Францускиот предлог за отстранување на бугарското вето доби зелено светло од Софија и сега сите очи се вперени во Скопје, во исчекување на новиот македонски потег. Бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, со став дека со прифаќањето на „францускиот предлог“ Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси, а Брисел првпат ја поддржал бугарската позиција. Откако во Брисел македонскиот премиер Димитар Ковачевски го одби предлогот, потоа министерот за надворешни работи Бујар Османи појасни дека „францускиот предлог“ би станал прифатлив доколку од предложената преговарачка рамка се исклучи билатералниот протокол со Бугарија и внесувањето на Бугарите во Уставот не биде предуслов за почеток на преговорите со ЕУ. Експертите се согласуваат дека идентитетските прашања мора да останат надвор од преговорите со ЕУ.

Скопје сега има избор за својата иднина, Бугарија не може да носи одговорност за сите, изјави вчера Петков во интервју за Бугарското национално радио (БНР), коментирајќи ја позицијата на Софија по одлуката на Народното собрание за прифаќање на нацрт-предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Македонија.

– Направивме нешто неверојатно. Првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција – рече Петков.

Тој нагласи дека ако земјава се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес со ЕУ.

– Имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија – тврди Петков.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Османи, во петокот порачаа дека Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ доколку во преговарачката рамка не биде проблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот.

Османи истакна дека негов личен став е оти францускиот предлог би станал прифатлив доколку од предложената преговарачка рамка се исклучи неусогласениот протокол од втората македонско-бугарска меѓувладина конференција, која сè уште не е одржана и доколку се промени планот за промена на Уставот, односно стартот на преговорите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата. Дури и да биде усогласен протоколот со Бугарија, за Македонија е неприфатливо тој да стане дел од преговарачката рамка, бидејќи со тоа во процесот на преговори со ЕУ би биле вклучени и историските прашања.

Министерството за надворешни работи на Бугарија во саботата соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно со член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Македонија. Во соопштението на бугарското МНР се вели дека „е време одговорните фактори во Република Македонија не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.

Политичките аналитичари во земјава предупредуваат од опасноста што ја носи внесувањето на идентитетските прашања во преговарачкиот процес со ЕУ.

Според политикологот и професор на Правниот факултет во Скопје, Ненад Марковиќ, постојат многу замки во францускиот предлог на кои, според него, не мораме да кажеме ни изречно „да“ ни изречно „не“.

– Мислам дека е клучно, во кој било дел што се однесува на некои наши идентитетски параметри, каква било дебата за идентитетот, тука пред сè би ја поместил Комисијата за историски прашања, и во секој случај македонскиот јазик –  не би смееле да ги прифатиме. Сè додека сме во областа на човековите права, бугарското малцинство, говор на омраза, измени во учебниците –  тоа се опипливи работи во кои може да има резултати –  не ги сметам за особено лоши. Сè додека не навлегуваме во идентитетските прашања за кои ова општество нема веќе простор да разговара – истакна Марковиќ.

Наместо решение „во последен миг“, смета д-р Малинка Ристевска- Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ) од Скопје, за нас се многу побитни условите под кои ќе се случи тоа, дали и како би се изменила предложената преговарачка рамка, односно дали и какви отстапки ќе направиме ние (или веќе сме направиле).

– Она што е неопходно од наша страна е сите ние да престанеме да бидеме заложници на одлуката за почеток на преговорите, туку на ова прашање да гледаме на подолг рок. Мора да се продолжи интензитетот на работата со институциите на ЕУ и државите членки, наместо досегашниот фокус исклучително на преговори со Бугарија, и тоа на агенда поставена од страна на Бугарија. Треба да влијаеме на менување на таа агенда. Договорот за соработка што го склучивме со Бугарија не беше на барање на ЕУ, туку билатерален чин меѓу двете земји, кој Бугарија го претвори во „маша“ за остварување на нејзини цели преку пристапниот процес, односно преку ЕУ – заклучува Ристевска-Јорданова.

Францускиот предлог, ако се исклучи историјата од него, дава добра основа за почеток на преговори, оценува поранешниот амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин. Одлуката на бугарскиот Парламент е добар чекор напред, но во преговарачката рамка мора да се исфрли протоколот, смета Ружин и додава дека неделава е решавачка за епилогот на македонско-бугарскиот проблем.

(И.С.)