По златото на 200 и на 400 метри слободно на Олимписките игри во Токио во 2021 година, како и среброто на 800 метри и бронзата во штафетата 4х200, Аријарне Титмус донесе и куфер полн со медали од Париз.

Претставничката на Австралија освои злато на 400 метри и злато во штафетата 4х200, а среброто го освои на 200 и на 800 метри.

Сето тоа е импресивно, но уште поимпресивно е кога се знае дека токму пред Париз ѝ бил отстранет тумор од телото. Кога направила скенирање за да види што се случува по рутинската повреда на колкот, лекарите откриле израсток на нејзините јајници. Ја фатило паника, но не поради кариерата, спортот или евентуалната битка со болеста.

– Толку многу сакам да бидам мајка еден ден. За мене, потенцијалното губење на јајниците е навистина голем удар. Многу сум им благодарна на сите што ме прегледаа детално, бидејќи, сепак, ќе беше во мене да не беа така темелни. Кога се случи сето ова, сакав да направам сè како што треба за да имам деца еден ден. Реков: „Извадете го!“ – се сеќава Титмус.

На крајот се покажало дека станува збор за бениген тумор, но таа призна дека до крајот на февруари годинава чувствувала болки во стомакот поради операцијата и отстранувањето на израстоците.

Но, како што вели, пливањето и сега не ѝ е приоритет.

– Кога тренирате за Олимпијада, вие сте во балон. Се грижите за работи како повреда на рамото, се грижите за вашето тело и заборавате на животот по пливањето. За мене, целта е да имам бебе. Имам огромна желба да бидам мајка.