Изнајмување апартман во Охрид речиси колку во Грција, од 30 до 40 евра

Туристичката сезона во Охрид е во полн ек, а освен домашни туристи, има и туристи од регионот и од Холандија, Полска и Турција. Цените во хотелите се зголемени за 20 до 30 отсто, а за изнајмување апартман, се движат од 30 до 40 евра на ден. Токму поради тоа, голем дел од домашните туристи одлучуваат да заминат на одмор во соседна Грција, каде што може да летуваат за речиси иста цена, но на море

1934

Охрид се полни со туристи. За разлика од приватните сместувалишта кои се целосно исполнети до крајот на август, во хотелите сè уште има празни места. Освен домашни туристи, има и туристи од регионот и од Холандија, Полска и Турција. Цените во хотелите се зголемени за 20 до 30 отсто, а изнајмување апартман чини од 30 до 40 евра на ден.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски, очекува дека Охрид годинава ќе има успешна туристичка сезона, како во периодот пред короната.

– Веќе влегуваме во шпицот и може да кажеме дека приватните сместувалишта се целосно пополнети до крајот на август. Што се однесува до хотелите, сè уште има слободни места, бидејќи цените на услугите се зголемени за 20 до 30 отсто, поради зголемените цени на храната и на енергенсите. Но, тоа не е случај само во Охрид и во Струга туку и во хотелите во регионот и во светот. Поради економската криза, поголем дел од туристите се одлучуваат за приватно сместување, но очекуваме успешна туристичка сезона и 90 отсто пополнетост и на капацитетите во хотелското сместување – изјави Блажевски за ВЕЧЕР.

Освен домашни туристи, има и туристи од Холандија, Полска и од Турција, а има и кружни тури од регионот Србија, Бугарија и Албанија.

Туристичките работници велат дека се враќаат туристите, а потврда за тоа се многубројните гости што деновиве може да се видат на плажите, во кафулињата и низ чаршијата.

– Освен со организирани тури, дел од странските туристи се дојдени на летување во сопствена режија. Имаме гости од Србија, Црна Гора, Холандија, Полска… До крајот на август, сè е резервирано, а освен туристите од регионот, годинава дојдоа и странските туристи – вели Бошко Дамоски, сопственик на вилата „Антигона“.

Цените за изнајмување апартман се движат од 30 до 40 евра на ден, поради што голем дел од домашните туристи одлучуваат да заминат на одмор во соседна Грција, каде што може да летуваат за речиси иста цена, но на море.

Сепак, угостителите се задовoлни што по долго време ги примија странските туристи во Охрид, кои поради ковид-пандемијата, повеќе од една година ги немаше на охридско-струшката ривиера. Се надеваат дека нема да биде како претходните години и Охрид повторно ќе има гости од април до крајот на октомври.

(А.С.)