Изложени делата од „Прилепското уметничко лето 2018“

76

Со преку 20 дела, слики и скулптури во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ е отворена изложбата на делата создадени на ланското „Прилепско уметничко лето“ што го организира Центарот за современа ликовна уметност.

Според Горан Ристески, директор на Центарот за современа ликовна уметност, лани твореле 21 уметник во ликовната колонија, симпозиумот во мермер, во студијата за скулптури во метал и за пластика во дрво.

„На Прилепското уметничко лето лани во организација на ЦСЛУ се создадоа 28 дела од 21 уметник. Од нив, учествуваа шест скулптори од кои пет создаваа дела во мермер, а еден скулптор во метал. Со ова уште еднаш ја збогативме збирката дела на ЦСЛУ кои всушност остануваат во културното наследство“, рече Ристески.

Центарот за современа ликовна уметност е еден од најстарите на овие простори. Почнал да функционира пред 62 години, уште од 1957 година. Во 1963 година почнал со работа Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер кој лани одбележа 55-годишен јубилеј со изработени пет монументални скулптури. Во 1973 година е отворено Интернационалното ателје за скулптури во метал, во 1981 година е интернационалното ателје за пластика во дрво. Сега функционира и студио за фотографија, а веќе втора година е и Уличната уметност. Инаку, во преку шест децении се создадени над 1 500 дела од уметници од цел свет.

„Ланската година е посебна за проширувањето на уметничките работилници. Освен со Уличната уметност, почна со работа фестивалот ‘Со Марко на улица’ кој предизвика голем интерес. Во преку шест децении досега учествувале преку 800 уметници од целиот свет кои создадоа околу 1 500 дела. Некои се изложени во градот, други во институции во Прилеп и во земјава“, вели Ристески.

Инаку Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чии рамки се продуцира уметноста годинава ќе ја заврши со вкупно 26 изложби од бројни уметници.

„До крајот на декември ќе реализираме уште четири изложби кои се поддржни од Министерството за култура. Досега, во овие 11 месеци се отворени и публиката имаше можност да проследи 22 изложби од голем број уметници, самостојни и групни преку познати колонии што се одржале во земјава. Воедно, ноември е месец во кој Центарот одбележа 40 години постоење“, вели Каролина Мицевска, советник за односи со јавност во ЦК „Марко Цепенков“.