште еднаш ќе кажам дека наша желба е што побрзо да видиме конкретни резултати, особено тоа да го почувствуваат граѓаните. Сакам да ве потсетам дека постојат и одредени буџетски прашања, затоа што ние во моментов водиме преговори за новиот буџет на Европската Унија за наредните години, што воопшто не е едноставно, бидејќи како што знаете, со заминувањето на Обединетото Кралство ќе се создаде недостаток од 12 милијарди евра во следната 2021 година, што е приближно на македонскиот бруто домашен производ, а дополнително ќе треба да ги покриеме амбициозните програми на новата методологија.

Бараме дополнителен напредок и од другите држави членки и велиме дека е добро да бидат задоволни нашите пријатели од Западен Балкан. Но ако тоа биде само симболично, тогаш ризикуваме да дојде до разочарување. Франција сака да се врати надежта, а не да се создаваат нови разочарувања.

Новата методологија беше услов од претседателот Емануел Макрон кога во октомври не се согласи за датум за преговори за Македонија. Дали сега кога пристапот е променет, на земјава ѝ е загарантирано дека нема да има нова блокада од Франција, бидејќи тука се барањата за реформи, потребата од носење на законот за јавно обвинителство, борбата против корупцијата, успешни избори?

Состојбата во Северна Македонија се разгледува во рамките на елементите што произлегуваат од оценката на Европската комисија за постигнатиот напредок. Како што знаете, се случија нови моменти поради сите немили настани околу СЈО, што не значи дека станува збор само за тој конкретен случај. Ова е еден вид потсетување на структурните проблеми што постојат во општеството, а особено во врска со прашањето поврзано со корупцијата. Загриженоста се зголемува, доколку им веруваме на анкетите на јавното мислење и сосема е нормално и ние да бидеме загрижени. Ова прашање постои кај земјите членки и нивното јавно мислење, затоа што и тие го чувствуваат истиот притисок, но и истата неопходност од поголема транспарентност. Прашањата поврзани со почетокот на преговорите се присутни во политичкото секојдневие на земјите членки и навистина е значајно да се регистрираат сите моменти, како напредокот што треба да биде вреднуван, така и елементите кои бележат назадување. Загрижени сме кога  гледаме дека во еден текст на „Транспаренси Интернешнл“ земјата назадувала споредбено со претходно остварениот напредок. Објективно гледано, мислам дека тие индикатори се сериозни. Не станува збор за некое огромно назадување, се разбира, но сепак тој покажува колку напредокот е кревок и дека резултатите од првичните реформи не се толку видливи. Сето тоа треба да се земе предвид што побрзо, во рамките на процесот кој треба да биде олеснет доколку нашата методологија биде широко прифатена. Прагот за почитување на владеењето на правото е елемент од суштинско значење и важно е да има позитивни сигнали што ќе ги испрати земјата, а помеѓу тие позитивни сигнали се разбира дека е можноста да се изгласа законот за јавното обвинителство. Тоа би бил доказ за капацитетот на големите политички партии да се договорат околу правилата на играта кои ќе бидат „еврокомпатибилни“, што пак е дополнителна предност која ќе биде вметната во досието на Северна Македонија. Очекувањата се големи, особено кај еден значаен дел од европските држави во врска со оваа тема. Затоа постојано потсетуваме на овој момент секогаш кога ќе имаме можност за тоа.

Дали евентуалното недонесување на законот за ЈО пред распуштање на Парламентот децидно значи ново пролонгирање на датумот за Македонија?

Не е тајна дека поголем број земји не прават апсолутен услов од тоа, но навистина сметаат дека епилогот ќе има големо значење при оценувањето на земјата. Знаете дека одлуките во Унијата се носат колективно и затоа е многу подобро доколку ова прашање биде затворено. Всушност, тоа е важно пред сè за македонското општество. Покрај законот за јавното обвинителство, кој ќе обезбеди посолидна правна основа за пренесувањето на предметите и вработените, што веќе е направено, пратениците би можеле, до распуштањето на Парламентот, да усвојат и стратегија за борба против корупцијата, што ќе биде значаен сигнал за земјите членки. Тоа не треба да се прави само поради формалниот почеток на преговорите, бидејќи ние воопшто немаме намера да го отежнуваме процесот и да даваме некои дополнителни услови. Факт е дека правната рамка треба да го отсликува европскиот карактер на една земја. Кога зборуваме за правни рамки на Унијата, наша обврска е тоа да го бараме и од земјите кандидатки.

Го следите случајот “Рекет”. Колку сте задоволни од тоа како се одвива расплетот?

Како амбасадор, не би можел да се изјаснувам за еден процес кој е во тек. Јасно е дека тој предмет е мошне сложен. Тешкотиите кои произлегуваат од фактот што во оваа посебна состојба е вклучена канцеларијата на СЈО, како дел од споменатиот предмет, го прави процесот уште посложен и мошне нејасен, особено за јавното мислење. Ние посакуваме постапката да биде транспарентна со почитување на презумпцијата на невиност, но од друга страна, да се водат сериозни истраги. Властите во државата ветија дека ќе ја почитуваат потребата да се каже вистината пред јавното мислење. Таа вистина треба да се изнајде внатре, во рамките на судскиот систем. Не би сакал повеќе да зборувам за тоа, само ќе кажам дека сме сосема свесни за сложеноста и за тешкотиите кои произлегуваат од тој предмет, но посакуваме да видиме резултати и со внимание го следиме процесот. Не се работи само за поврзаност на ова прашање со добивањето датум за почеток на преговорите. Посакуваме да се решат и сите оние предмети што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, објавено во 2015 г. Тоа е, всушност, еден барометар за капацитетот на ова општество да напредува на својот европски пат. Ова од причина што не сакаме само да се фокусираме на отпочнувањето на преговорите, туку се интересираме и за финализирањето на сите тие процеси, напредувањето и затворањето на преговорите, а не нивно одолговлекување до бесконечност. Ќе ви биде потребна помош на тој пат и мобилизација на целото општество, вклучително и на медиумите кои имаат важна улога за транспарентноста на целиот процес. Оттука произлегува важноста за решавање на отворените прашања околу актуелните предмети, што во голема мера го одредува вашиот пат на приближување кон Европа, по кој чекорите.

Сега ги имаме овие услови за кои зборувавме. Претходно услови од ЕУ беа решение за името, добрососедските односи… Македонската јавност има чувство дека кога земјава ќе реши една домашна задача, веднаш добива нови. Не се плашите ли дека ентузијазмот кај граѓаните за во ЕУ ќе спласне и дека предолгото чекање за столче во европското семејство за Македонија, е можност за влез на мала врата на некои други влијанија од трети страни?

Ако зборуваме за разочарување во овој контекст, ќе кажам дека Франција отсекогаш била многу јасна: решавањето на проблемот со името беше еден неопходен предуслов за излегување од ќорсокакот во кој се наоѓаше земјата. Франција го поздравува фактот што сегашната состојба дозволува да се разгледа прашањето за започнување на преговорите. Сепак, за да се избегнат разочарувањата и можноста да се намали ентузијазмот, како што велите, потребно е отворањето на преговорите да се направи низ еден кредибилен процес од којшто ќе произлезат видливи и конкретни придобивки за граѓаните. Тоа е суштината на новата методологија што ја предложивме.

Верувам дека постојат големи очекувања, но знаете, Европската Унија сама по себе не може да има улога на спасител. Таа е подготвена и има обврска да помогне затоа што вашата иднина е европска и ние воопшто не се сомневаме во тоа, но треба да се работи на двете страни. Ние, од наша страна, вие од ваша страна, а особено политичките чинители кои ќе мора да го изнајдат патот на компромисот, без да се прибегнува кон заемна амнестија. Сите треба да работиме. Верувам дека желбата постои и затоа треба да бидеме позитивни. Има силна желба во општеството, но и кај европските партнери, да се надмине актуелната криза.

Европската Унија се градела низ последователни кризи и секогаш имало соочување со вистината. Тешкотиите кои произлегуваат од состојбата во која се наоѓаат земјите од Западен Балкан, се обидуваме да ги намалиме предложувајќи методологија која, веројатно, ќе биде посоодветна и во која ќе бидат вклучени поуките од минатото.

Што се однесува до надворешните влијанија, ќе кажам дека тие треба да се релативизираат како поим, затоа што ЕУ е прв инвеститор на овие простори, најголем давател на помош, но постојат и силни врски затоа што има голем број граѓани од овие простори кои работат надвор од своите земји. Врските се толку силни што вие веќе сте всушност во рамките на европскиот систем. Факт е дека сето тоа ќе треба институционално да се пренесе во согласност со вашите заслуги, а ние притоа да ви помогнеме според нашите капацитети. Да не забораваме дека и ние самите треба да се промениме, затоа што постои неопходна потреба која беше истакнувана во повеќе наврати од страна на Франција и на други земји членки. Потребна е усогласеност при одлучувањето внатре во Европската Унија, како и при нејзиното функционирање, од каде што ќе произлезе воспоставувањето на условите за ново проширување кое треба да се случи. Јасно е дека досега тешко функциониравме со 28 земји членки, дека и сега тешко функционираме со 27, но мора да се подготвиме да можеме да функционираме со уште поголем број членки, а за тоа е потребно да спроведеме одредени внатрешни активности кои се доста сложени бидејќи станува збор за претходно воспоставена рамнотежа. Во однос на, уште еднаш ќе повторам, надворешните влијанија, глобализацијата во која живееме ни налага да ги следиме интересите од сите страни и не може да спречиме некоја голема земја легитимно да си ги брани своите интереси во други региони во светот, од моментот кога сето тоа е врз база на заемна корист и има историски врски кои сè уште постојат, како и економски, но и други… Без разлика дали станува збор за енергетскиот сектор или за увозот на добра, не гледам зошто регионот на Западен Балкан би станал ексклузивна и резервирана област само за Европската Унија. Таквата визија на нештата е според некоја империјална логика на влијание која е спротивна на она што претставува светот денес и она што го претставуваат европските вредности. Започнувањето преговори, само по себе, не ве заштитува од влијанија, затоа што имаме примери со земји кои ги отворија преговорите, а имаат понекогаш дури и привилегирани односи со други земји кои не се членки на Европската Унија. Започнувањето преговори не е гаранција за ексклузивитет на меѓусебните односи.

Амбасадоре, како домашните власти, така и надворешни фактори ни ги подигаа очекувањата во октомври сè додека Вие со Вашите изјави не нè спуштивте на земја и ни најавивте дека тој датум нема да се случи во октомври. Ние дури и го прославивме датумот година и нешто претходно. Сега има и охрабрувачки, но и резервирани пораки за Самитот во Загреб. Какви се вашите очекувања за датум за Македонија на овој Самит?

Во однос на очекувањата од Самитот во Загреб, тие одат кон конкретизирање на исходот од оној самит во 2000 година, кога во Загреб беше склучена Спогодбата за стабилизација и асоцијација и кога беше отворена европската перспектива на земјата. Тоа ќе биде момент кога ќе треба да се направи своевиден биланс помеѓу сето она што беше постигнато, односно да се констатира кои земји од Западен Балкан напредувале, кои помалку напредувале и мислам дека тоа ќе биде можност да се влезе во една следна етапа. Доколку успееме да се усогласиме околу новата методологија, како и околу доделувањето датум за почеток на преговорите, тогаш очигледно е дека Загреб би можел да ги конкретизира тие одлуки и јавно да ги соопшти. Реално гледано, состојбата во регионот на Западен Балкан е наследена од еден тежок период на тензии и меѓуетнички конфликти, што доведе до побавно напредување за разлика од она што го очекуваа граѓаните на овие земји. Јасно е дека постои придвижување и тоа произлегува од силната желба и реалните очекувања на граѓаните во земјите од регионот на Западен Балкан, а особено преку процесите на помирување, кое веројатно се одвива потешко отколку што претпоставувавме, но кое постојано се надградува. Раните се сè уште длабоки, но овие земји се движат во позитивна насока. Живееме во свет каде што сите се обидуваат да ги антиципираат нештата, сите сакаат брзо да одат напред и постои тој голем притисок за што побрзо добивање датум. Во овој контекст, пристапот на Франција е во насока на тоа процесот на преговарање да соодветствува со реалната состојба, зашто во спротивно нема да успееме да постигнеме ништо друго освен разочарувања. Поаѓајќи од тие согледувања на реалната состојба, претседателот Макрон побара да се одредат конкретните насоки и да се обезбедат неопходните средства, што значи дека европската желба треба да се конкретизира низ подготвеноста на земјата за реализирање на зацртаните планови и нејзините реални капацитети. Оваа година ќе отвори нови перспективи и можности во рамките на договорот што очекуваме да се потпише со Француската агенција за развој. Таа соработка ќе донесе нови фондови, а наша желба е плановите и добрите намери да бидат соодветно спроведени и преточени во конкретни активности во рамките на нашето заедничко дејствување. (В.М.Б.- В.С.Н.)

 

Фото: П. Стојановски