Инспекторите на СЗО пристигнаа во Вухан

12

Светски тим научници денес пристигна во кинескиот град Вухан, каде новиот коронавирус прв пат беше регистриран, за да спроведе темелна истрага за потеклото на вирусот.

Тимот на СЗО, составен од 10 членови, бил одобрен од кинеската влада по неколкумесечни дипломатски препирања што предизвика невообичаени јавни поплаки од првиот човек на СЗО, пренесе Еуроњуз.

Научниците се сомневаат дека вирусот, кој од крајот на 2019 доведе до смрт на 1,9 милиони луѓе низ светот, се пренесол од лилјаци на луѓето најверојатно на југозападот на Кина. Владејачката Комунистичка партија во земјата, која е соочена со критики дека овозможила да се прошири заразата, пак тврди дека вирусот дошол од друга земја, најверојатно преку увезена храна, но експертите тоа го отфрлаат како можност.

Во експертскиот тим на СЗО се вклучени научници од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Британија, Русија, Холандија, Катар и Виетнам. Тие треба да поминат двонеделна изолација како и да добијат негативни тестови на ковид-19 пред да започнат со нивната истрага. Во меѓувреме тие ќе започнат да работат заедно со кинеските експерти преку видеоконференциски врски.

Според портпаролот на кинеската влада, тие ќе разменат информации со странскиот експертски тим, иако не соопштиле дали на странските научници ќе им биде дозволено да собираат докази.

Сепак тешко е да се очекува дека една посета на научниците може да го потврди дефинитивното потекло на вирусот, бидејќи типично за да се пронајде како вирусот направил „скок“ помеѓу различни видови е потребно години на проучување преку земање животински примероци, спроведување генетски анализи и епидемиолошки студии.