Создавањето на фотографската докумен­тација на Етнолошкиот музеј започнува со еден од најталентираните македонски фо­тографи – Благоја Дрнков. „Во една своја изјава, зборувајќи за универзалната моќ на фотографијата, тој ќе истакне: ‘Таа е над сè, затоа што таа може повеќе од што било на овој свет. Ако нема фотографија, нема да има документ’. А тој, како голем мајстор, со исклучителна оригиналност и авторски пристап, на волшебен начин го преобликува документот во вистинско уметничко дело“, посочува Јован Шурбаноски, авторот на изложбата „Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“ во Музејот на Македонија

Во чест на работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков во Музејот на Македонија, токму во оваа установа е отворена изложбата „Повеќе од зборови –  Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“, која посетителите ќе можат да ја видат до 28 март. На изложбата се презентирани 35 фотографии на овој доајен на етнолошката фотодокументација, кои се скенирани и дигитално обработени од оригиналните негативи од музејската фототека и репродуцирани на врвна архивска хартија со пигментни мастила.

Како што е познато, Дрнков (1914 – 2012, Скопје) оставил ненадминлива колекција фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Неговата биографија е импозантна, има учествувано на голем број изложби во земја­ва и во странство, има добиено бројни престижни награди, признанија и одликувања, богата филмографија, значајни монографии, каталози и други публикации. За неговото творештво пишувале еминентни домашни и странски експерти во реномирани списанија и публикации, допирајќи ги во своите анализи сите фази и аспекти на неговиот слоевит, разновиден и богат творечки опус.

„Но, она што остава впечаток е дека периодот од 1953 до 1957 годи­на, кога бил Благоја Дрнков фотограф и филмски снимател во Етнолош­киот музеј во Скопје, е само попатно, фактографски евидентиран, иако познавачите на неговото дело сметаат дека неговиот најплоден период се токму педесеттите години на 20 век. Оттука, оваа изложба претставу­ва обид да потсетиме и да ги потенцираме неговите високи дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство, како и огромното значење за унапредувањето на музеоло­гијата и етнологијата“, посочува авторот на изложбата и каталогот, Јован Шурбаноски.

Како што истакнува тој, главен извор на податоци за работата на Дрнков во Музејот била прва­та инвентарна книга на негативи водена од 1953 до 1977 година.

„Тоа е еден драгоцен документ, во кој не само што е запишана фактографијата на фо­тографската историја туку преку неа можеме да го согледаме најзначај­ниот и најплоден период од работата на Етнолошкиот музеј во Скопје. За целиот тој период, во неа се евидентирани преку 5.000 фотографии, од кои речиси половина биле изработени од Благоја Дрнков, токму во периодот од 1953 до 1957“, додава Шурбаноски.

Затоа историјата на Етнолошкиот музеј во Скопје е нерас­кинливо врзана за Благоја Дрнков. Тој оставил богата архива на фотографии и филмски записи, која сведочи за рабо­тата на Музејот и за сите негови активности.

„Дрнков, неретко во многу кус временски период и во многу тешки временски услови, ја пропатувал речиси целата држава, како сведок и визуелен хроничар на многу наста­ни, обичаи, ритуали и овековечил предели, градови и села, кои сега имаат сосема друг лик. Во економски многу тешките поство­ени педесетти години на минатиот век, со многу лоша, особено патна, инфраструктура, вработените во Етнолошкиот музеј во Скопје постигнале извонредни, просто неверојатни херојски достигнувања на сите полиња. Некако се чини дека најтешките времиња биле златни времиња за музејската дејност“, посочува Шурбаноски.

Работата на Дрнков во Етнолошкиот музеј на Македонија се одвива во исто време со почетоците и развојот на самата институција. Ова е од големо значење за Музејот, бидејќи токму во тоа време започнува да се создава музејската колекција или музејскиот фонд и да се воспоставува фотографската документација.

Како што потсетува Шурбаноски, со доаѓањето во Етнолошкиот музеј во Скопје, Дрнков придо­нел во формирањето на фотолабораторијата каде што се вршеле фото­графски, но и филмски снимања, не само од терени туку и фотодокументи­рање на предметите од музејските збирки и друг илустративен материјал од музејот за потребите на картотеката. Сиот снимен материјал бил организи­ран во фототеката и кинотеката, како и во стручната картотека.

Првите фотографии внесени во колекцијата на Музејот, кои дати­раат од 1937 година, се фотографирани од Благоја Дрнков. Тие јасно укажуваат дека фотографот се интересирал за традиционалната култура уште пред да биде основан Етнолошкиот музеј на Македонија и дека неговото вработување во Музејот било само форма на продолжување на неговите работа и креативност, односно негов интерес за фотографирање на секојдневниот живот, работата и ритуалите. Доказ за оваа фасцинација со ритуалите може да се види токму во овие први три фотографии зачувани во колек­цијата на Музејот, на кои се овековечени сцени од принесувањето крвна жртва во скопското село Усје, кое денес е дел од урбаното јадро на градот.

„Она што го издвојува Благоја Дрнков е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистра­ција на факти туку визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија. Неговите фотографии се врежани во колективната визуелна културна меморија на нашата земја, оставајќи ни многу повеќе од зборови. Во една своја изјава, Благој Дрнков, зборувајќи за универзалната моќ на фотографијата, ќе истакне: ‘Таа е над сè, затоа што таа може повеќе од што било на овој свет. Ако нема фотографија, нема да има документ’. А тој, како голем мајстор, со исклучителна оригиналност и авторски пристап, на волшебен начин го преобликува документот во вистинско уметничко дело“, додава Шурбаноски.

И на крај, фотографиите на Благој Дрнков претставени во оваа излож­ба би можеле да дадат скромен придонес во дискусиите за положбата на фотографиите во музеите, потсетувајќи нè дека фотографиите од статусот на помошно средство во фототеките како документи, можат да се најдат во престижното друштво на музејските збирки. (Н.И.Т.)