Илина Арсова: Нашата публика е планината, сувата карпа и снегот!

67

Прекрасно е чувството да ја достигнеш целта да се искачиш на врвот на планината Винсон на Антарктикот, пред сè заради самиот себе, но уште повеќе кога со тоа ќе предизвикаш гордост кај целата своја нација, истакна денеска Илина Арсова на прес-конференцијата по повод нејзиното искачувањето на врвот на 27 декември минатата година.

Арсова е првата Македонка која се искачила на оваа планина и со овој подвиг успеала да ги искачи сите највисоки седум врвови на седумте континенти на планетата Земја. Со ова, таа го комплетирала и проектот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија  и Агенцијата за млади и спорт, „Седум самит“.

-Навистина посебно беше чувството кога пред завршување на седмиот врв и моето пристигнување во Скопје на аеродромот освен најблиските ме пречекаа и група планинари, мои пријатели, колеги на чело со професорот Угриноски кој воедно е и првиот Македонец кој стапнал на поларното тло на Антарктикот во 2002 година. Се чувствував посебно. Сите тие луѓе на свој начин ме мотивираа да останам истрајна до завршување на оваа мисија, рече Арсова.

Најмногу ѝ е драго, што еден ваков дострел, подвиг во планинарските спортови предизвикал големи реакции во јавноста и чувство на радост кај пошироката јавност, а не само кај планинарите.

– Навистина имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во медиумите, имајќи предвид дека сепак планинарските спортови не се најпопуларни спортови како ракометот и кошарката, кои имаат многубројна публика. Нашата публика е планината, сувата карпа и снегот. Нема кој да навива за нас кога сме таму. Ни останува кога ќе се вратиме преку фото и видеоматеријали да ви прикажеме, да успееме да доловиме мал дел од она што се случува на планината, а тешко е да се пренесе студот, лавините, опасноста и ризици кои нè демнат постојано, не се гледа ниту на фотографија, а тешко се доловува и на видео, појасни Арсова.

Таа истакна дека станува збор за еден многу предизвикувачки и комплексен спорт бидејќи вклучува сегменти од повеќе спортови, дисциплини и вештини кои планинарот треба да ги поседува, за да биде член на една експедиција и за да постигне високо и гордо достигнување.

Претседателот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, Јовица Угриновски во свое обраќање на прес-конференцијата истакна дека заслугата е индивидуална, односно е нејзина, таа самата знае колку напор, желба, љубов, време, а и пари се потребни за да се оствари целиот проект.