ИНТЕРВЈУ, АКАДЕМИК КАТИЦА ЌУЛАВКОВА: Македонија ќе почне да функционира како апартхејд, а можеби и како неопротекторат

Полека-полека, нашава држава ќе почне да функционира како апартхејд, а сега се отвора и можноста да функционира како еден вид неопротекторат. Сето тоа е, се разбира, спакувано свечено во една празна, вакантна реторика, која отстапува од вообичаените стандарди на евроинтеграцискиот образец, вели академик Катица Ќулавкова во интервју за весникот ВЕЧЕР. Меѓу другото, појаснува дека бугарската модерна азбука е кодифицирана дури на крајот на 19 век, а македонскиот јазик добива своја референтна кодификација 1903 од Мисирков и Македонското научнолитературно другарство во Петроград. Академик Ќулавкова посочува дека разликата е во тоа што во тој миг европските сили не помогнале политички и кадровски да се создаде македонска држава како што претходно помогнале при создавањето на грчката и бугарската држава (кнежевство...)

4035

Ни сличностите, ни разликите меѓу јужнословенските народи не се причина за меѓусебна негација, наддавање и за политичко уценување. Тие само се злоупотребуваат од центри на моќ и од екстремните и примитивно националистички групации за поттикнување конфликти, за нарушување на пријателските односи, за говор на омраза… Сите учесници на вакви сценарија се потенцијално одговорни. Јас сум за добрососедство и дијалог врз начело на заемна почит. Сè друго е фактор на дестабилизација, вели академик Катица Ќулавкова во интервјуто за весникот ВЕЧЕР. Со нејзин потпис е иницијативата во МАНУ, по однос на изјавата на Бугарија и францускиот предлог, но процедурата во МАНУ е долга и се одложи за септември.

 

Елизабета АРСОСКА

 

Унилатералната изјава за македонскиот јазик, која Македонија на првата политичка меѓувладина конференција ја достави до ЕУ, предизвика лавина негативни реакции во јавноста, а академската јавност побара повлекување. Но, последната вест е дека Владата нема да ја менува. Дали ова значи дека македонскиот јазик е затворено прашање? 

Влада која не го уважува мислењето на стручната и експертска јавност, мислењето на пошироката јавност, како и општонародната волја изразена демократски со два референдума, всушност, се делегитимира историски самата себе, носејќи одлуки штетни по сопствените државно-национални интереси. Тука се поставува прашањето – чии интереси штити една влада ако не го почитува мислењето на мнозинството? Дали постои некое минорно малцинство со свои посебни интереси различни и спротивни на државно-националните, па таа ги штити нив? Дали ги штити интересите на некоја друга држава или на други држави? Дали се однесува како државата (Македонија) да е протекторат и колонија, па го слуша ултимативниот став на колонизаторот? Моќта на секоја демократска власт произлегува од народот, затоа таа треба да ги хармонизира и да ги балансира своите политики со определбите на народот, а не со партиите, оти народот не може да се сведе на владејачките партии.

Кај нас подолго време, веќе две децении постои длабок јаз меѓу општонародната волја, посебно волјата на Македонците во потесна етнокултурна смисла, но и на поголемиот дел македонски граѓани кои ја сочинуваат македонската современа нација. Тој јаз доживува своја кулминација последните неколку години. Начелно, проблемот произлегува од тоа што кај нас не се изгради консензус за самиот поим македонска нација во којашто ќе се вкрстат стратешките и приоритетни интереси на сите етницитети со оној на конститутивниот македонски народ. Со неконзистентните ревизии на Уставот создадовме услови за етницизација на општеството, на политичките партии, на државните институции и нивните стратегии, а со тоа создадовме систем на вредности кој се коси со општоцивилизациските и е генератор на преседани од гледна точка на конвенциите на ОН, па и на ЕУ. Промовиравме преседан кога го усвоивме т.н. Бадентеров принцип и закон, според којшто малцинските етнички заедници се привилегирани во однос на мнозинскиот и конститутивен македонски народ. Еве и овој пат, наместо да се примени, во најмала рака, законската можност за двојно гласање, она на вкупниот состав и другото, на македонскиот дел од парламентарниот состав, и да се покаже недвосмислено волјата на македонските пратеници по однос на македонските идентитетски прашања, таа волја иако неспорна, сепак не беше испочитувана, па е донесена одлука која не ги изразува ниту ги штити националните, културни, јазични, образовни и др. права на Македонците. Тоа се оствари со помош на гласовите на пратеници кои не се етнички Македонци и кои се индиферентни спрема македонските идентитетски права.

Полека-полека, нашава држава ќе почне да функционира како апартхејд, а сега се отвора и можноста да функционира како еден вид неопротекторат. Сето тоа е, се разбира, спакувано свечено во една празна, вакантна реторика, која отстапува од вообичаените стандарди на евроинтеграцискиот образец.

И што може сега да се направи, има ли надеж да се поправи искривената слика?

Некои одлуки се неповратни, некои може да се ревидираат и да се вратат на нормален колосек. Треба да се искористат сите демократски методи за да престанеме да бидеме експериментална држава која повеќе се третира како територија одошто како стабилна и перспективна држава, а со тоа да престанеме самите да се дискредитираме и да се дискриминираме, како регионално, така и европски.

Надежта ми е поттикната од фактот дека масовните протести против непристојниот предлог, предлог кој ни понуди прикриено вето и ги легитимираше опасните орвелијански и хегемонистички барања на источниот сосед, немаа етнички признак, немаа ни класен признак, немаа ни партиски признак, туку ги обедини сите слободоумни граѓани лојални на државно-националниот интерес на Македонија и свесни за важноста на суверенитетот. Се случи еден културен бунт на граѓаните и едно духовно востание кое создаде критична маса свесна за  непринципиелноста на т.н. француски предлог кој е реплика на бугарските рамковни позиции во врска со Македонија.

Едно ќе подвлечам, можеби некој е задоволен од ваквата политичка одлука, можеби некој ликува и се чувствува победнички, но во суштина со овој предлог се отвори де факто балканската Пандорина кутија и во прашање е доведен мирољубивиот и пријателски однос што го градевме неколку децении по Втората светска војна со Бугарија, а со тоа се поткопува востановениот политички и културен баланс и мир во регионот. Само со принципиелен и добронамерен дијалог со Бугарија можно е да се изградат добри меѓунационални и меѓудржавни односи.

А фактот што се откажавме од своите малцинства?

Ваквата конфликтна и трауматична ситуација не е само манифестација на локалните, туку и на глобални геостратешки интереси. Токму поради тоа не смееше да се случи сами да се маргинализираме како нација, а со тоа и да ја доведеме во прашање сувереноста на македонската држава. Да се откажеш од своите малцинства, македонското малцинство во соседството и пошироко, во услови кога сите соседи и сите држави се повикани да се грижат за правата на своите малцинства, е невиден чин на повреда на основниот концепт на нацијата. Знам дека тоа започна со Преспанскиот договор, затоа треба да се бара помош од врвни експерти кои ќе го решат проблемот не политички и од позиција на сила, туку стручно, процедурално и цивилизирано. Неопходно е, освен тоа, да се создаде моќно меѓународно македонско лоби.

Дали ваквата изјава го штити историскиот континуитет на македонскиот јазик и неговата иднина во ЕУ?

Апсурдно е, гротескно е, одеднаш да се штити на меѓународен план македонскиот јазик и идентитет, дури и да се мисли дека некој сега и овде политички има заслуга во наводната заштита на македонскиот јазик (од нечист стана одеднаш „чист“) и македонскиот културен и национален идентитет, кога токму од 2017 наваму, македонскиот јазик, односно идентитет, систематски се доведува во прашање, се проблематизира, станува предмет на преговори, иако за идентитетските прашања не се преговара! Македонскиот јазик од основањето на ОН беше вграден во актите на ОН на соодветен начин како официјален јазик (еден од четирите) на Југославија и така беше сè до скоро кога некому почна тоа да му пречи. Македонската држава основана врз АСНОМ-ските начела е во процес на разградба, систематска декомпозиција и делегитимација и тоа е толку видливо што не го гледаат само оние кои се задолжени да не го гледаат. И сето тоа се случува под претекст/изговор дека се работи за заштита на нашиот национален интерес. Ни романите на негативната утопија не би можеле да го измислат ова што на Македонија и на Македонците им се случува. Едноставно се коси со секоја хуманистичка логика. А најужасното е тоа што се создава гласноговорна мејнстрим медиумска маса која започнува (замислете!) јавно да се одушевува од фактот дека се повредени човековите и колективните права на Македонците, а со тоа и сите меѓународни принципи по тие прашања.

Кога лично Вие би биле вклучени во процесот, како би постапиле?

Јас лично би одбила да преговарам за нешта за коишто не се преговара, повикувајќи се на врвните референтни меѓународни конвенции. Ветување за членство не е исто што и рамноправно членство на ЕУ. Треба да бидеме поканети и регуларно зачленети, а претходно сами треба да се консолидираме внатрешно, економски, правно, образовно, здравствено, социјално, морално, политички… Не смееме од ништо и никого да направиме КУЛТ, РЕЛИГИЈА, не смееме да се однесуваме екстремно фаталистички и фундаменталистички во политичкото дејствување. Има решение, има повеќе алтернативи, само најпрвин треба да ја организираме сопствената држава домаќински, чесно, функционално, праведно… Но, кога криминогени групации ги артикулираат приоритетите и политичките дискурси на една држава, во неа нема ни демократија, ни прогрес, ни хуманост, па дури и самата помисла на алтернатива се демонизира.

Владата се правда дека целта на Унилатералната изјава е да се спречат фуснотите при употреба на македонскиот јазик во ЕУ. Каква формулација ќе понудеа експертите ако беа консултирани?

Јас дадов иницијатива во МАНУ, а Одделението за лингвистика и литературна наука едногласно го усвои текстот на ставот по однос на изјавата на Бугарија и францускиот предлог, но процедурата во МАНУ е долга и се одложи за септември. За тоа бевме мотивирани првенствено научно и заради вистината. Оти, да кажете дека еден кодифициран, практикуван и развиен природојазичен систем со свој сопствен богат состав на дијалекти, каков што е македонскиот јазик, е дијалект на друг јазик, значи пред сè да правите конфузија меѓу јазик и дијалект. Македонското и бугарското „наречје“ на словенскиот јазик (народните говори на Македонците и народните говори на Бугарите) во средината на 19 век биле на исто ниво на развој, за што сведочи и контрастивната анализа/граматика на великиот Партениј Зографски. Тој покажал дека македонските западни дијалекти се дури поразвиени и посоодветни за да послужат како основа за евентуален заеднички „славјански“ јазичен систем, предлог кој бил одбиен од самите бугарски филолози. Бугарската модерна азбука е кодифицирана дури на крајот на 19 век (1878/9, Марин Дринов), а македонскиот јазик добива своја референтна кодификација 1903 година од Мисирков, усвоена од Македонското научно-литературно другарство во Петроград (Чуповски) и други македонски друштва, значи временски не постои голема разлика. И таа временска разлика произлегува од фактот што во тој миг европските сили не помогнале политички и кадровски да се создаде македонска држава како што претходно помогнале при создавањето на грчката и бугарската држава (кнежевство…). Значи, ниту еден историски факт не ја оправдува политиката на јазична супремација на ниту еден јужнословенски јазик, па ни на бугарскиот. Ни сличностите, ни разликите меѓу јазиците и културите на јужнословенските народи не смеат да бидат причина за меѓусебна негација, наддавање и за политичко уценување. Доволно сме блиски просторно, културно, јазично и етнички, за да соработуваме безусловно, во мир, а не да се опструираме и негираме едни со други. Разликите меѓу словенските народи, всушност, се злоупотребуваат од центри на моќ и од екстремните и примитивно националистички балкански групации за поттикнување конфликти, за нарушување на пријателските односи, за говор на омраза… Сите учесници на вакви сценарија се потенцијално одговорни. Јас сум за добрососедство и дијалог врз начело на заемна почит. Сè друго е фактор на дестабилизација.