Изложбата „Јас и ти, едно сме“ круна на проектот „Уметност за сите“ во Чифте-амам 

97

„Со изложбата ‘Јас и ти, едно сме’ на 4 декември во Чифте амам во 12 часот доаѓаме на самиот крај од проектот ‘Уметност за сите’, поддржан од Холандската амбасада и воедно го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби -3 декември“, изјави Маја Димитрова, едукатор во Националната галерија на Македонија.

Станува збор за изложба која е работена по моделот на социјална инклузија на деца од редовната настава со деца од училиштето со оштетен слух и говор ДУЦОР „Партенија Зографски”.

„Од работилниците кои се одвиваа во изминатиов период произлезе и самата изложба што е круна на проектот кој ги опфати сите групи на попречености на деца без разлика на вера, пол, попреченост. Во секој сегмент од проектот децата работеа на нова сликарска техника за да развиваат нови вештини, пришто ликовната вредност на делата беше ставена во втор план, а многу повеќе се осврнавме на нивното дружење и запознавање. Така децата од редовната настава го научиле јазикот на глувонемите, а децата со оштетен вид или слух имаа можност да излезат од нивната изолирана средина, да се дружат со своите врсници и да бидат прифатени“, додаде Димитрова, која посочи дека иако едукативниот проект на Националната галерија на Македонија, а финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија завршува, активностите кои се посветени на овие категории на деца ќе продолжат и идната година независно дали ќе бидат поддржани.

Таа потсети и дека покрај овој проект, Националната галерија на Македонија наназад работи и со деца од основните училишта каде како тема се годишните ретроспективни изложби на оваа институција. „Ако пред три-четири години беше изложбата ‘Мазев и јас’, при што децата работеа на големи платна и со бои, наредната година беше циклусот работилници ‘Дада и јас’ каде се работеа скулптури од стиропор и од глина и го запознаваа творештвото на Драган Попоски Дада. Оваа година се реализираше проектот ‘Динка и јас’ и децата изработуваа плакати и логоа. Идната година, пак, ќе го работиме творештвото на Димче Коцо. За мене голема радост е што едно дете од трето или четврто одделение точно знае да разликува кој е Мазев, кој е Дада, кој е Борко Лазески, а тоа е само заради ваквите работилници каде децата директно се вклучени во креативниот процес“, додаде таа. (Н.И.Т.)