Израел најавува одмазда на Иран, а Иран уште посилен удар

551

Израел најавува одмазда по иранскиот ракетен напад во вторникот, кој премиерот Бенјамин Нетанјаху го оцени како неуспешен.

-Иран направи голема грешка вечерва и ќе плати за тоа, рече тој, но не најави кога може да се случи одмазднички напад врз Иран.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари, пак, изјави дека Иран извршил „сериозно дело“ кое го води Блискиот Исток кон ескалација.

-Ќе постапиме во момент и место што ќе ги одредиме, во согласност со инструкциите на политичко ниво. Овие настани ќе имаат последици, рече Хагари. „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски претставници, објави дека Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарни постројки.

Но, и Иран му се закани на Израел со уште посилен удар во случај на одмазднички напад, посочувајќи дека нивната акција е завршена, освен ако Израел не преземе дополнителни одмазднички мерки. Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападот бил одмазда за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насралах и еден ирански генерал, објави државната иранска телевизија.

Министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи, како што пишува „Дојче веле“, рекол дека  американските воени сили се предупредени „да се држат настрана од ова прашање и да не интервенираат“.

-Во спротивно, американската армија ќе мора да смета на остар одговор од наша страна, изјави Арагчи за иранската државна телевизија и додаде дека пораката им била пренесена на САД преку швајцарската амбасада во Техеран, пренесе ДВ.

Иран во ноќта меѓу вторникот и средата го нападна Израел со проектили. Според израелската армија, околу 180 од тие проектили биле пресретнати, а според американските информации, американската армија била вклучена во нивното одбивање.

Додека сè уште се бори против Хамас во Газа, Израел го засилува своето присуство и во Либан, навестувајќи дека операцијата би можела да отиде подалеку од она што досега се опишуваше како „ограничен, локализиран и насочен упад“.