Во административната зграда на Музејот „Д-р. Никола Незлобински“ Струга, на 31 август (20 часот), ќе биде отворена изложба на Дијана Томиќ Радевска.

“Изложбата e посветена на моето семејство – враќајќи се во градот на предците презентирам историско интимно раскажување. Колекционирањето на стари семејни фотографии, аналитично го дополнуваат приказните кои обработуваат едно време, еден народ, една историја. Времето е незапирливо а испрекинато низ мислите. Фотографиите, дигитално отпечатени, се поставени во јукстапозиција, со графички листови, со цртежи и со видео, како концепт на документ и истражување. Поставувајќи ја оваа изложба интердисциплинарно и “in situ”, користејќи делови од куќата и фасадата на Музеј ,,Др. Никола Незлобински” кој припаѓал во минатото на моето семејство (дедо по мајка) Несторови го заокружувам концептот“, вели Томиќ Радевска.

Дијана Томиќ Радевска(1961), Скопје е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт инсталација, арт видео и дизајнер. Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика.

Дипломирала во 1984 година на одделот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје.
Член е на ДЛУМ од 1985 година. Реализирала бројни групни и самостојни изложби и студиски престои. Работи и има статус на самостоен уметник.