Илиќ: САД побараа од Србија да го признае Косово до 2019 година

57

Американскиот заменик државен секретар Хојт Ји при неодамнешната посета на Белград побарал од српскиот претседател Александар Вучиќ, Србија да го признае Косово до 1 јануари 2019 година, тврди поранешниот српски министер за капитални инвестиции и за урбанизам и градежништво Велимир Илиќ.

– Хојт Ји побара да се исполни писменото ветување дека Косово ќе добие место во ОН до 1 јануари 2019 година и нагласи дека САД нема да толерираат одложување за ниту еден ден, изјави денеска Илиќ, кој лидер на партијата Нова Србија, која до средината на оваа година беше дел од српската владина коалиција.

Илиќ посочи оти српскиот претседател во ниту еден момент „не споменал дека му биле поставени услови“.

– Според тоа како работи српската Влада, се води кон тоа дека ветувањето што е дадено од Американците, ќе биде исполнето, истакна претседателот на Нова Србија.

Вучиќ во петокот наведе дека при неодамнешната посета во Белград, Ји и предал на Србија тешки, но не и нови барања.

– Ји е сериозен политичар, кој ни даде тешки задачи, но тие не се нови. Тонот на состанокот можеби беше малку повисок, но јас, исто така, со една октава повисоко, ги бранев интересите на Србија, изјави српскиот претседател.