Интервју со доц. д-р Мимоза Стаменковска: Студиската програма е приспособена на најсовремените трендови од областа на стоматологијата

Ги поттикнувам студентите самостојно да истражуваат, да изработуваат стручни трудови и да ги презентираат пред своите колеги. На моите вежби акцент ставам и на интерактивната настава и користам интернет видеоматеријали, на кои со посебни анимации и посликовито студентите можат да го видат функционирањето на одреден систем во човечкото тело, со што им се олеснува разбирањето на оваа материја. Практичната настава по стручните клинички предмети се одвива на Стоматолошкиот клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески“, кој функционира во рамките на универзитетот, вели во интервју за ВЕЧЕР, доц. д-р Мимоза Стаменковска, професор на Факултетот за стоматологија, при Европски универзитет - Скопје

300

Каков е предизвикот да се предава на млади луѓе и каква програма за идните студенти нуди Факултетот за стоматологија?

Јас сум доктор по биолошки науки и предавам на групата предмети од областа на биологија на Факултетот за стоматологија при Европскиот универзитет. Поради моите афинитети кон наставата и препораките и насоките од професорите со кои претходно соработував, продолжив да се надградувам во наставно-научната дејност на Факултетот за стоматологија. Потребно е навистина голема упорност и мотивација за наставно-научна дејност и работа со млади луѓе, бидејќи за да можеме успешно да го пренесеме своето знаење потребно е и ние да се едуцираме и да го надградуваме своето знаење. Исто така сум административен секретар во Македонското здружение за маркетинг „Маркетинг“ – Скопје и активен спортист. Се занимавам со кикбокс и карате и воедно сум и неколкугодишен државен првак во кикбокс за жени. На Факултет за стоматологија, студиската програма е усогласена со студиските програми кои се изучуваат на сродните факултети во земјите членки на Европската Унија. Во почетокот на студиите студентите се стекнуваат со знаења од областа на природните, математичките и информатичките науки, кои претставуваат темел во нивното понатамошно усовршување, а потоа и од областа на стручните клинички предмети. Студиската програма на факултетот е приспособена според најсовремените трендови од областа на стоматологијата, според која студентите се стекнуваат со знаења од највисоко ниво и се продуцира високостручен стоматолошки кадар.

Каде Вашите студенти заминуваат на пракса и кои се Вашите искуства од практичната настава?

По предметите од биолошките науки, на кои ги држам вежбите и на македонските и странските студенти, а тоа се: Биологија, Биохемија, Физиологија, Хистологија со ембриологија, Микробиологија со имунологија, Биостатистика кои студентите од Факултетот за стоматологија ги изучуваат во првата и втората година од своето студирање се стекнуваат со фундаментални знаења за градбата и функционирањето на човечкото тело и механизмите кои се особено битни за добро орално здравје. Вежбите кои се одржуваат по овие предмети се одвиваат во лаборатории, каде што студентите дел од вежбите изработуваат сами и групно, со што ги совладуваат основните техники за работа во лабораторија и стекнуваат способност за тимска работа. Исто така, ги поттикнувам студентите, самостојно да истражуваат и изработуваат стручни трудови и да ги презентираат пред своите колеги. На моите вежби акцент ставам и на интерактивната настава и користам интернет видеоматеријали, на кои со посебни анимации и посликовито студентите можат да го видат функционирањето на одреден систем во човечкото тело, со што им се олеснува разбирањето на оваа материја. Практичната настава по стручните клинички предмети се одвива на Стоматолошкиот клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески“, кој функционира во рамките на Европскиот универзитет, Скопје.

Каква е комуникацијата со студентите и за кој предмети покажуваат поголем интерес?

На Факултетот за стоматологија, односот на наставниот кадар со студентите е секогаш непосреден. Јас се обидувам несебично да им го пренесам своето знаење од областа на биологијата, да им помогнам доколку имаат тешкотии во разбирањето на материјата или да им препорачам стручна литература со која дополнително можат да го прошират своето знаење. Студентите на Факултетот за стоматологија во првата и втората година од своите студии несомнено се нетрпеливи да започнат со слушањето на клиничките предмети и работата со пациенти, за што е потребно да се совладаат базичните предмети, а потоа претклиничките предмети. Како дел од наставниот кадар на факултетот сметам дека со својот ентузијазам и несебично вложување во наставата успевам да ги заинтересирам моите студенти и по базичните биолошки предмети, бидејќи сметам дека тоа е од особена важност за продуцирањето на квалитетни високостручни кадри.

Од што се состојат Вашите предавања, како им го пренесувате Вашето знаење на студентите?

За мене оваа година беше несомнено голем предизвик, пред сè поради подготвувањето на нови предавања, како новоизбран доцент, кои се и на македонски и англиски јазик, бидејќи на Факултетот за стоматологија, веќе трета година по ред имаме странски студенти. Сепак, успеав да одговорам на предизвиците и да го пренесам своето знаење на соодветен начин. Англискиот јазик го користам секојдневно и професионално, но и преку спортот, а со оглед на настанатата ситуација и преку online апликациите. Денес светот е глобално поврзан, запознавам многу луѓе кои се од немакедонско говорно подрачје, со кои контактирам на англиски јазик и разменувам искуства во однос на културата, начинот на живеење и работење на Балканот и надвор од него. Со оглед на настанатата ситуација со пандемијата со коронавирусот (COVID-19), во која се наоѓа целиот свет, минатиот зимски семестар и овој семестар предавањата ги изведував online, преку платформата Zoom, со подготвени презентации, а понекогаш и видеоматеријали што за мене не претставува голема тешкотија, бидејќи сметам дека така функционира целиот современ свет.

Колку Европскиот универзитет овозможува професионална надградба на својот кадар и колку е неопходна дополнителната едукација?

Европскиот Универзитет како институција претставува одлично место за градење на професионалната кариера на секој поединец. Уште од самото вработување соработувам со истакнати професори од својата област, што ми овозможува да стекнувам знаење и искуство од мојата струка. Со професорите, со кои соработувам, изработуваме и прирачници за вежбите, приспособени според наставната програма на факултетот со цел за полесно совладување на материјата. Така, оваа година, излезе од печат учебното помагало – универзитетски практикум под наслов „ПРАКТИКУМ ПО МИКРОБИОЛОГИЈА И ИМУНОЛОГИЈА за студентите по стоматологија“, на кое сме автори заедно со доц. д-р Снежана Ивиќ-Колевска. Практикумот е значаен за разбирање на особините на микроорганизмите и нивната патогеност, како и современата микробиолошка дијагностика на најзначајните бактерии, вируси, габички и паразити. Европскиот универзитет секогаш на своите вработени им овозможува професионално да се надградуваат и да изработуваат стручни трудови преку организирање на меѓународни научни конференции, издавање на зборници и соработка со други високообразовни институции и стручни лица од земјава и странство. На последната конференција, која се одржа на Европски универзитет учествував како автор, со колешките од Факултетот за стоматологија м-р Дијана Јошева, доц. д-р Маријана Мирческа и доц. д-р Катерина Василева-Гешоска како коавтори на трудот „Испитувањето на плунковните биомолекули, како нов пристап во раното дијагностицирање на оралните заболувања“. Во трудот се дава сеопфатна перспектива на испитувањето на биомолекулите во состав на плунката и биомаркерите кои биле идентификувани кај некои орални заболувања, од аспект на молекуларната биологија. Постојаното образование и дополнителната едукација на секој професор претставува дел од професијата, со цел соодветно пренесување на знаењето во тек со современите светски трендови. Јас својата надградба во поглед на образованието, ја продолжив со запишувањето и успешното завршување докторски студии на Природно-математички факултет, Институт за биологија, каде што ја испитувавме можноста за примена на куркуминот и куркуминските деривати, како терапевтски средства при терапијата со кислород, особено кај недоносените деца, поради нивните антиоксидативни и антивоспалителни својства. Резултатите од нашето испитување, беа објавени во меѓународно рецензирано списание со импакт фактор – Physiological Reports.

Како се одвива онлајн наставата и имате ли проблеми при одржување на вежбите на Факултетот за стоматологија?

Поради пандемијата имавме голем проблем во одржувањето на практичната настава, особено кај природните науки. На нашиот факултет, практичната настава се одвива комбинирано согласно спецификите на предметот, но во голем дел таму каде што дозволуваат условите и со физичко присуство, со почитување на мерките за безбедност на пациентите и на студентите. Во однос на вежбите кои јас ги одржувам, бидејќи се работи за поинаков тип на настава, од стоматолошките предмети се обидувам да им го пренесам знаењето на студентите, на најдобар можен начин, без непотребно изложување на ризик од заразување со коронавирусот (COVID-19). Исто така, како спортист сметам дека редовната физичка активност и спорт е многу важна за одржување на здравјето на организмот. На Европски универзитет снимаме видеоматеријали од областа на основите на кикбоксот, со цел да ја подигнеме свесноста кај студентите и младите луѓе за придобивките од спортувањето кое го намалува ризикот од појава на голем број на заболувања. Во однос на одвивањето на наставата, мислењата на студентите се поделени, бидејќи имаме и странски студенти, на кои пак, секако повеќе им одговара онлајн наставата.

Која би била Вашата порака до младите кој допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?

Стоматологијата како професија нуди многу можности, предизвици, независнoст во работењето, услови за добра заработувачка и големи можности за градење на кариера. Доколку изборот на професија на идните студенти е стоматологијата, Факултетот за стоматологија при Европскиот универзитет нуди одлични услови за студирање и стекнување на високо образование од областа на стоматологијата. Студиската програма на овој факултет е според најновите достигнувања во науките кои се предмет на проучување и стекнување на знаење на највисоко ниво.