Извршителите да не блокираат сметки и да почитуваат застарување на долг

42

Да престане блокирањето на сметките, присилната наплата на долгот да не трае подолго од две години и да се почитува застареност на долговите, побараа граѓаните кои вчера трет вторник по ред протестираа пред Министерството за правда, на повик на иницијативата Стоп за извршителите.Тие исто така бараат и комплетна ревизија на работењето на извршителите.

– Живееме во едно неправедно и неправично општество. Тука се случува еден социјален феномен кој ги донесува луѓето во должничко ропство.Тој социјален феномен е девијантен. Зошто? Затоа што се работи за преголеми долгови кои се виртуелни каде што главниците се многу мали во однос на нереалното што луѓето го плаќаат. На тој начин луѓето влегуваат во должничко ропств. Оние тужат ретроактивно, а не сакаат ретроактивно да направат закони. Ако донесат нов закон за нова висина на камата, таа висина би требало да важи ретроактивно, истакна Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Марјан Ристески, еден од иницијаторите на протестот праша зошто извршителите не се вратат да работат во суд за плата, кога веќе се жалат дека не можат да преживеат, немаат профит зашто им е намален обемот на работа.

-Што е во прашање, зошто не се враќаат? Во прашање се парите. Сакаат и понатаму да крадат, понатаму сакаат да одат на егзотични патувања. А овој народ не може да преживее. Бараме ветинг и за извршителите и ревизија на нивната работа, рече тој.
Насобрание граѓани порачаа дека нема да се задоволат само со ветувања, побараа конкретни резултати. Тие најавија дека ќе протестираат се додека надлежните не преземаат конкретни мерки.