Извозниците за настап на саеми не знаат колкава е државната поддршка

Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија бара да се сублимираат сите средства и да може да се аплицира на едно место за да се поедностават процедурите и да се знае точно колкава е поддршката

109

Државата да определи една институција која ќе им дава финансиска и логистичка поддршка на компаниите извознички за учество на саеми со цел олеснување на процедурите за извоз и намалување на административните трошоци. Ова е едно од барањата на компаниите членки на Клубот на извознички при Стопанската комора на Македонија, кои покрај промена на системот за промоција апелираат на поголемо здружување и заеднички настап за помали трошоци и поголема конкуренција.
Во сегашната законска регулатива постојат неколку можности како извозните компании можат да дојдат до средства за поддршка на саемски манифестации. Преку Закон за финансиска поддршка на инвестициите, преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво од Министерството за економија со кои се покрива до 60 отсто од трошоците за закуп на штанд, следен извор на средства е преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција, како и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на нашата земја.
Ставот на Клубот на извозници при СКМ е дека е потребно да се сублимираат сите овие средства и да може да се аплицира на едно место за да се поедностават процедурите и да се знае точно колкава е поддршката.
Според извозниците, саемите се многу важни за изнаоѓање на потенцијални партнери од странство, затоа сметаат дека оваа иницијатива ќе придонесе за зголемување на извозот од државата. Поради тоа, тие бараат да не се изнајмува најевтиниот штанд како досега, бидејќи сите држави гледаат да се претстават што е можно подобро туку да се здружат и да откупат поголем штанд и да остават подобар впечаток.
-Потребно е да се направи среднорочен план и за оваа намена да се определат средства три години однапред, бидејќи аплицирањето за најголемите саеми во светот се одвива година и пол пред неговиот почеток. Да се редефинира моделот на заедничко изложување на меѓународните саеми на концептот национален штанд, односно штандот да не биде одбран само поради најниската цена туку поради најатрактивната локација која ќе биде примамлива за посетителите, вели претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.
Според него, национален штанд не е добро решение, бидејќи не може на едно место да изложуваат и компании од прехранбена и компании од електро и метална индустрија.
Според Горан Антевски, заменик-претседател на Клубот потребно е компаниите да се здружат, да закупат поголеми и поатрактивни штандови и да ги намалат трошоците за изложување на саеми.
-Најголема поддршката за настап на меѓународни саеми има Турција која на извозниците им спонзорира 50 отсто од трошоците, затоа тие се најприсутни на сите саеми, имаат голем извоз, а нивната економија постојано расте. За нас тоа е недостижно. Ние бараме барем дел од овие средства да ни се покријат, бидејќи трошоците за закуп на помал штанд од 15 метри квадратни изнесуваат од 25 до 30 илјади евра, вели Антевски и додава дека големите и успешни компании не би биле тоа доколку не се присутни на саеми.
Извозниците се жалат дека нема доволно квалификуван кадар во земјава, а голем проблем им е и тоа што цената на енергенсите постојано растат, па со тоа растат и нивните трошоци. (А.С.)