Излезност речиси двојно помала отколку на последните избори

119

Катастрофално мала излезност, речиси двојуно помала отколку на последните избори имаше на вчера одржаниот референдум, на кој граѓаните имаа опција да се изјаснат за и против влез на Македонија во ЕУ и НАТО, но под услов да го промени името. Државната изборна комисија соопшти дека излезноста изнесувала 35,85 проценти, а тоа е далеку од предвидениот цензус за успешен референдум, кој изнесува 50 плус еден од вкупниот број запишани во избирачкиот спиисок. Или, за да успее референдумот требале да гласаат 903.169, а гласале 478.805 лица.

Над 91 проценти од избирачите кои излегле на гласање ја заокружиле опцијата”за”, а помалку од 10 проценти се против. Ова упатува на констатацијата дека својот глас решиле да го дадат поддржувачите, додека пак, противниците всушност и не излегле на гласање.

Или според податоците од веб-страницата на ДИК пред затворањето на весникот, од 77,28 проценти обработени ливчиња, “за” гласале 91,24 од излезените избирачи, или 436.867, додека против биле 5,84 проценти или 27.960 излезени гласачи.

Општина со најголема излезност до 18:30 часот е Сарај со 65,59 отсто. Во оваа општина цензусот беше “фатен” уште во 17 часот. Поголем одѕив на гласачи имаше и во Студеничани, 44,46 отсто, Пласница 44,01, Дојран 42,32 отсто, Карпош 42,67 отсто, Крушево 41,93, Арачиново 49,36 отсто. Општини со најмала излезеност се Илинден со 16,98, Могила со 21,19 и Ново Село со 16,22 отсто.

Генералната оценка на ДИК е дека референдумскиот ден поминал мирно.

– Денот помина добро, атмосферата тука и во целата држва беше многу добра со исклучок на одредени инциденти кои се појавија во попладневните часови. Но по брзата реакција и на општинските изборни комиси и на избирачките одбори и на другите органи кои се задолжени да го спроведуваат редот во државата, одредени инциденти беа санкционирани, оцени претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, на една од неколкуте прес-конференции во текот на денот и додаде дека ги критикува сите оние кои во текот на денот ја нарушувале добрата слика.

Тој потенцира дека доколку има основ, ДИК ќе преземеме одредени постапки кон сторителите на одредени инциденти, особено ако се настанати од членови на избирачки одбори како учесници во овој процес.

Од Државната изборна комисија информираа и дека во текот на денот разгледувале приговори од граѓани кои не го оствариле правото на глас бидејќи ги немало во Избирачкиот список. За 99 отсто од овие приговори Комисијата донела решение за нивно одбивање. Се работи за граѓани со истечена важност на личните документи или, пак, за малолетни лица кои се стекнале со полнолетство во периодот од распишување на референдумот до завршување на јавниот увид.

На вчерашниот референдум се гласаше на 3.478 места избирачки места во 80 општини.

Од ДИК информираа дека гласањето во сите избирачки места завршило во предвидениот рок, односно дека во ниту едно избирачко место по 19 часот не продолжило гласањето.

До затворањето на весникот ДИК не ги соопшти прелиминарните резултати. Според изборната регулатива општинските изборни комиси се должни најмногу во рок од три часа да го соберат избирачкиот материјал и да ги достават записниците во ДИК.