Има ли пари за зголемување на платите во ребалансот на Буџетот?!

Од ССМ излегоа со реакција дека во ребалансот на Буџетот не е предвидено ветеното покачување на платите од 2.806 денари. Тие бараат итна средба со Владата. Инаку, со последниот ребаланс, Буџетот за 2022 година ќе изнесува 6,6 милијарди евра. Ребалансот се прави со цел економијата целосно да закрепне од пандемијата, но и за поддршка на граѓаните за време на кулминација на глобалната криза. Оваа година, државата ќе се задолжи со дополнителни 900 милиони евра, средства што ќе се употребат за покривање на старите долгови и на буџетскиот дефицит од скоро 700 милиони евра

133

Откако Владата излезе со податоци за тоа како е скроен ребалансот на Буџетот, вчера со реакција се огласи Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изразувајќи сомнеж дека во ребалансот на државната каса не е предвидено ветеното покачување на платите од 2.806 денари. Тие бараат итна средба со Владата.

Имено, од ССМ вчера потсетија дека во преговорите за нов општ колективен договор за јавниот сектор било прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2.806 денари ќе се случи со ребалансот на Буџетот. Но, за жал, се покажа дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската и енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати, се наведува во реакцијата од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во однос на ребалансот на Буџетот.

Тие бараат итна средба со Владата, на која ќе биде потврдено тоа што начелно било договарано и веднаш да се реализира тоа.

– Ако не биде постигнат договор за 2.806 денари сега, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти, односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно со закон, каде што рокот од шест месеци мора да се испочитува, за што и Владата јасно истакна дека во рок од шест месеци ќе се усогласат останатите плати и нема назад од тоа! – соопштуваат од ССМ.

Потсетуваат дека ССМ и синдикатите бараа зголемување на платата уште од 1 мај и поради тоа на улица излегоа преку 7.500 работници, кои јасно ја упатија пораката дека веднаш им се потребни зголемени плати, но очигледно пораката не е разбрана.

– ССМ настојува да им се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа, барањето за зголемување на платите за 2.806 денари веднаш е солидарно решение, и во спротивно, и од сигналите што се испраќаат со ребалансот, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон – соопштија од ССМ.

Инаку, со последниот ребаланс, Буџетот за 2022 година ќе изнесува 6,6 милијарди евра. Ребалансот се прави со цел економијата целосно да закрепне од пандемијата, но и за поддршка на граѓаните за време на кулминација на глобалната криза. Оваа година, државата ќе се задолжи со дополнителни 900 милиони евра внатрешно и надворешно, објави министерот за финансии Фатмир Бесими. Средствата ќе се употребат за покривање на старите долгови и на буџетскиот дефицит од скоро 700 милиони евра. Владата се надева дека најголемиот дел од финансиските средства ќе се земат преку задолжувањето од ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) со ниски каматни стапки, но сè уште не се знае точно колкав ќе биде тој ангажман.

Капиталните инвестиции се планирани во вкупна вредност од 32,2 милијарди денари, околу 6 милијарди денари помалку споредено со претходниот план за 2022 година. Капиталните инвестиции првенствено се редуцирани за 95 милиони евра, а за нивна реализација се издвоени 520 милиони евра.

Со ребалансот на Буџетот, кој го усвои Владата во петокот, се обезбедуваат нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и за поддршка на стопанството. Се обезбедуваат и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците, а ќе има и за пензиите и за зголемување на платите на наставниците, како и средства за зголемување на минималната плата за јавниот и за приватниот сектор, информираше Бесими.

– Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и на фирмите во екот на глобалната ценовна и енергетска криза – рече Бесими.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти.

– Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок – најави Бесими.

Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 процента, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Од СДСМ велат дека со ребалансот на Буџетот се обезбедува заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, средства за производство на храна за наредната година, поголеми плати и пензии, поддршка за граѓаните и за компаниите и заштита на стандардот со нови мерки.

„СДСМ и Владата која ја предводи, со брзи и добро смислени мерки успешно менаџираат со последиците од најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна во Европа. Го штитиме стандардот на граѓаните и на компаниите, ги зголемуваме платите и пензиите, обезбедуваме ликвидност на Буџетот, спроведуваме енергетска трансформација и паралелно инвестираме во земјоделството и ги зголемуваме површините за да има доволно храна наредната година“, велат од владејачката партија.

Од ВМРО –ДПМНЕ, пак, сметаат дека ребалансот ништо не може да подобри, напротив, дополнително ќе ја продлабочи економската криза до степен на катастрофа.

-Кратењата на средства за капитални инвестиции се еден од показателите дека и со овој ребаланс Буџетот нема да има никаква развојна компонента. Очигледно дека остануваат нечепнати уште стотици милиони евра непродуктивни трошења на сметка на кратењата на капиталните инвестиции, изградби на патишта, болници и други проекти кои се двигател во секоја економија. Поради лошите досегашни економски политики, оваа власт на СДСМ и ДУИ ја доведе Македонија да биде задолжена над 7 милијарди евра со тенденција тој долг уште да расте, да биде земја со најнизок раст на БДП во регионот, да биде меѓу земјите со највисока стапка на инфлација, земја со 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија, земја со најмалку странски инвестиции и една од најсиромашните во Европа – велат од ВМРО-ДПМНЕ.