Изложба на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија – Мерсад Бербер во галеријата Ел Греко

79
Изложба „Ретроспектива“, Барселона

Во Уметничката галерија Ел Греко денес (30 ноември), во 19 часот, ќе се отвори  изложба на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија – Мерсад Бербер. На изложбата ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката glicée.

Мерсад Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Оваа значајна индивидуа од поранешно југословенското уметничко милје е една од ретките фигури која постигнува меѓународна признаеност и кариера, негови дела се наоѓаат во бројни меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои треба да се истакне фактот што негови дела се откупени и изложени во Галеријата Тејт во Лондон од циклусот Hommage à Velásquez.

„Мерсад Бербер е по потекло од Босна и Херцеговина, од малото место Босански Петровец. Тој постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, со стекнати знаења и обуки на додипломски и магистерски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, а секако и во дисциплината на сликарство, цртеж, илустрација, сценографија, костимографија итн. Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми, со помош на која успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови. Бербер се појавува на ликовната сцена во 60-те години на XX век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му го трасираат интернационалниот подем и визибилност во кариерата. Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели“, ќе посочи Ана Франговска кон изложбата на Мерсад Бербер во галеријата Ел Греко.

Изложба Мерсад Бербер „Ретроспектива“, CaixaForum Барселона

Бербер е роден на 1 јануари 1940 година, Босански Петровац, а починал на 7 октомври 2012 година во Загреб. Тој е добитник на голем број престижни награди и признанија на најзначајните меѓународни сликарски и графички изложби. Живеел и работел во Љубљана, Сараево, Загреб и Дубровник.

Големите имиња во сликарството се како антички кариатиди. Мојата цел е постојано да се откриваат живи и плодотворни импулси во минатото бидејќи мојата традиција и припаѓа на големата традиција на европската култура во која се сретнуваат и преплетуваат антиката, Византија, средновековието, ренесансата, барокот, сецесијата, модерната, а исламската компонента на сето тоа му дава посебен тон низ синтеза на Истокот и Западот. Ако моето сликарство го нарекуваат неокласицизам, тоа е затоа што сакам да ги обновам сништата кои го чуваат достоинството на штафелајното сликарство низ историјата.Мерсад Бербер

Изложбата ќе биде поставена до 20 декември во галеријата Ел Греко на ул. Максим Горки 17.