„Станица пропаганда“, самостојната изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал, е патувачка инсталација, која сега конкретно е приспособена за просторот на Музејот на современата уметност – Скопје. Преку инсталацијата уметникот го сумира неговото десетгодишно истражување за пропагандата и пропагандната уметност во нашите современи демократии

Во Музејот на современата уметност – Скопје на 1 март, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Станица пропаганда“ на светски познатиот уметник Јонас Стал. Холандскиот уметник, кој ќе биде специјален гостин на музејот е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева.

„Станица пропаганда“ е патувачка инсталација, која сега конкретно е приспособена за просторот на МСУ. Преку инсталацијата уметникот го сумира неговото десетгодишно истражување за пропагандата и пропагандната уметност во нашите современи демократии. Неговиот став е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Како што ќе посочи уметникот, за пропагандата да ја постигне целта, важно е луѓето да се почувствуваат како тие самите слободно да избрале одредена позиција или како светот да го одразува нивното убедување, наместо обратно. Како што истакнува тој, колку повеќе имаме чувство дека нашите убедувања се наши, толку е поефективен нашиот придонес во натурализирањето на пропагандниот наратив и обликувањето на реалноста според неговите интереси.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата е видеостудијата „Пропаганден театар“ од 2023 година. Видеостудијата била направена со Здружението „Јиндрих Чалупецки“ од Прага, во партнерство со Факултетот за работи што не се учат, МСУ – Скопје и Музејот на современата уметност Загреб. Видеото е со акцент на улогата што ја имаат сценариото, сцената и перформансот во производството на согласност, а фокусот е на улогата на уметноста во пропагандните театри – оние што ги нарекуваме реалност.

Во соработка со кураторката Васева, на 2 март, со почеток во 12 часот, Стал ќе реализира и „Школа за пропаганда“ со наслов „Антиквизациска пропаганда“. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“ за која влезот ќе биде слободен. „Школата за пропаганда“ е наменета за истражувачи за да го пронајдат значењето на современата пропаганда во нивната околина.

Инаку, Стал во 2021, на МСУ ја донираше инсталацијата „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Сè што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „Аквизиции – донации 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на годинава.

Стал е основач на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“, заедно со драматургот Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“, а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“. Со писателката и адвокатка Рада Д’Соуза и со поддршка на организацијата , Фрејмр Фрејмд, го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства (CICC). Има учествувано на многу изложби помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, Ван аббе музеј, Ајндховен) и „Бараме уште милион години“ (Фондационе Сандрето де Ребоденго, Торино, 2022). Неговите проекти се изложени во светски познати музеи како: Стеделијк во Амстердам, M_ХKA во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм, Центарот Помпиду-Мец, уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, Фрејмр Фрејмд во Амстердам, како и на 7. Берлинско биенале , 31. биенале во Сао Паоло, 12. биенале во Тајпеј и 14. биенале во Гвангжу во Јужна Кореја. За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од MIT Press во 2019, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од Het Nieuwe Instituut, Ротердам, 2018, „Постпропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010. (Н.И.Т.)