Административците ќе излезат на улица ако во април примат плата под минималната од 18.000 денари

7175

Зголемувањето на минималната плата не ја тргна опасноста од големи протести низ државата.

Јавната администрација е револтирана и уште со исплатата наредниот месец очекува зголемен минималец на 18.000 денари и скалесто покачување на сите останати плати. Во спротивно, ќе се излезе на улица, за што веќе се е подготвено. Ова е барање на членовите на синдикатите на вработените во управата, правосудството, образованието, полицијата, војската… каде платите се определуваат по бодовен систем, па илјадници вработени се со пониска плата и од досегашната минимална од 15.200 денари.

Синдикатот на УПОЗ почна разговори со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, но претседателот Трпе Деаноски вели дека ако и на овие вработени не им се зголеми мартовската минимална плата, протестите ќе бидат неизбежни.

-Задоволни сме од разговорот. Сепак, ние исто така сме подготвени за протест ако уште од наредниот месец овие вработени не ја примат зголемената минимална плата, а останатите плати не се зголемат скалесто. Но, и да не ги повикаме членовите, синдикатите во рамките на нашиот грански синдикат најавуваат дека самите ќе излезат на протести. Веќе имаме најава од пет синдикати дека ќе протестираат ако на нивните членови не им се зголеми  минималната плата на 18.000 денари и ако останатите не се покачат скалесто, изјави тој за весникот ВЕЧЕР.

Министерката Тренчевска, пак, најавува дека ова прашање ќе го отвори на владина седница.

-Ние ќе продолжиме да ги решаваме предизвиците. Јавната администрација ја има нашата поддршка, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна. Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат, затоа прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе го отвориме заедно. Ние ветивме дека ќе го отвориме и прашањето за бодовите во колективните договори, рече министерката Тренчевска.

Но Деановски, сепак вели дека скалестото покачување на платите во јавниот сектор е компликувано, па за да се овозможи, се бара прво да се смени Законот за административни службеници.

-По измената на овој закон ќе треба да се сменат уште 27 закони за да се овозможи минимална плата од 18.000 денари и стаклесто покачување на другите плати откако таа се зголеми за 2.700 денари. Во приватниот сектор е полесно, зашто таму има колективни договори, но во јавниот платите се определуваат според бодовен систем, вели Деаноски.

Тој посочува дека револтот меѓу вработените е голем, зашто според тој систем илјадници вработени се со плата од 14.500 денари иако минималната беше 15.200 денари.

-Ако не се направи скалесто зголемување на платите во секторите кои ги покрива УПОЗ, 40 илјади вработени кои сега примаат до 17.000 денари ќе имаат плата под минималната. Тие се претежно со средно образование, но има и со вишо и високо, појаснува Деаноски.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ имаше амандман на предлогот за измени на Законот за минимална плата, со кој се бараше скалесто зголемување на платите во јавниот сектор, но тој не беше прифатен. Исто така, Владата изготви законско решение, со кое меѓу другото, би се овозможило зголемување на платите во образованието, но тоа подолго време е „заглавено“ во Собранието. На почетокот на неделава предупредувачки протест пред Владата одржаа војската и полицијата, со барање платите да им се усогласат со минималната. Тие најавија дека ако не се исполни, наредната недела пак ќе дојдат пред Владата, но со шатори.

(С.В.)