ИНТЕРВЈУ Ангел Димитров: На работниците им се дадени некои права поголеми од скандинавските, а им се кршат и најосновните – за работното време, годишниот одмор

318

Кластерот на заболени од текстилните фабрики на истокот на државата значително ја рашири заразата со ковид-19. Димитров, кој има и лично искуство со овој проблем откако неодамна се затвори „Мода“, Свети Николе, чиј директор е тој, дел од вината им ја припишува на работниците, од кои како што вели, некои се неодговорни и мислат дека вирусот е измислен, па  дури и сега кога фабриките се затвораат, се дружат и се сликаат на плажа прегрнати со колешки без маски. За него се прифатливи предлозите на ССМ за поповолни услови за пензионирање, за 12 месеци породилно отсуство, но смета дека треба да се види дали фондовите ќе можат да го издржат тоа. Негов став е дека конечно треба да се престане со политичките одлуки за минималната плата, а дека започнатиот дијалог за нов закон за работни односи треба да продолжи, зашто сегашниот ниту е јасен ниту е лесно применлив. 

Повеќе конфекции се затворени поради ширење на ковид-19 меѓу вработените. Затворена е и фабриката „Мода“ – Свети Николе, чиј директор сте Вие. Како се дозволи ваква ситуација, зошто не се почитувани протоколите за заштита од инфекцијата при транспортот на работниците и во погоните?

-Точно е дека се затворени повеќе конфекции каде што се појави ширење на вирусот, но тоа не значи дека не се почитувале протоколите за заштита. Не постои правило дека ако целосно се почитуваат протоколите нема да се појави вирусот во фабрика каде што работат поголем број луѓе. Почитувањето на протоколите е предмет на контрола како на инспекциските служби така и на Министерството за внатрешни работи за контрола на транспортот. Но никој не може да ги спречи оние работници кои се неодговорни и мислат дека вирусот е измислена работа и не постои. Секој ден овие работници се дружат, одат во кафулиња, на гости и приредуваат родендени и слави. Еве, откако затворивме некои од нив испраќаат слики од плажа, на кои се прегрнати без маска со нивна колешка.

Главна причина за ширењето на вирусот е ослободувањето на граѓаните по олеснувањето на мерките, а многу негативно влијаеја и некои дезинформации од социјалните мрежи дека вирусот е обичен грип и дека непотребно се крева паника.

Текстилната индустрија во услови на пандемија и онака работеше со проблеми поради намалените нарачки, потоа спасот го најде во шиење заштитни маски. Како сега на оваа индустрија ќе се одрази затворањето на десетина фабрики, поради ширење на ковид-19, што не мора да биде конечен број?

-Затворањето на фабриките сигурно ќе предизвика дополнителни штети по истите поради неостварено производство, но и поради доцнење на испораките на купувачите. Дали сите купувачи ќе имаат разбирање за состојбите или оваа ситуација ќе ја искористат за пресметување на казни за ненавремената испорака, останува да видиме.

Вирусот е тука и тој ќе остане долго време, како ќе се приспособиме сите на новата ситуација е многу важно прашање. Но, кога велам сите мислам на Владата, компаниите, синдикатите, невладините организации, затоа што судбината е заедничка. Затварањето на една компанија влијае многукратно негативно на вработените, на буџетот и на крајот на сопствениците. Оние што мислат дека со затварањето ќе изгуби само сопственикот се лажат. Развојот на капитализмот се темели на приватната иницијатива и претприемништвото, без тоа ќе немаме ниту нови работни места, ниту буџет, ниту држава.

Каква е состојбата во чевларската индустрија која е во истото коморско здружение со текстилната?

-Кај чевларската индустрија состојбата е уште позагрижувачка. Статистичките податоци покажуваат дека падот на индустриското производство во мај 2020, во однос на мај 2019 кај текстилот е 35,8 отсто, а кај чевларството дури 58,9 отсто, а за разлика од нив во целата индустрија е 27 отсто. Но, уште позагрижувачки се податоците споредени со 2015 година. Текстилот паднал за 53,7 проценти, а чевларството за 76,4 проценти.

Ова покажува дека овие гранки имаа проблеми и во изминатите години, кои со појавата на вирусот само се зголемија.

Има обвиненија од вработени, особено во текстилната индустрија дека им е скратено  правото да седат дома поради тоа што имаат деца помали од 10 години, дека добивале пониска плата од минималната, дека не им се продолжувале договорите за работа на определено време, потоа дека се барало од нив да потпишат дека ќе работат со скратено работно време и друго. Дел од ова е потврдено и од Трудовиот инспекторат. Како на ваквите состојби реагираат Здружението за текстил и Организацијата на работодавци чиј претседател сте вие?

-Здружението за текстилна индустрија и Организацијата на работодавци никогаш не ги подржувала оние компании кои не ги почитуваат законските прописи. Ова се однесува и на Законот за работните односи и на Законот за безбедност и здравје при работа и на Уредбите со законска сила донесени во времето на вонредната состојба. Инспекциските органи треба да ги казнуваат оние што не го почитуваат законот бидејќи вака се фрла темна дамка на сите. Но, исто така, треба да имаме предвид дека има злоупотреби и од другата страна. Некои работници направија притисок врз матичните доктори и добија потврда за хронична болест иако никогаш досега не користеле боледување за таа болест. За жал, такви случаи има и во здравствениот сектор.

Исто така некои работници се свесни за тешката состојба па доброволно потпишуваат договори за скратено работно време, бидејќи во спротивно ќе мора да добијат отказ. Се разбира ако тоа го прават под притисок не треба да потпишуваат и во тој случај работодавачот, ќе треба да ги прогласи технолошки вишок, да им исплати испратнина и да ги објави во согласност со законот. Но треба сите да сфатиме дека не можеме работните места да ги сочуваме со апели да не се испуштаат работници, бидејќи ниту еден работодавач нема да ги задржи работниците ако нема доволно работа и средства за исплата на плати. Во тој случај има две опции, да прогласи технолошки вишок на дел од вработените или да ја затвори целата фабрика и да бара стечај и ликвидација. Затоа некои од работодавците се одлучуваат на дел од  вработените да им понудат вработување на четири часа, но ова мора да биде во согласност со вработениот.

Сојузот на синдикатите испорача неколку барања, меѓу кои и неработна сабота и недела, поповолни услови за пензионирање, договорите за работа на определено време кои сега се правило, да се нудат само по исклучок, породилно отсуство од 12 месеци. На преговарачка маса со новата Влада и синдикатот во Социјално-економскиот совет ќе седнете и Вие како еден од партнерите – претседател на Организацијата на работодавци. Кој е Вашиот став околу овие предлози?

-Синдикатот има право од политичките партии да бара одредени зголемувања на правата на работниците – тоа е негова основна задача, но се надевам дека ќе ги имаат во предвид и проблемите што настанаа со вирусот. Некои од барањата можеме веднаш да ги поддржиме како она за поповолни или поголем број на услови за одење во пензија, а не само старосната граница. Што се однесува до саботата и неделата, тие се и денес неработни. Овде е поголем проблем почитувањето на правата на работниците за исплата на додатоците за работа за време на неработен ден или за време на празник. Законот и Општиот колективен договор овде даваат навистина големи права, но проблем е почитувањето од страна на работодавачите. За нас не е голем проблем и зголемувањето на породилното отсуство на 12 месеци, затоа што тоа е на товар на Фондот за здравствено осигурување. Но дали Фондот ќе има доволно средства да ги исплати овие надоместоци? Затоа велам, треба да ги видиме и интересите и можностите на сите, а не само да поаѓаме од сопствените интереси.

Во предизборието еден од главните адути на партиите, барем на двете најголеми, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, им беше зголемување на минималната плата. Колку е изводливо и издржано ова ветување?

-Мојот став е дека конечно треба да престанеме со политички одлуки да ја зголемуваме минималната плата. Сегашната висина изнесува 14.934 денари и достигна 58 проценти од просечната плата во државата. Секое идно покачување кое нема да се темели на растот на трошоците на живот, инфлацијата и продуктивноста – мерена преку растот на БДП ќе предизвика многу негативности во индустријата.

Во услови на голем пад на економијата, дали и како компаниите од стопанството од приватниот сектор годинава ќе ја исполнат обврската за исплата на К-15 на вработените?

-Во вакви тешки услови за работење и опстанување на компаниите исплатата на К-15 дополнително ќе ги оптовари компаниите. Во Општиот колективен договор постои одредба со која се дозволува на работодавецот во услови на тешкотии во работењето да може да исплати и понизок износ од утврдениот. Можеби ќе треба заедно со Сојузот на синдикатите да ја допрецизираме оваа одредба за да може полесно да се применува, а да остане можноста оние компании кои немаат тешкотии да исплатат К-15.

Колективниот договор за стопанството е истечен пред неколку години и се применува по автоматизам. Дали годинава, без разлика на ситуацијата ќе може да се  постигне договор за да се донесе нов?

-Ние започнавме преговори со ССМ за измени и дополнување на Општиот колективен договор за стопанството, но со почетокот на преговорите за нов Закон за работни односи преговорите ги ставивме во мирување. Ова затоа што, во ОКД може да се предвидат само поповолни права од оние предвидени во ЗРО. Не знам дали и кога ќе продолжат преговорите за нов ЗРО и ако идната Влада се откаже од менувањето на ЗРО, ние ќе ги продолжиме разговорите. Не се работи за некои огромни разлики помеѓу двете страни, но потребно е ОКД да биде појасен и разбирлив, за да може секој што ќе го применува да нема различни толкувања.

Веќе се почнати активности за ново работно законодавство.  ЗРО е најмногу менуваниот закон досега. Каков Закон за работни односи ни е потребен?

-Работното законодавство го приспособуваме земајќи ги предвид забелешките не само на ОРМ и ССМ туку и на професорите од Правниот факултет, на судиите од Основниот суд и на бизнис-здруженијата и на невладините организации. Се разбира дека секоја одредба не може да биде по вкус на сите, но бевме спремни на компромиси кои се неопходни во социјалниот дијалог. Ќе биде штета ако овој дијалог не продолжи затоа што денес ЗРО ниту е јасен ниту лесно применлив. Од една страна се зборува за некои работнички права кои се можеби поголеми и од скандинавските, а во пракса се кршат најосновни права како работното време, годишниот одмор и слично. На пример работодавачот треба да плати глоба ако во огласот за вработување не го навел рокот во кој ќе се изврши изборот, а од друга страна голем број на работници кажуваат дека не им е дозволено да го користат целиот годишен одмор во траење од најмалку 20 работни дена.

Светлана ВУКЧЕВИЌ