Изложбата “За неа“ по повод 8 Март: Во Чифте-амам дела на кои е претставена жената со сета своја убавина

21

По повод 8 Март, во Чифте амам ќе биде поставена тематската изложба “За неа“ со околу 70 дела инспирирани од жената, а кои Националната галерија на Македонија ги има во својата колекција. Изложбата, ќе биде отворена на 7 март, во 20 часот, од Ана Мартиноска, професорка на Институтот за македонска литература и кураторот Горанчо Ѓоргиевски, а публиката ќе може да ја посети до крајот на месецов.

“Соочени со темите од историјата на уметноста каде што жената е постојано присутна, од предисторијата преку антиката, хуманизмот и ренесансата, па се до модернизмот и рецентноста, во македонската и регионалната модерна и современа уметност среќаваме сцени каде што жената е непресушна инспирација за уметниците. Со почит кон светскиот ден на одбележувањето на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, на изложбата ќе бидат претставени дела на уметниците низ чија призма на гледање е претставена жената во сета своја убавина како мајка, идеал, борец, инспирација, љубовница, посакување…“, истакнаа од НГМ како најава за изложбата.

Во колекцијата на Националната галерија се застапени дела на македонските автори (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев…), но и помладата генерација (Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов и др.) како и дела од автори од бившите југословенски простори (Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ…), каде што девојката, жената, мајката се инспирација во нивното творештво.