Инспекторите на УНЕСКО на 30 јануари во Охрид, Георгиевски очекува позитивна оценка 

170

Првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски, се надева на позитивна оценка од страна на инспекцијата, бидејќи како што вели, општината во текот на изминатиот период исполнила значителен дел од препораките на УНЕСКО, кои се во надлежност на општината. „Очекуваме и се надеваме на позитивен извештај од мониторингот и се надеваме дека во јуни во Кина, за кога е закажан состанокот на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО, Охридскиот регион нема да се најде на листата на загрозени подрачја“, вели за весникот ВЕЧЕР, Георгиевски

Инспекторите на УНЕСКО на 30 јануари се очекува да пристигнат во Охрид, каде што ќе извршат мониторинг во делот на исполнувањето на препораките, кои на градот му беа наложени на последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство. Според надлежните во Општината, претходно, на 27 јануари, делегацијата од УНЕСКО ќе ја посети и Албанија. Дали Охрид и Охридскиот регион ќе бидат ставени на листата на загрозено културно наследство на светската организација, поради дивоградбите и депониите, ќе зависи токму од овој извештај. Од Општината сметаат дека се исполнети најголем дел од препораките.

„Изготвен е Акциски план за постапување, Советот на Oпштина Охрид ја усвои и Одлуката за привремен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Исто така беше изготвен и Регистар на бесправно изградени објекти, а изработен е и детален попис на градбите. Во тек е изработка на оцена на влијание на бесправните градби врз културното и природното наследство. Во согласност со законските процедури, започна и акција за отстранување на бесправните градби, која се одвива по утврдена динамика, а пристапено е и кон отстранување на неавтохтоните видови на растенија (палми) и рекламните паноа-билборди“, велат за весникот ВЕЧЕР од Општина Охрид.

Во оваа насока додаваат дека е во тек и изработка на Сообраќајна студија за Охрид, како и дека функционира постојан режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот.

„Владата на Република Северна Македонија го усвои Планот за управување со Охридскиот регион, а во тек е и проектот за Реконструкција на колекторскиот систем на Охридско Езеро. Согласно со Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија, минатата седмица во Охрид беше формиран Мешовитиот комитет за управување со регионот на Охридско Езеро, во кој членуваат претставници на централните и локалните власти на двете земји и претставници на невладиниот сектор“, додаваат надлежните.
И додека јавноста во Охрид апелира дека во градот и на крајбрежјето и понатаму никнуваат нови дивоградби, а постојните не се отстрануваат, од Општината се децидни дека се постапува во согласност со законските процедури.

„Општина Охрид започна Акција за отстранување на бесправно изградени објекти.

Во текот на изминатиот период беа отстранети дивопоставените платформи од угостителските објекти, кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридско Езеро во потегот од месноста „Ј’но“, до населбата „Канео“. Како што имаме соопштено и претходно, до сега се постапуваше и ќе се пристапи кон отстранување на објекти кај кои не постојат правни пречки за отстранување. Во моментов се работи на изнаоѓање на соодветно решение за проблемот со депонијата „Буково“, тоа ќе биде еден важен приоритет во периодот што ни претстои“.

Првиот човек на Охрид, Константин Георгиевски, се надева на позитивна оценка од страна на инспекцијата, бидејќи како што вели, општината во текот на изминатиот период има исполнето значителен дел од препораките на УНЕСКО, кои се во надлежност на општината.

„Очекуваме и се надеваме на позитивен извештај од мониторингот и надеваме дека во јуни, во Кина, за кога е закажан состанокот на Комитетот за светско природно и културно наследство на УНЕСКО, Охридскиот регион нема да се најде на листата на загрозени подрачја“, вели градоначалникот Георгиевски. (Д.Т.)