Инспекторите на терен: Плата од два денара нема, но има работници без плата

Од Државниот инспекторат за труд информираат дека од 74 контролирани фирми во 41 воопшто не била исплатена или била исплатена помала плата од наведената во договорот за работа. Од нив 21 работодавач го испочитувал решението за исплата донесено од инспекторот, седум добиле прекршочен платен налог, а за 14 сè уште тече рокот за постапување по решението со наредба.

156

Додека Владата и синдикатите полемизираат околу тоа колкава треба да биде минималната плата во државата, дел од вработените или воопшто не ја примаат или добиваат само дел од неа.

По алармот на невладината организација „Гласен текстилец“ дека во некои компании со години се исплатува плата од само два денара, трудовите и даночните инспектори тргнаа во контрола и не открија такво нешто. Но, пронајдоа работодавци кои не ги плаќаат вработените или им даваат само дел од платата што ја договориле со нив кога ги вработиле.

Од Државниот инспекторат за труд информираат дека се извршени надзори кај 74 правни субјекти со 1.468 вработени лица. Кај повеќе од половината, или кај 42 работодавачи, се утврдени неправилности. Во 41 компанија е констатирано дека исплатата не е извршена во законски предвидениот рок или на вработените им е дадена плата помала од наведената во договорите за работа, а во една е затекнат непријавен работник.

-Согласно член 258 донесени се решенија со опомена. Кај еден работодавач, едно лице е затекнато во моментот на вршењето на надзор во просториите каде работодавачот ја врши дејноста како работи, а не е пријавено и нема договор за вработување, информира за весникот ВЕЧЕР директорката на ДТИ Јована Тренчевска и додава дека во извршените 74 инспекциски надзори не е утврдено исплата на плата од два денара.

Таа појаснува дека вообичаено при вршењето на инспекциските надзори кога предмет на надзорот е дали работодавачот исплатил плата, контролата опфаќа исплата на основната плата согласно договорот за вработување, но и исплатата на додатоците на плата, како што се додатокот за минат труд, прекувремена работа и работа за време на празник.

-Инспекторот кој врши надзор, за секој работодавач кој не ги почитува законите и подзаконските акти, согласно Законот за работни односи и Законот за инспекциски надзор, донесува соодветна инспекциска мерка. Во однос на заедничките надзори со УЈП, половина од работодавачите, односно 21 работодавач, го испочитувале решението донесено од инспекторот, за седум работодавачи е донесен прекршочен платен налог, а за 14 работодавачи сèуште тече рокот за постапување по решението со наредба. Во контролните надзори, штом помине рокот за постапување по решенијата со наредба, зависно од утврдената фактичка состојба, или ќе се запре постапката доколку работодавачот го испочитува решението на инспекторот и ги исплати платите на работниците, или ќе се донесе прекршочен платен налог, вели Тренчевска.

Кога ќе констатираат дека работодавец не исплатил плати, не уплатил придонеси од плата и не исплатил надоместоци инспекторите прво опоменуваат и даваат рок тие неправилности да се отстранат. Ако во контролниот надзор се утврди дека не е постапено според решението за опомена, се носи решение со наредба. Ако во одреден рок не се постапи и по ова решение, дури тогаш се пишува прекршочен платен налог.

За прекршоци во врска со платите Законот за работни односи предвидува глоба од 200 до 400 евра во денарска противвредност за микро и малите фирми, од 300 до 600 евра за средните и од 600 до 1.000 евра за големите правни лица. Има и глоби за одговорните лица и тоа од 150, 300 и 400 евра во зависност од големината на фирмата. За работодавач-физичко лице глобата е 250 евра.

(С.В.)