Земјава моментно располага со 4 хеликоптери, ниту еден „ер трактор“ за справување со пожари, но има и голем недостиг на пожарникари, рече Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Ер тракторите се нефукционални бидејќи двајцата пилоти се во пензија, а Дирекцијата за заштита и спасување не смее да лета со само еден пилот. Како што вели, земјава располага со 4 хеликоптери од кои 3 се на Министерството за внатрешни работи, додека пак еден е на Армијата.

„Армискиот хеликоптер е доста зафатен, но во сериозна ситуација би можело да се смета на него“, рече Ангелов.

„До овој момент, не се функционални ‘ер тракторите’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), бидејќи двајца пилоти се во пензија, а Дирекцијата не смее да лета со еден пилот. И покрај напорите на директорот, овој проблем веќе 2-3 месеци не е надминат, Владата во заминување на ниту една седница не даде дозвола овие двајца пензионирани пилоти да бидат ангажирани со договор на дело. Верувам дека новата Влада на една од првите седници ќе најде решение за овој проблем“, кажа Ангелов.

Тој потенцираше дека во земјава има 938 пожарникари, а недостасуваат уште 670. Просечната возраст на пожарникарите е 42,5 години.

„Најалармантна е состојбата во Скопската противпожарна бригада. Не се ни усудувам да кажам колку пожарникари им фалат, а имаат многу работа, и во урбани средини и во приградските населби“, рече Ангелов.