Измамени стари лица во скопско Трубарево – останале и без пари и без дрва!

110

Млад човек на околу 40 години измамил повеќе стари лица во скопско Трубарево. Тој им нудел огревни дрва по многу ниска цена и откако ќе им ги земел парите, од него ни трага, ниту глас, како ни од камионот со дрва.  Жители на Гази Баба велат дека измамени се над десетина семејства, но официјално во полиција се евидентирани само три кривично-правни настани–измами. Велат дека вакви измами имало и минатите години и мета на крадците им се само повозрасни лица. Се сомневаат дека станува збор за организирана група која претходно прави план во кое село има жители кои можат да се „обработат“

Млад човек на околу 40 години измамил повеќе стари лица во скопско Трубарево. Тој им нудел огревни дрва по многу ниска цена и откако ќе им ги земел парите, од него ни трага, ниту глас, како ни од камионот со дрва.

Жители на Гази Баба велат дека измамени се над десетина семејства, но официјално во полиција се евидентирани само три кривично-правни настани–измами.

Велат дека вакви измами имало и минатите години и мета на крадците им се само повозрасни лица. Тие прашуваат како може да му се верува на некој непознат –  измамник.

– Кој ги тера да му дадат пари на некој непознат. Тие луѓе имаат свои деца, соседи, познаници, зошто не им кажат дека некој им нуди дрва на продажба. Ама веројатно ова се случува поради тоа што се со ниски пензии и плати, а измамникот им нуди огревни дрва за евтини пари и затоа се случуваат вакви измами – коментираат жители на Гази Баба.

Велат дека во помалите места сите се знаат, па тој што мешетари таму нема шанса да се шета така, веднаш ќе биде забележан и ќе му пропадне „бизнисот“, што не е случај со Трубарево кое е поголемо населено место и низ него поминува регионалниот пат Маџари – Катланово.

– Пензионери преку пензионерските здруженија имаат уплатено за дрва, па чекаат по година-две, во дрвара ти нудат едни за тие пари, а ти носат други дрвца за истите пари, секој на некој начин е прелажан или измамен – коментира Анета Б.

Но, не се измамени само во Трубарево. Соња Т. укажува дека пред два месеци била прелажана возрасна жена од село Марино и лицето што ѝ ветувало евтини дрва одговара на истиот опис што го дале во полиција измамените од Трубарево.

– Човекот ненајавено влегува по дворови, гаражи и си бара можност како да започне разговор. Најчесто кажува дека бара да купи трактор, кокошки, приколки, а потоа нуди дрва за огрев и слично. Цел му се повозрасни домаќини. Ова се случува со години, и постојано има апели да се внимава, но повторно исто – велат соселани на измамените.

Тие се сомневаат дека станува збор за организирана група која претходно прави план во кое село има жители кои можат да се „обработат“.

– Пред неколку години возрасна жена од село Брњарци, моја сосетка и мавнаа 10 илјади денари на истиот начин. Случајот беше пријавен во полиција, но не знаеме дали сторителот беше фатен – нагласува жител на Брњарци.  

Весникот ВЕЧЕР побара одговор од МВР и оттаму информираа дека на подрачјето на Полициската станица од општа надлежност „Гази Баба“ во текот на оваа година евидентирани се три кривично-правни настани – измами кои се гонат по приватна тужба, каде измамени се постари лица.

– Од страна на полициски службеници од Единицата за внатрешни работи „Гази Баба“ преземени се соодветни мерки и активности согласно овластувањата за што се изготвени службени материјали, а од оштетените земени се записник по чл.247  од КЗ. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните – информираа од МВР.

(С.Бл.)