Инженерот на мостот во Џенова тврди: Се што работеше таа фирма се уриваше!

51

Мостот Моранди се урна поради голем пропуст при изградбата на потпорните столбови поради кои конструкцијата не можела да ја издржи тежината на густиот сообраќај, тврди инженерот Саверио Ферари, кој работел за компанијата која го изградила.

Овој недостаток и фактот дека властите не го пренасочувале тешкиот сообраќај на алтернативни правци се главните причини за смртоносната катастрофа, вели пензионираниот инженер за исталијанскиот весник Кориере дела сера.

-Работев за компанијата Кондоте. Секогаш се се уриваше онаму каде што тие беа вмешани, изјави тој. – Кога го градеа мостот, носечките столбови не беа направени да издржат земјотрес.

Рикардо Моранди, проектантот на мостот по кој тој и го добил името, бил свесен и му се пожалил на градежниот тим, објаснува Ферари.

Според неговите зборови, испитувањата на издржливоста на носечките столбови се изведени набрзина и мостот по само две години од пуштањето во употреба почнал да покажува големи недостатоци.

Италијанскиот инженер и дизајнер на надвозникот во Џенова, при чие уривање настрадаа 43 лица, Рикардо Моранди, предупредил уште во 1979 година дека ќе биде неопходно константно одржување на надвозникот, за да се отстрани рѓата предизвикана од непосредната близина на морето и загаденоста на воздухот.

Италијанската државна телевизија РАИ објави делови од извештај на кои стои потписот на Моранди од 1979 година, 12 години по отворањето на надвозникот.

Во извештајот се наведува дека уште тогаш било познато оти може да дојде до „губење на површинската отпорност на бетонот на хемикалии“, поради морето и загаденоста на воздухот предизвикано од блиската челичарница.

Дел од надвозникот во Џенова се урна на 14 август, при што настрадаа 43 лица.

Околу 840 мостови во Франција под ризик за уривање

Околу 840 мостови во Франција се тешко оштетени и се изложени на ризик од уривање во следните неколку години, објави француската владина комисија.

Во извештајот, објавен во локалните весници, се вели дека е потребна поправка на една третина од 12.000 мостови во надлежност на француската влада.

Комисијата не се занимаваше со илјадници други мостови во Франција, за кои се одговорни приватни компании или локалните власти.

Министерката за транспорт, Елизабет Борн, минатата недела објави план од милијарда евра за „спасување на француски патишта”, вклучувајќи ги мостовите и тунелите.