Изгор цени за нашите ски-центри, Пониква три пати поскапа од Златибор

Задоцнетите врнежи од снег, многуте инфраструктурни проблеми, старите и нереновирани сместувачки капацитети и недостигот на инвестиции се главните проблеми со кои со години се соочуваат зимските туристички центри во државата. Туристичките работници велат дека домашните ски-центри се многу скапи и поради тоа, продажбата на аранжмани оди тешко. Зошто некој би одел на Пониква кога е три пати поскапа од Златибор?

1139

На повидок е уште една пропадната зимска туристичка сезона. Странски туристи нема, а нема ниту најава дека ќе дојдат. Задоцнетите врнежи од снег, многуте инфраструктурни проблеми, старите и нереновирани сместувачки капацитети и недостигот на инвестиции се главните проблеми со кои со години се соочуваат зимските туристички центри во државата. Туристичките работници велат дека домашните ски-центри се многу скапи и поради тоа, продажбата на аранжмани оди тешко. Зошто некој би одел на Пониква кога е три пати поскапа од Златибор?

Од туристичкиот сектор велат дека е потребен развоен план, кој ќе ги убеди инвеститорите да инвестираат во нашите зимски туристички центри.

– Сè се сведува на дневни туристи од Македонија и од регионот. Има и туристи во помали групи, кои практикуваат слободно скијање, слободен сноубординг, екстремни спортови на снег, за кои нашите ски-центри се рангирани меѓу најдобрите во Европа. Но, и покрај тоа, немаме доволно туристи. Тоа се должи на недоволното вложување во сместувачки капацитети и потребата од нивно реновирање, како и нови сместувачки капацитети – вели за ВЕЧЕР Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Според него, изостануваат долгорочен план и стратегија за развој на нашите ски-центри за да можат да бидат понудени од тур-операторите и за да станат конкурентни со оние од регионот.

– На нашите планини не треба да се сетиме само кога е зимска туристичка сезона. Тие нудат можности и се доволно атрактивни туристички дестинации за четири сезони. Поради тоа, треба постојано да вложуваме во нив и да ги развиваме руралниот туризам, екотуризмот… – вели Јаневски.

Проблем беа и задоцнетите врнежи од снег, а многу зимски туристички центри останаа и без снег. Годинава, немаше снег кога беа децата на распуст и кога вообичаено, поради новогодишните и божиќните празници, има најмногу гости.

– Мислам дека најголем проблем е што хотелите во нашите ски-центри се многу скапи. Не дека нашите туристички агенции не ги нудат, туку имаат зимски аранжмани што се далеку поевтини од Пониква, Маврово, Попова Шапка… Ако понудат пониска цени, тогаш ќе има интерес и за нашите. Луѓето гледаат каде е поевтино. Зошто да оди седум дена на Пониква, а да не оди седум дена на Златибор, кој е поевтин? – изјави за ВЕЧЕР Аркан Керим, претседател на Tуристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Тој додава дека зимските центри во регионот имаат трипати пониски цени од нашите. Така, на пример, во 2017 и 2018 година, 400 илјади македонски туристи зимувале во туристичките центри во Бугарија. Годинава, интересот за Бугарија е послаб поради политичката ситуација, ама затоа одат во Србија.

Туристичките работници се согласни дека треба да се направат многу напори од сите чинители во државата и да се вложат многу пари за да се привлечат повеќе гости, да има повеќе содржини…

(А.С.)