Имам бај’лди е турско јадење, а неговото име во буквален превод значи „имамот се онесвести“. Приказната за тоа како ова јадење го добило името вели дека кога имамот го пробал ова јадење, се онесвестил од добриот вкус.

Потребно е:

  • 4 големи долги модри патлиџани
  • 9 лажици маслиново масло (или повеќе ако е потребно)
  • 12 чешниња лук
  • 1 голем кромид исечкан на тенки полумесечини
  • 2 пиперки, благи, исечкани на мали парчиња
  • 1 голем домат, исечкан
  • 1 шолја сечкан магдонос
  • 1/2 лажица сол
  • 1/2 лажица шеќер
  • 1/2 лажица мелен бибер
  • 1 голем домат, изрендан

Подготовка:

Тенко излупете ги модрите патлиџани, посолете ги убаво и оставете ги да отстојат 45 минути. Немојте да ги сечете ги врвовите!

Ставете 1/3 шолја маслиново масло во длабока тава за пржење. Додадете го кромидот, целите чешниња лук и исечканите пиперки. Пропржете сè додека кромидот не стане „стаклест“. Мешајте постојано за кромидот и лукот да не потемнат. Ова е еден од клучните чекори за „Имам бај’лди“.

Во тавата додадете ги ситно сечканите домати, магданосот, сол, бибер и шеќер. Гответе уште 5 минути.

Во друга тава загрејте 1/4 шолја маслиново масло и пржете ги модрите патлиџани на секоја страна додека не добијат златна нијанса, 1-2 минути. Тргнете ја тавата од оган и ставете ги модрите патлиџани во тава за печење да се оладат.

Расечете ги модрите патлиџани по должина, но до половина. Не сечете ги по целата должина! Ако сакате да направите поголем отвор, со раце раширете го засекот, но внимавате патлиџанот да не се дупне одоздола.

Потоа, распоредете ја смесата за полнење во засекот на патлиџаните. Наполнете ги убаво. Потоа додадете го ренданиот домат, покријте ја тавата за печење со алуминиумска фолија и направете неколку дупки на фолијата за да може пареата да излегува.

Печете на температура од 180 степени околу 45 минути сè додека патлиџаните не бидат готови.

Варијанта:

За оние кои навистина не можат да замислат ручек без месо, во ред, може да ги наполните и со телешко мелено месо кое ќе го пропржите во тава пред да го додадете кромидот. За 4 модри патлиџани би требало да е доволно околу 400 г мелено месо.

Оригинална верзија: