Во галеријата на Младинскиот културен центар, на 22 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата на чешкиот уметник Онджеј Мишек, насловена „Насликај го својот живот“ (Paint your life).
Онджеј Мишек (1977) Прага, Чешка Република, студирал графички дизајн на Академијата за ликовни уметности во Варшава, во класата на проф. Лех Мајевски. Покрај редовните судии по графика и графички дизајн, активно се посветил и на сликањето, каде што бил мошне присутен во ателјето на проф. Адам Стика. Помеѓу 2009-2016 живеел и работел во Бангкок, Тајланд, каде што најпрвин бил ангажиран како предавач по графички дизајн на “Accademia Italiana” – Институт за мода и дизајн. Подоцна, работел и како менаџер во еден од најпопуларните ноќни клубови, Maggie Choo’s Bar, кој беше познат по посебните шоуа, кинески кабареа и џез-музиката. Па оттука, сите фаци од Меги Чу, станаа инспирација за огромен број слики наречени: „Меги Чу серијал“. Улиците и ноќниот живот на Бангкок, Тајланд, како и многу познатиот тајландскиот бокс, се составен дел од серијалот слики под наслов „Бангкок серијал“.
Дополнително, Мишек создава и дополнителна серија слики инспирирани од неговиот престој во Варшава на крајот на 90-тите и почетокот на новиот милениум. Неговиот стил е фигуративно сликарство поврзано со моќна типографија, која влече корени од неговите студии по графичкиот дизајн и дизајн на плакати.
Изложбата во галеријата МКЦ претставува избор на дела под наслов „Насликај го својот живот“, на која и претходеше иста тематска изложба оваа година во Прага, во галеријата Mánes. Истата наиде на позитивен одѕив кај јавноста и ликовната критика.