Индустријата лобира да и се дозволи увоз на отпад за горење

78

Деновиве кога Македонија се најде на врвот од најзагадени земји во светот, гледаме обид на индустријата да си овозможи уште повеќе да гори отпад и да ѝ се дозволи законски увоз на отпад за горење. Од Зелен Хуман Град реагираат дека медиумите се преплавени со написи за менување на законот за индустријата да може слободно да увезува отпад за горење за да биде „поконкурентна“.

-Спалувањето на отпадот е спротивно на концептот нула отпад. Тоа е штетен, загадувачки, скап и неефикасен процес кој ги заробува градовите во безизлезна ситуација со тоа што тие се принудени да произведуваат многу отпад за да го нахранат инцинераторот, поткопувајќи ги напорите за намалување на создавањето отпад или зголемување на стапките на рециклирање – потенцираат од Зелен Хуман Град.

Според нив, втор голем проблем со спалувањето отпад е што за еден таков процес високоризичен по човековото здравје е неопходно да постојат институции и држава, што кај нас не е случај.

-Дури и тие земји каде што системот функционира имаат проблем со остатоците од процесот на инцинерација (спалување) и увезување на отпадот. Лекарската комора на Словенија има изјавено дека во емисиите од инцинераторите има многу токсини опасни за бремените жени и за развојот на децата кои предизвикуваат голем број на болести и случаи на прерана смрт – велат од Зелен Хуман Град.

Тие додаваат дека во услови на отсуство на институции, најдоброто што може да се направи со отпадот што не се биокомпостира, а „гние“ по депониите, е да се извезува, зашто постојат земји што купуваат.

Според Зелен Хуман Град фокусот мора да биде на одржливоста – на концептот на нула отпад. Затоа, тие сметаат дека  прв чекор за намалување на отпадот (кој околу 70% е биоотпад во Македонија) е посветено инвестирање во биокомпостари кои истовремено произведуваат и компост и биогас, потоа исфрлање на пластиката за еднократна употреба.  Освен тоа, неопходни ни се сеопфатни програми за рециклирање и реупотреба на соодветните текови на отпад заедно со редизајнирање на производите кои ги користиме да ја хранат, наместо да ја поткопуваат, циркуларната економија, како и масовна системска едукација за правилно селектирање на отпадот, со што ќе се максимизира ефективноста на капацитетите за рециклирање и биокомпостирање. Понатаму, конечно решавање на проблемот со канализацијата и искористувањето на процесот на пречистување на отпадни води како ресурс за биокомпостирање. Воедно, паралелно треба да се инвестира во искористување на сите податливи кровни површини за поставување ФВ системи и врзување на биогасот и соларната енергија во еден интегриран систем на производство од обновливи извори. Исто така, субвенционирање на домаќинствата и малите бизниси да постават ФВ системи и да се вклучат во домашното производство на електрична енергија при што произведениот вишок електрична енергија ќе им се плаќа по фер цена. Но, и измена на законот со која ќе се оневозможи сегашниот монопол на универзалниот снабдувач ЕВН.

-Залудно во моментов домаќинствата и правните лица може да постават ФВ системи кога никој не им обезбедува двонасочни броила и кога мора да се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а не од ЕВН за да смее да го продаваат вишокот произведена струја. Помагањето на крупниот капитал да си го зголеми сопствениот профит за сметка на здравјето и животите и на работниците, но и на сите нас, не смее да се прикажува како решение, а особено не смее да се прикажува како решение во ера на климатска криза – наведуваат од Зелен Хуман Град.

Оттаму потенцираат дека на македонското општество му се неопходни научно-базирани и конзистентни чекори кон истата цел – нула отпад и енергетска независност. Истовремено, 24-часовна ригорозна надворешна контрола врз загадувачката индустрија со неселективни строги санкции за прекршувачите на законот.

-Единствено така можеме вистински да го решиме загадувањето и да ги заштитиме животите на нашите сограѓани – децидни се од Зелен Хуман Град.