Вселенските летови на Ричард Брансон и Џеф Безос го означија почетокот на вселенскиот туризам, но добрата работа е што се развива и вселенскиот транспорт, вселенските технологии и навигацијата поврзана со овие летови. На овие двајца милијардери кои инвестираат во вселенски летови и технологија, мора да го додадеме Илон Маск. Инвестирани се многу пари во овие летови во вселената, но многу се инвестираат и во вселенските технологии, главно во транспортните технологии. Тоа се вселенските летала со кои се лета во вселената, рече во интервју за БТА, професор доктор инженер Георги Желев, директор на Институтот за вселенски истражувања и технологија /ИКИТ/ на БАН.

Тој објасни дека се претпоставува оти „во летовите над 80-90 километри, до 100-120 километри, започнува вселената“.

„За време на неговиот лет, Ричард Бренсон беше во вселената околу десет минути и тој, како и придружните патници, се чувствуваа бестежински. Но, најинтересно, според мене, е да се види дискот на Земјата, што е најубаво искуство во овие вселенски летови“, рече професор Желев.

„Во летот на Џеф Безос се користи шатл, кој полетува како ракета и слетува како авион“, објасни директорот на ИКИТ-БАН. Тој прогнозира дека колку повеќе овој вселенски туризам се развива во иднина, тој ќе поевтини, но „неговата цена нема да падне многу“.

На прашањето кога вселенските летови можат да станат „помасовни“ и подостапни за повеќе луѓе на Земјата, професор Желев објасни дека сè ќе зависи од тоа какви финансии, напори и научни достигнувања ќе бидат инвестирани во светот за да се направат летовите подолги.

„Сега, луѓето што летаа со овие први летови се среќни што беа во вселената десетина минути. Но, во иднина, патниците во вселената ќе сакаат да поминат еден ден патувајќи или да се закачат за Меѓународната вселенска станица (МВС)“, рече директорот на ИКИТ-БАН.