На барање од Јавното обвинителство, денеска, во Основниот кривичен суд-Скопје се одложи рочиштето за предметот за масовното прислушување -„Таргет-Тврдина“.
Судијата Илија Трпков посочи дека во понеделникот до судот пристигнал поднесок од Јавното обвинителство во врска со измените на Кривичниот законик, кои влијаеле на правната квалификација на кривичните дела и на обвинителниот акт.
-Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од истиот и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа, стои во поднесокот од Обвинителството.
-Да видиме што ќе прецизираат од Јавното обвинителство и како ќе се осврнат на правната квалификација, истакна судијата Трпков, кој следното рочиште за предметот го закажа за 4 октомври.
Тој истакна дека заради избегнување на трошоци, имајќи предвид дека поднесокот го добил во понеделникот, ги известил казнено-поправните установи каде што дел од обвинетите издржувале затворски казни за други предмети, да не ги спроведуваат обвинетите на рочиштето поради одлагање.
Со новите измени во Кривичниот законик, со кои беа намалени казните за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ „злосторничко здружување“, се отвори можност за застарување на некои од кривичните дела за кои се гонат обвинети во предметите кои ги отвори поранешното Специјално обвинителство, меѓу кои и во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се суди по втор пат откако Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда.
Законските измени на Кривичниот законик се очекуваше да бидат применети во понеделникот на судското рочиште за предметот „Титаник“, односно да биде констатирано дека едно од кривичните дела е застарено за поранешниот премиер Никола Груевски и ексгенералниот владин секретар, Кирил Божиновски, кои се меѓу обвинетите во предметот. Обвинителката Лиле Стефанова на рочиштето не го констатира застарувањето на кривичното дело „Злосторничко здружување“ и остави тоа да го констатира на наредното рочиште за завршни зборови, кое е закажано за 20 септември.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ обвинети беа 12 лица, кои со првостепената пресуда, добија вкупна затворска казна од 55 години и 10 години условни затворски казни. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани раразузнавачи од Петтата управа на УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски, Сашо Мијалков доби 12 години затворска казна, Гордана Јанкулоска беше осудена на четиригодишна затворска казна, Тони Јакимовски на 6 години.. Апелациониот суд во декември минатата година ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд-Скопје.