Илиноис е втора сојузна држава што го прогласи септември 2023 за месец на македонското наследство

44

Гувернерот на Илиноис, Џеј Би Рицкер го прогласи септември 2023 за месец на македонско-американското наследство, по примерот на гувернерката на сојузната држава Мичиген, Гречен Витмер.

„Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски“, стои во известувањето кое го пренесе „Гласот на Америка на македонски јазик“.

Во него пишува дека „бројни вредни македонски имигранти помогнаа да се одржи американскиот претприемачки дух и се дел од историјата и културата на Чикаго“.

Рицкер наведува и успешни македонски Американци со бизнис во Чикаго, меѓу кои бизнисменот Мајк Зафировски, поранешен извршен директор на „Моторола“ и „Нортел“, Дино Делевски, основач и тренер на младинската фудбалска организација „Чикаго Инферно“, но и повеќе други.

Претходно градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон го прогласи септември за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген,

Тој ги повикал сите жители да се приклучат во славењето на многуте придонеси кои македонските Американци ги имаат во САД, истакнувајќи дека македонско-американската заедница овој месец одбележува 32 години од независноста на македонската држава.

Освен во Чикаго, македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на септември.

Минатата сабота, на 16 септември и градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, ја прогласи за ден на македонското наследство, кога македонското знаме се крена на Вол Стрит по повод 32 години независност.

Пред повеќе од месец и половина, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

На 23 септември во Чикаго треба да биде претседателот Стево Пенадровски, кој ќе присуствува на настан организиран од „Македонија 2025“.