Институт за македонска литература: Заминувањето на академик Старделов – непроценлива загуба за македонската книжевна наука

50

Заминувањето на академик Георги Старделов, чијшто виспрен и прониклив дух со децении ја унапредуваше филозофско-естетичката, книжевно-научната и културолошката мисла во нашата средина, е непроценлива загуба за нашата академска и културна средина, се вели во соопштението од Институтот за македонска литература (ИМЛ) при што се посочува дека академикот беше и истакнат македонист, проучувач на македонската книжевност и остваруваше плодна и континуирана соработка со оваа институција.

Од ИМЛ потсетуваат и дека тој беше ценет учесник на научните симпозиуми на оваа институција од кои се објавија неговите мошне вредни научни трудови за најзначајните македонски книжевни дејци. Тоа се трудовите „Првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов“ во Зборникот Творештвото на Ацо Шопов (1993); „Македонска литература и историја“ во Зборникот Ѓорги Абаџиев: Живот и дело, 90 години од раѓањето (2001); „Епохата на Димитрија Миладинов“ во Зборникот Димитрија и Константин Миладиновци (2004); „Пофално слово за Блаже Конески“ во зборникот Блаже Конески осумдесет години од раѓањето (2002).

„Неговата долгогодишна и исклучително значајна работа како професор, академик, научник, книжевен критичар и теоретичар на културата, есеист и естетичар е непроценлив прилог и за развојот на македонистиката и македонската книжевна наука и поттик за нејзино натамошно иновативно интердисциплинарно и проследување во контекстот на балканската естетика, но и во бројни други насоки на интеркултурната и интердискурзивната промисла. Милината и благоста на неговиот ораторски настап, во спрега со раскошното распостилање на мислата вдолж координатите на поврзаноста на предметот на промислувањето со светот, ние, што имавме чест да го познаваме и слушаме, и натаму ќе ги наслушнуваме во текстовите што како мудрост и сознајба ни ги остави како завештание нам и на идните поколенија. Слава му!“, додаваат од Институтот за македонска литература.