Изградена првата куќа од проектот „Топол дом“ во Ѓорче

135

Здружението „Проект среќа“ како дел од проектот за реконструкција и градење на домови на семејства со деца, кои живеат во тешки и нехумани услови „Топол дом за сите“, во февруари почна со изградба на куќа на семејството Симоновски од Ѓорче Петров, Скопје – самохран татко на пет мали деца.

Сенатор Казина и хотелот „Paint It Black“ од Гевгелија се пријавиле како главен донатор за градежните работи за цела куќа.

– Тие дојдоа со своја екипа, и со неверојатен професионализам, и употреба на најквалитетни материјали, ја реализираа изградбата од кров до под. Во текот на градбата, се јавија и останати компании кои сакаа да учествуваат, па на 10 март завршивме со комплетна изградба на целата куќа, која беше во многу лоша состојба, во фаза на карабина, без електрични и водоводни инсталации- соопштија од здружението.

Оттаму велат дека тие деца кои спиеле на под, без тоалет, за прв пат имаат своја соба, кревети, тоалет, вода, струја, и се што еден дом треба да поседува.

– Ние веќе ги имаме селектирано следните 10 семејства, на кои сакаме да им изградиме таква среќа, и да им го смениме животот од корен, нудејќи им за прв пат, вистински дом во каков секое дете треба и има право да живее- велат од здружението.

Заради кризата со коронавирусот, информираат, активностите се моментално запрени, но се надеваат дека многу наскоро ќе продолжат со проектот.

– Апелираме до сите компании, особено градежни компании кои се бават со било кој сегмент од градба и уредување, да се пријават и заеднички да изградиме среќа и топол дом за огромен број деца од цела земја- потенцираат од здружението.

 Извор:МИА