Израел и Хамас нема да здивнат од војната ни за новогодишната ноќ

100

Денеска завршува една исклучително тешка година за Израелците и Палестинците и нема скорешен крај на најсмртоносната израелска воена офанзива во Газа, предизвикана од невидените напади врз Израел на 7 октомври.

Во последните часови од 2023 година, нема одмор во израелските воздушни напади, артилериски оган или копнени борби со Хамас во Појасот Газа, иако Палестинците се надеваа дека, како што велат, ќе ја дочекаат Новата година во своите домови со своите семејства.

Министерството за здравство на Хамас објави дека најмалку 21.672 луѓе, главно деца и жени, биле убиени во израелските воени операции, многу повеќе отколку во која било претходна офанзива.

Министерството денеска објави дека многу луѓе загинале во синоќешните напади врз Завајда во центарот на Газа и блискиот бегалски камп Ал-Мугази.

Судирите започнаа со нападите на палестинските екстремисти предводени од Хамас од Газа на 7 октомври, при што загинаа 1.140 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили.

Тогаш беа земенети околу 250 заложници, а Израел наведува дека уште 129 се уште се во заробеништво.

Израелската армија соопшти дека во борбите во Газа загинале 170 војници.

Опсадата на Газа, наметната два дена по почетокот на војната, предизвика недостиг од храна, вода за пиење, гориво и лекови, а помошта може да се доставува само спорадично.

Според податоците на ОН, 85 отсто од 2,4 милиони жители на Газа ги напуштиле своите домови, бегајќи од конфликтот.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека заканата од заразни болести расте, а ОН предупредија дека за само неколку недели во Газа ќе завладее глад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека војната против Хамас ќе трае многу месеци додека не биде елиминирана палестинската екстремистичка организација.

Додека тој зборуваше, повеќе од илјада роднини на заложниците и други демонстрираа во Тел Авив, зголемувајќи го притисокот врз владата да ги врати овие луѓе дома.

Меѓународните посредници кои помогнаа да се постигне еднонеделен прекин на огнот и да се ослободат повеќе од 100 заложници на крајот на ноември, продолжуваат да прават напори да обезбедат ново затишје во конфликтот.

Аксиос и израелската веб-страница Ynet, повикувајќи се на неименувани официјални лица, објавија дека катарските власти изразиле подготвеност на двете страни да ги продолжат преговорите за прекин на огнот и нова операција за ослободување на заложниците.

Делегација на Хамас беше во Каиро за да разговара за египетскиот план за прекин на огнот и постепено ослободување на заложниците за палестинските затвореници и евентуален крај на војната, изјавија извори блиски до организацијата, која владее со Газа.

Исламски џихад, помала екстремистичка организација која се бори заедно со Хамас, во саботата соопшти дека го разгледува предлогот на Египет.

На прашањето за преговорите, Нетанјаху рече дека Хамас „поставува секакви ултиматуми“ кои Израел нема да ги прифати, но дека може да се види „извесна промена“. Сепак, тој не сака, како што рече, да поттикнува нереални очекувања.