Или решение до 30 јуни или сериозна криза во односите на ЕУ со Западен Балкан

31

ЕУ предупредува дека ако спорот меѓу Скопје и Софија не се реши до крајот на француското претседавање, ќе има длабока криза со регионот. Софија повтори дека за кревање на ветото очекува „конкретни чекори заедно да се изодат, без какви било календари или очекувања“. Скопје, пак, порача дека сите услови за старт на преговорите со ЕУ се исполнети и сега на потег е Бугарија.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, вчера изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато. Има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи, ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западен Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение“, изјави Борел по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој за прв пат се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан.

Тој потсети и дека Македонија, Албанија и Црна Гора се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена, додавајќи дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ, тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитетот, а ќе претставува и подарок за Русија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој учествуваше на оваа прва седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан, порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.

„Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион по овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот“, изјави Османи и потенцираше дека во овој момент нема договор којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, а во случај на нова бугарско вето во јуни, посочи дека ќе треба „да седнеме и да видиме“ како понатаму.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера, на заедничка прес-конференција со холандскиот колега Марк Руте во Софија, во однос на спорот со Македонија, рече дека се работи за „конкретни чекори заедно да се изодат и тоа не е функција на какви било календари или очекувања, туку функција на заедничка работа што треба да се направи заедно, што и го правиме“.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во однос на барањето на неговиот бугарски колега Петков за формирање институција која ќе работи за правата на Бугарите, изјави дека ние сме држава што го има поставено прашањето на правата на помалите етнички заедници на исклучително високо ниво и сме единствената земја во Европа што има министерство за помалите етнички заедници. Во оваа држава, потенцира премиерот, сите граѓани имаат еднакви шанси за личен и за професионален развој, тоа е уредено со Уставот, ставено е во програмата на Владата, а и Канцеларијата на омбудсманот се грижи за правата на сите граѓани, вклучително и на бугарското малцинство.

Од Австрија, Словачка и од Италија, пак, вчера од Брисел следуваше уште една потврда на силната поддршка за европскиот пат на Македонија и што поскоро отпочнување на пристапните преговори.

Шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг, во пресрет на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, рече дека ЕУ не смее да ги „изгуби“ земјите од Западен Балкан, бидејќи тој регион е во центарот на Европа и е клучен и геостратешки важен, предупредувајќи дека Русија таму има голем потенцијал за да предизвика штета дури и без ниту еден испукан истрел.